Новата деценија веднаш навести големи потреси: убиството на иранскиот генерал Сулејмани ги зголеми шансите за конфликт меѓу САД и Иран

Наредната деценија ќе биде многу различна од сегашните очекувања, прогнозираат експертите

Новата деценија донесе големи изненадувања уште во првите неколку недели. Настаните како што е атентатот на Касем Сулејмани и најавата за нов руски устав на Владимир Путин веќе го брануваат светот. Кога луѓето ја замислуваат иднината, тие обично претпоставуваат дека повеќето работи ќе останат исти или дека трендовите ќе продолжат. Но светот денес изгледа многу различно од очекувањата на луѓето во 2010 година. Едно е сигурно, а тоа е дека светот до 2030 година ќе изгледа многу различно од денешните очекувања. Ова е добра причина да се погледне кон наредните десет години од аспект на неочекуваното. Во прилог се десетте можни настани во наредната деценија.

1. Криза на популистичките диктатури: Во изминатите години, популистите во земји како Бразил и САД ја освоија власта со ветувања дека ќе ја вратат моќта на народот. Но наместо тоа, тие концентрираа уште поголема моќ во своите раце, напаѓајќи независни институции и задушувајќи го слободниот говор. Колку подолго остануваат овие лидери на функција, толку поголеми ќе бидат последиците за обичните граѓани. Економијата може да страда, бидејќи експертите не можат да влијаат врз носењето одлуки. Во таква ситуација, незадоволните луѓе може да им се спротивстават на владите.

2. Намалено влијание на социјалните медиуми: Луѓето денес поминуваат огромно време и внимание на социјалните медиуми. Но вистинската причина зошто некои платформи влијаат врз сѐ е зашто клучните носители на одлуки погрешно ги идентификуваат мислењата на мал број политички ангажирани и екстремни луѓе на социјалните мрежи со ставовите на пошироката јавност. Во минатото, уредниците знаеја дека поекстремни граѓани секогаш испраќаат повеќе писма од просечните читатели, па затоа и ги објавуваа со поголема претпазливост. Денес носителите на одлуки се опседнати од своите потомци. Признанието дека Твитер и другите платформи не го претставуваат реалниот свет може да го намали политичкото влијание на социјалните медиуми.

3. Стагнира цената на недвижностите: Еден од најзначајните трендови во изминатите децении беше огромното зголемување на цените на недвижностите во најголемите метрополи во светот. Богатите инвеститори очајни за профит помогнаа нагло да се зголемат трошоците за домување. Во градови како Њујорк сега им многу празни луксузни станови. Тоа не може да се одржи долгорочно. Иако цените нема да се намалат, сепак нивниот пораст може значително да стагнира.

4. Младите помалку политички ќе се ангажираат: Изминатата деценија, младите беа многу политички ангажирани. Тие беа вознемирени од подемот на популизмот и од неактивноста во однос на климатските промени. Тие лесно можеа да го изразат својот гнев преку социјалните медиуми. Поради тоа е привлечна претпоставката дека младите ќе продолжат со политичката активност. Но во минатото, многу периоди на политичка активност беа проследени со мирни интервали, а тоа може да се случи и во наредната деценија.

5. Подем на „умерените“ популисти: Борис Џонсон во Британија покажа оти популистите може да успеат со усвојување умерени политики за културата и економијата, ветувајќи дека ќе потрошат повеќе пари на социјални услуги. Ова нуди можност за формирање „умерен“ популизам, кој ќе напаѓа некои демократски институции, но ќе ги отфрла поекстремните погледи за расата и културата, што обично се поврзуваат со ултрадесничарите. Популистите во наредните години повеќе ќе личат на Џонсон, а помалку на Доналд Трамп.

6. Повисоки плати за пониско квалификуваните работници: Со години, приходите во развиените демократии се зголемуваа за оние на врвот, но не и за оние на дното. Ова го зголеми економскиот песимизам на граѓаните. Но тој тренд се менува во САД. Платите почнаа да се зголемуваат за сите, бидејќи економијата постигна целосна вработеност во изминатите години. Во 2019 година, платите на нископлатените работници се зголемија двојно повеќе во однос на платите на високоплатените работници. Ако другите развиени демократии уживаат слично високо ниво на вработеност, платите на лицата со пониски приходи ќе продолжат да растат побрзо во однос на минатото.

7. Период по големото будење: Изминатата деценија беше период на големо будење, според некои експерти. Особено во САД, бели левичари прифатија порадикални погледи за идентитетот. Но иако оваа промена помогна да се актуализираат разни длабоки системски неправди, таа исто така им даде важност на други идеи што тешко ќе наидат на пошироко одобрување.

8. Поголеми различности меѓу конзервативците. Во повеќето земји, како САД и Германија, имигрантите и верските малцинства веројатно ќе гласаат за левичарите. Тоа изненадува, зашто имигрантите обично се социјално конзервативни. Но и не изненадува толку, зашто многу десничарски партии ги отуѓија малцинствата, прифаќајќи многу расистички идеи. Експертите сметаат оти овој тренд ќе продолжи во наредните децении. Некои предвидуваат дека демократите во САД ќе имаат апсолутни мнозинства поради зголемениот удел на небелците во населението. Конзервативците тогаш ќе мора да ги зголемат различностите ако сакаат да ги привлечат малцинствата со своевиден „умерен“ популизам. Тоа може да ја намали расната поларизација во западната политика.

9. Пад на глобалната финансиска нееднаквост: Распределбата на богатството во богатите демократии, како Данска и Канада, е многу понееднакво во изминатите децении. Но нееднаквоста во приходите на светско ниво всушност се намалува. Бидејќи приходите на сиромашните луѓе во Индија и во Кина се зголемија многу побрзо од приходите на богатите луѓе во Шведска и во Австралија, светот сега е поеднаков отколку што беше пред десет години. Ако Азија и Африка продолжат да растат, овој тренд ќе продолжи и во наредната деценија.

10. Либералната демократија ќе ја зголеми привлечноста: Изминатата деценија покажа дека либералната демократија мора да се реформира. Ако развиените демократии сега изгледаат помалку стабилно, тоа е така зашто нивните граѓани се многу понезадоволни од политичките системи. Но многу се помали шансите оти диктатурите ќе понудат подобра алтернатива, па затоа либералните демократии би можеле да зајакнат во наредните десет години.