Американското повлекување од „вечните војни“ во Авганистан и Ирак може сепак да го отвори патот за Пекинг да се наметне во овој регион од светот, пишуваат Стивен А. Кук и Џејмс Грин за „Форин аферс“

Инвестициите и економската соработка се приоритет за втората светска економија

Во изминатите неколку години беше забележана промена на парадигмата во американската надворешна политика. Блискиот Исток повеќе не е меѓу приоритетите на Вашингтон. Како што се одвиваше американското повлекување од регионот, аналитичарите, колумнистите и избраните лидери предупредуваа дека Кина е подготвена да го заземе местото на САД во дел од светот каде што Вашингтон беше долги години доминантен. Но дури со завршувањето на повлекувањето на САД од Блискиот Исток, некои од заедницата на американската надворешна политика веруваат дека регионот ќе биде едно од местата каде што ќе се одвива таканаречениот натпревар на силите меѓу Вашингтон и Пекинг. Овие аналитичари се повикуваат на кинеските инвестиции во областа, нејзините билатерални договори со регионалните сили, воената база во Џибути и сè поблиските врски на Пекинг со Иран. Американските концепти за улогата на Кина на Блискиот Исток честопати се формирани од сопственото тамошно искуство на Вашингтон, кое е дефинирано од воените сојузи и оружените интервенции, отколку од реалното однесување на Кина. Во реалноста, зголеменото присуство на Пекинг не е толку мотивирано од желбата за хегемонија колку што е од економски причини и од внатрешната политика. На крајот, Кина можеби ќе стане доминантна сила во регионот, но ако се случи тоа, повеќе ќе биде благодарение на големите стратегиски планови на Пекинг отколку на бавното но сигурно повлекување на Вашингтон од Блискиот Исток.

Економијата има главен збор

Во изминатите две децении, Пекинг посвети значително време и средства за градење дипломатски и трговски врски со сите главни играчи на Блискиот Исток. Малку држави може да се пофалат дека имаат добри односи со Иран, Израел, Саудиска Арабија и земјите од Персискиот Залив, а токму одржувањето на рамнотежата е клучен елемент во кинеската регионална стратегија. Кога кинескиот претседател Си Џинпинг го оствари првото патување во регионот во јануари 2016 година, тој прво ја посети Саудиска Арабија, со која потпиша договор за сеопфатно стратегиско партнерство. Потоа директно замина за Техеран, а истото тоа го стори и со Иран. Овие потези натераа многумина, вклучувајќи експерти за надворешна политика, колумнисти за познати весници и членови на американскиот Конгрес да заклучат дека Кина негува големи регионални амбиции. Според нив, единствената позиција на Блискиот Исток како логистички центар, со нафтени ресурси и идна крстосница во светската трговија го прави регионот клучна цел во сè понаметливата надворешна политика на Си во изминатите неколку години. Но, сепак, погрешно е да се носат заклучоци за пристапот на Пекинг кон Блискиот Исток врз основа на наметливото однесување во Источна Азија и други делови на светот. Иако кинеските лидери можеби сакаат да ги победат САД во многу домени, сепак постојат малку докази дека таквите напори се однесуваат и на Блискиот Исток. Со оглед на американските авантури во Авганистан, Ирак и на други места, кинеските политички елити одамна заклучија дека регионалните политики на Вашингтон ја поткопаа неговата големина, го намалија неговото светско влијание и го отворија патот кон релативно слабеење на моќта. Пекинг не планира да го следи неговиот пример.
Она што навистина го поттикнува кинеското присуство на Блискиот Исток е брзиот економски развој на државата. Меѓу 1990 и 2009 година, кинескиот увоз на нафта од Блискиот Исток се зголеми за десет пати. Во 2019 и 2020 година, земјите од Персискиот Залив обезбедуваа околу 40 отсто од кинеските нафтени резерви, од кои 16 отсто беа само од Саудиска Арабија, која е најголемиот извозник на сурова нафта за Кина.

Ирак, каде што САД потрошија илјадници милијарди долари на режимска промена, е меѓу петте главни снабдувачи на Кина со нафта, а Иран е на осмото место.
Кинеските економски врски со Блискиот Исток не се ограничени само на енергијата. Државата исто така ги проширува врските преку иницијативата „Појас и пат“, поради која Кина сега е единствениот најголем инвеститор во регионот и најголемиот трговски партнер на 11 држави од Блискиот Исток. Таа ја финансираше изградбата на пристаништа и индустриски комплекси во Египет, Оман, Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати и Џибути, каде што се наоѓа единствената надворешна воена база на Пекинг. Овие објекти се наоѓаат во клучните точки што го поврзуваат регионот со остатокот од светот, а тоа се Персискиот Залив, Оманскиот Залив, Црвено Море, Теснецот Баб ел Мандеб и Суецкиот Канал. Успешноста на иницијативата зависи од тоа дали овие артерии ќе бидат отворени.
Кинеските економски приоритети на Блискиот Исток, заедно со дипломатијата што е потребна за нивно проширување, објаснуваат голем дел од нејзиниот досег во регионот. На почетокот од годинава, Пекинг го склучи долгоочекуваниот договор за „стратегиско партнерство“ со Техеран. Договорот со важност од 25 години, кој вклучува ветување од 400 милиони долари во кинески инвестиции во замена за нафта по ниски цени и зголемена безбедносна соработка, ги изненади сите во Вашингтон. Истовремено, пактот на Пекинг со Иран беше разбирлив одраз на кинеските економски и дипломатски интереси. Со оглед на статусот на Иран како еден од главните снабдувачи на Кина со нафта, Пекинг има интерес да не дозволи иранската влада да падне под американскиот дипломатски и економски притисок. Иако Пекинг можеби не се согласува со активностите на ирански спонзорираните вооружени групи во Левантот или во Персискиот Залив, кинеските власти не гледаат потреба да ги прекинат врските со Техеран околу таквите прашања.

Внатрешни работи

Кинеските политики не се вртат само околу нафтата. Кина успешно користеше комбинација на дипломатија, нови инвестиции и пазарна разновидност за да одговори на зголемената домашна побарувачка на фосилни горива. Суровата нафта од САД, природниот гас од Австралија и домашното производство на јаглен го дополнуваат зголемениот кинески увоз од Блискиот Исток. Инвестициите во обновливата енергија исто така неизбежно ќе надоместат дел од зависноста на земјата од јаглеводороди. Наместо да го гледа Блискиот Исток само како енергетски извор, Кина исто така на врските со него гледа како на гаранција за заштита од внатрешната закана на сепаратистичкото движење меѓу претежно муслиманските Ујгури во автономниот регион Синџијанг.
Кинеските лидери одамна се надеваа дека со негување блиски врски со блискоисточните и централноазиските режими, тие ќе можат да ја спречат надворешната поддршка за ујгурските сепаратисти и да ги пресечат во корен прекуграничните исламистички мрежи. За разлика од Вашингтон, присутноста на Пекинг на Блискиот Исток изгледа дека функционира. Преку постојана дипломатија, набавки на јаглеводород и масовни инвестиции, Пекинг успеа во намерите да ги одврати владите и верските организации во претежно муслиманските земји од обезбедување материјали и реторичка поддршка за Ујгурите или да ја критикуваат Кина во нејзините постапки. Многу од тие влади и организации ги оценија строгите мерки како внатрешно прашање на Кина. Други дури и соработуваа со Пекинг против ујгурските активисти. Владини претставници во Саудиска Арабија, Турција и ОАЕ гонеа и наводно депортираа Ујгури по налог на Пекинг.

Акцент и на модернизација на војската

Фактот што кинеските политики на Блискиот Исток генерално водат потекло од домашните економски и политички размисли не значи дека Вашингтон треба целосно да биде незагрижен за кинеските постапки во регионот. Кинеското лидерство останува посветено на воената модернизација и платформите за проектирање моќ што можат да го опфатат и Блискиот Исток. Кинеското учество во противпиратската единица во Аденскиот Залив, на пример, може да се сфати како посветеност на меѓународната соработка, но искуството исто така ќе ѝ помогне на кинеската морнарица да се подготви за идни мисии надвор од кинеското крајбрежје.
Јасно е дека САД и Кина имаат различни интереси на Блискиот Исток, но заклучокот дека Пекинг сака да го замени Вашингтон во регионот едноставно не е поткрепен со постојните докази. Кинеското лидерство ќе се залага за спроведување на своите цели без разлика на желбите на Вашингтон. Во овие околности, мали се шансите дека Кина сака конфликт, а преферира да гради врски со разни земји во регионот за да добие пристап до нафта и до нови пазари. Тоа ќе резултира со голем натпревар со Вашингтон за влијание, додека регионалните сили ќе маневрираат меѓу САД и Кина, надевајќи се дека нема да имаат потреба да избираат страна. Со оглед на тоа што блискоисточните лидери ќе останат наклонети на Вашингтон, САД ќе ја задржат позицијата на моќ во натпреварот. Ако намалувањето на моќта на Вашингтон почнува повеќе да личи на повлекување од регионот, тогаш овие лидери може да почнат да се оддалечуваат, а во тој случај Кина на крајот може да стане доминантна сила на Блискиот Исток, и покрај тоа што нема намера да го стори тоа.