Сѐ погласни се повиците Кина да испрати бродови во стратегиски битниот Ормутски Теснец кај Персискиот Залив, низ кој поминува голем дел од светската нафта

САД годинава повеќепати беа на работ на конфликт со Иран. Прво беа нападнати неколку нафтени танкери. Во јуни, Иранците соборија доста скап американски дрон. Потоа во септември следуваа напади против саудиските нафтени капацитети. Јастребите во Вашингтон се гневни зашто Пентагон не добива дозвола да му одржи лекција на Техеран. Според нив, загрозен е американскиот кредибилитет во целиот свет.

Оние што се против интервенции, пак, ја слават очигледната неподготвеност на претседателот на САД, Доналд Трамп, да почне нова војна на Блискиот Исток. Тие се радуваат и на делумното повлекување од Сирија и забележуваат дека тензиите со Иран потекнуваат од повлекувањето од нуклеарниот договор. Џон Болтон беше избркан од Белата куќа, но можеби ја планира својата крајна политичка одмазда. Во секој случај, убиството на лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал Багдади, се чини е совршена можност САД да прогласат „победа“.
Среде сите изненадувачки настани во Персискиот Залив, американските стратези пропуштија да анализираат еден клучен момент за иднината на светскиот поредок. За време на кризата во Персискиот Залив во јуни 2019 година, претседателот на САД даде една доста точна опсервација.

– Кина добива 91 отсто од својата нафта преку теснецот, Јапонија 62 отсто, а и многу други земји. Зошто тогаш со години ги штитиме маршрутите за транспорт на нафта за другите земји без никаква компензација? Сите овие земји треба да ги штитат своите бродови – рече Трамп.
Ваквата изјава, природно, вџаши многумина во Вашингтон, дури и во неговата администрација, бидејќи не можеа да сфатат дека Трамп наводно ја кани Кина да испрати огромен број сили во Персискиот Залив. Според јастребите, САД веќе го предале Јужно Кинеско Море, па ова би можело да биде последниот удар врз долго негуваното американско глобално раководство.
Но што прави Кина со оваа интригантна покана да пие директно од изворот на светската моќ? Списанието „Модерни бродови“ нуди опсежна анализа за ова прашање под насловот „Треба ли Кина да го обезбедува Ормутскиот Теснец?“.
Во анализата се оспорува тврдењето на Трамп дека 91 отсто од кинеската нафта доаѓа преку Ормутскиот Теснец. Иако се признава дека пет од десетте најголеми извозници на нафта во Кина се наоѓаат во Персискиот Залив, исто така се тврди дека вистинскиот процент е околу 44 отсто. Така, се заклучува дека „Кина не е една од најзависните земји од нафтата од Персискиот Залив“.

Во анализата се наведени неколку инциденти во кои кинески цивилни морнари се убиени или ранети во напади врз бродови што минуваат низ Ормутскиот Теснец. Авторот посочува дека е многу лесно една соседна земја да го блокира теснецот, па ниту еден цивилен брод да не може да поминува. Исто така, кинескиот аналитичар вели дека САД и сојузниците распоредиле 175 воени брода за време на војната во Персискиот Залив, но дека осигурувањата на цивилните бродови што пловеле во Заливот истиот период тројно се зголемиле.
Според кинеската анализа, многумина ја повикуваат Кина да испрати свои бродови во Ормутскиот Теснец. Сепак, како што оценува авторот, испраќањето кинески сили во теснецот нема да биде едноставно. Прашањето, вели тој, е кој е непријателот од кого би требало да се бранат Кинезите. Авторот заклучува дека најтежок фактор за безбедноста во регионот се големите тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Понатаму, вели тој, ако кинеските сили треба да патролираат во Ормутскиот Теснец, голема е веројатноста да избие судир со една или повеќе крајбрежни држави на Персискиот Залив. На крајот, аналитичарот заклучува дека е многу поверојатно кинеската морнарица да не ја прифати оваа мисија. Кина нема да преземе никакви активности за поддршка на американските санкции против Иран, но нема ни да ги поддржи нуклеарните планови на Иран. Покрај тоа, Пекинг ќе избегне можност да влезе во конфликт со Саудиска Арабија и Иран, според истата кинеска поморска анализа.

Ако избие војна, тогаш Кина би можела да размисли за испраќање воени бродови. Но засега Пекинг е задоволен да се фокусира на намалување на зависноста од нафтата од Персискиот Залив со зголемување на увозот на енергенти од Русија и од Централна Азија, се вели во анализата. Сепак, во неа се тврди и дека Кина треба „да се спротивстави и да ја намали способноста на другите сили што сакаат да доминираат во теснецот“.

Според кинеската анализа, Пекинг смета дека воената моќ на Иран драматично се зголемува, но исто така смета и дека евентуалната блокада на Ормутскиот Теснец би била Пирова победа за Техеран. Авторот недвосмислено заклучува дека „Кина не треба воено да интервенира во регионот“, но истовремено треба да го проучува и да развие систем за „предупредување во итни случаи“ за да може да одговори на кризи во најнестабилниот дел од светот.
Се чини дека Кинезите засега одбиваат да влетаат во живиот песок на Блискиот Исток, кој ги држи Американците заглавени веќе неколку децении.