Вашингтон можеби претерува со санкциите против строгите режими како Куба, Иран или Венецуела, но Северна Кореја е сосема друга категорија, вели Роберт Кели од „Нешенел интерест“

Западот повторно ја актуализира дебатата околу казнената политика за непослушните

Бидејќи новата администрација на американскиот претседател Џо Бајден го презеде кормилото на надворешната политика, во САД се актуализира дебатата за употребата на санкции. Многумина истакнаа дека зголемената употреба на санкции е перформативна алатка за принуда: санкциите изгледаат „тешки“ без всушност да ги принудат САД да употребат воена сила што е многу непопуларен став кај американските гласачи по војната во Ирак. Санкциите честопати се критикуваат дека не успеваат да ги постигнат поставените цели, особено кај режимската промена, и дека го казнуваат населението наместо државните елити. Тврдењето за осиромашување единствено е точно во генерална смисла дека санкциите ограничуваат вложувања во севернокорејската економија, го спречуваат растот на државата, а за возврат ги намалуваат приходите по жител. Поради ова не се гледа поголемата и поважна слика за ужасните политичко-економски одлуки на Северна Кореја носени со години. Државата, а особено лидерството околу врховниот лидер Ким Јонг-ун, има многу поголема одговорност за внатрешното страдање. Сепак, не треба да се злоупотребат санкциите против таа држава иако многу информации велат дека таа успешно ги заобиколува.

Моралниот презир на Западот кон Ким Јонг-ун

Прво, санкциите против Северна Кореја го покажуваат моралниот презир на Западот кон карактерот на режимот. Државата не е само уште една диктатура во низата. САД можеби навистина претеруваат со санкциите против помалку строгите режими како Куба, Иран и Венецуела, но Северна Кореја е сосема друга категорија. Американската дипломатка Џин Киркпатрик славно тврдеше дека САД може да соработуваат со авторитарните држави, но мора да се дистанцираат од тоталитарните режими. Северна Кореја лесно може да се стави во втората категорија и можеби важи за најрепресивна држава во историјата, во Орвелова смисла. Дефинитивната истрага за состојбата со човековите права во Северна Кореја ја направија Обединетите нации (ООН) во 2014 година. Авторот на извештајот даде аналогија за Северна Кореја со гулазите на нацистичка Германија и укажа дека нејзините елити мора да бидат изведени пред Меѓународниот криминален суд. Постојат сериозни етички прашања дали Северна Кореја треба да се третира како нормална држава, а голем дел од литературата против санкциите за Северна Кореја се врти околу овој аргумент.

Стратегиски интерес на санкциите

Второ, санкциите се во стратегиски интерес на САД, бидејќи тие го ограничуваат економскиот раст што ги одразува трговските контроли што Западот ги воведе претходно за СССР, а наскоро и за Кина. Ако Северна Кореја добие непречен пристап до светската економија, тогаш малку е веројатно дека режимот ќе ги насочи придобивките од тој нов пристап кон интересите на народот. Многу е поверојатно дека државата ќе купува оружје, материјали за стратегиските програми и луксузни производи за елитата. Тоа само ќе ги влоши американските проблеми со Северна Кореја. Трето, санкциите врз Северна Кореја ја одразуваат волјата на меѓународната заедница и им даваат моќ на резолуциите. Противниците на санкциите често ги занемаруваат американските и мултилатералните санкции врз азиската држава. САД навистина имаат наметнато директни санкции, но со оглед на тоа што има многу мала економска интеракција меѓу двете земји, практично тие не вршат никаква улога. Санкциите што навистина играат улога се оние на Советот за безбедност на ООН. Советот за безбедност на ООН веќе воведе девет резолуции практично едногласно за нуклеарната и ракетна програма на Северна Кореја од 2006 година. Ова значи дека не само западните држави туку и Кина и Русија дадоа поддршка за нив. Ако санкционираната Северна Кореја денес располага со од 50 до 100 нуклеарни оружја, колку тогаш ќе има без санкциите?

Пример за другите држави

Четврто, постои надеж дека севернокорејските санкции ќе одвратат други држави да го следат екстремно несовесниот курс на оваа азиска држава, која под никакви услови не отстапува од својата нуклеаризација и покрај стравовите во светот, се однесува гангстерски и ги крши човековите права. Ваквите санкции служат барем малку да ги обесхрабрат другите држави да не се огледуваат на Северна Кореја. Поради овие причини, нуклеарната и ракетна програма на Северна Кореја е најстрашна во светот и токму затоа е најчест предмет на санкции.