Вашингтон бара од регионалните сојузници да престанат да флертуваат со Пекинг

Во изминатите 50 години, САД доминираа во Персискиот Залив, без да бидат предизвикани од другите големи сили. Но Пекинг сега можеби сака да ги предизвика САД и да го промовира своето воено влијание во уште еден стратегиски регион

За една генерација, Кина го прошири својот економски пристап до Блискиот Исток, но во голема мера остана дипломатски неутрална и воено отсутна. На пример, Пекинг одржува добри дипломатски односи со Израел, Саудиска Арабија и со Иран. Кина честопати беше воздржана во однос на спорните резолуции на Советот за безбедност на ОН. Бродовите на кинеската морнарица повремено се вкотвуваат во иранското пристаниште Бандар Абас. Сепак, кинеската невоена операција за евакуација од Либија во почетокот на граѓанската војна во земјата беше далеку помалку координирана и ефективна отколку што тврдат кинеските власти.

Обидот на претседателот Си Џинпинг да ја покаже воената моќ не може да биде ограничена на периферијата на Кина, во Хонгконг, Јужно Кинеско Море и Ладах. На пример, Кина не само што постави воена база во Џибути на неколку километри од американското присуство, таа исто така започна да им се меша на американските пилоти во регионот.
Сега, според иранските медиуми, Кина може да бара трајна база во Персискиот Залив. Маџид Реза Харири, портпарол на Заедничката трговска комора на Иран и на Кина, го поврза зголемениот ангажман на Кинезите и со договорите од времето на бившиот претседател Махмуд Ахмединеџад и со посетата на Си на Иран во 2015 година, при која кинескиот претседател се состана и со врховниот лидер Али Хаменеи и со претседателот Хасан Рухани, и потпиша договори, кои ги вклучуваат и безбедносниот и воениот сектор.

Во рамките на иранскиот парламент, сега се шират гласини дека еден од овие договори вклучува закуп на објекти на островот Киш. Гласините за наводниот закуп почнаа да се појавуваат во конзервативната иранска новинска агенција „Тасним“ во февруари 2020 година. Алеф.ир, веб-страница за вести поврзана со конзервативниот парламентарец Ахмад Таваколи, го цитираше Хасан Норузи, пратеник во парламентот, најавувајќи дека му пишал на претседателот Рухани да објасни зошто „владите започнаа преговори за предавање на островот Киш на Кинезите на 25 години“. Откако се пожали на тајниот пристап на Владата во досегашното работење со Пекинг, Норузи најави дека ќе ја блокира зделката.
– Ако има дискусија за ова, ние дефинитивно ќе го запреме, а кинеските власти исто така треба да знаат дека таквите трансфери нема да се случат – порача тој.
Додека популистичката реторика на Норузи може да резонира кај неговите гласачи од работничката класа во Робат Карим, сиромашна област во близината на меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“ во Техеран, парламентарниот гнев не е фактор во иранските калкулации за безбедност и одбрана.

Во практика, избраниот парламент во Иран нема моќ да им се спротивстави на војската, Министерството за одбрана или врховниот лидер. Сепак, фактот што тој јавно ги упатува таквите закани сугерира дека има некаква вистина во гласините и дека кинеската иницијатива или напредува или станува сѐ повидлива.
Во изминатиот половина век, САД во суштина доминираа во меѓународните води во Персискиот Залив и не беа предизвикани од која било голема сила. Сепак, како во Јужно Кинеско Море, претседателот Си можеби има амбиции да ги предизвика САД и да го промовира кинеското воено влијание во уште еден стратегиски регион.
Растечката воена моќ на Кина има различни последици. Премногу често, Стејт департментот претпоставуваше дека во своите иницијативи ќе биде следен од членките на Советот за соработка во Заливот.

Арапските држави од Персискиот Залив можеби се фрустрирани од Вашингтон, но тие разбраа дека заканата од Техеран значи дека тие немаат друг избор освен да се справуваат со американска ароганција. Непријателството кон Саудиска Арабија на партиско ниво и на ниво на Конгресот, сепак, ги поттикнува нејзините лидери да бараат рамнотежа. САД се способни да ги распоредат своите сили, но сепак не се навикнати на натпревар со други сили во тој регион. Како и да е, сѐ поитно и појасно е дека Вашингтон повеќе не може да ги земе здраво за готово Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Бахреин, а уште помалку Кувајт, Катар и Оман.
Исто така, растечките воени амбиции на Кина во регионот значат дека за САД е од суштинско значење Израел да престане да флертува со Пекинг. Една генерација израелски лидери се обиде да седи на две столчиња, да одржува партнерство со САД и да ѝ продава чувствителни воени технологии на Кина. Многу израелски функционери сметаат дека со култивирање на односите со Кина, Израел може да го спречи Пекинг целосно да се сврти кон регионалните режими.

Тоа и претходно беше наивно, но ако Кина гради база во Персискиот Залив, треба еднаш засекогаш да ѝ се стави крај на таа илузија. Ако Израелците не заклучат слично, тогаш е време и републиканците и демократите да ги разгледаат континуираните гаранции за одржување на квалитативната воена предност на Израел. На крајот на краиштата, американските инвестиции во безбедноста на Израел секогаш беа дел од пошироката стратегиска калкулација на САД. Ако Израел стане стратегиски товар во новата Студена војна, тој ќе ги принуди САД да ја ублажат регионалната закана врз своите сили што би можела да произлезе од објавувањето и споделувањето на чувствителните израелски технологии.