Додека светот сè уште е во фаза на транзиција со 5Г, истражувањата се веќе во тек за новата верзија на технолошкиот стандард за мобилни широкопојасни мрежи, поточно 6Г. Според еден информациски документ на „Самсунг“, просечно се потребни десет години за нов стандард да биде подготвен за комерцијализација, а за 5Г беа потребни осум години. Технолошкиот гигант посочи дека новата 6Г-мрежа би можела да биде воведена од 2028 до 2030 година, нагласувајќи ја итната потреба за постигнување напредок.
Како што покажува инфографикот, Кина е државата што предводи во овој потфат. Податоците од Сајбер-креативниот институт покажуваат дека од околу 20.000 апликации за патенти поврзани со 6Г, заклучно од август 2021 година, 40,3 отсто од нив потекнуваат од азиската суперсила. САД не заостануваат многу и имаат удел од 35,2 отсто од апликациите додека домот на „Самсунг“, Јужна Кореја, е на петтото место со 4,2 отсто, кога во комбинација влегуваат и апликациите од европските држави. Изворот ги оцени апликациите за патенти за девет основни 6Г-технологии, вклучувајќи комуникација, квантна технологија, базни станици и вештачка интелигенција. Се очекува 6Г да биде околу десет пати побрз од 5Г.