Како да си ја врати силата Европа по ковид-19

Најважно е стратегиски да инвестираме во нашата иднина. Маршаловиот план ќе помогне да се изгради помодерна, одржлива и цврста Европа

Изминатите неколку недели целосно го превртеа наопаку нашиот свет. Се чини како да беше одамна кога ги извршувавме нормално нашите секојдневни обврски. Сега некои од оние што го читаaт ова веќе имале симптоми, многумина познаваат некој што се разболел, а секој од нас е загрижен за најблиските.
Но состојбата во која се наоѓаме е посебна, затоа што сите ние сме дел од решението, сите ние како граѓани, компании, градови, региони, нации и целиот свет. Точно е дека Европа делумно беше неподготвена за непознатиот непријател и за кризата од невидени размери и брзина. Лажниот почеток нè мачи и денес.
Но Европа сега покажа заеднички самоуверен став.

Тој потекнува од напливот на сочувство секаде во нашата Унија. Во изминативе неколку недели видовме како пензионирани доктори и медицински сестри сами се вратија на должност, а милиони други доброволно се пријавија да помагаат. Видовме како рестораните испорачуваат храна за исцрпениот медицински кадар, модните дизајнери како изработуваат болничка опрема, а автомобилските производители респиратори.

Солидарноста е заразна и е во срцето на нашата Унија. Благодарение на тој импулс, вистинската Европа се врати, онаа што соработува за да го постигне она што никој друг не може сам. ЕУ сега ги исполнува ветувањата и секојдневно работи да ги спаси сите животи што може, да ја заштити егзистенцијата и да ги обнови нашите економии.
Во изминативе неколку недели презедовме мерки што беа незамисливи досега. Законите за државна помош ги направивме пофлексибилни, како никогаш претходно, за големите и малите компании еднакво да ја добијат потребната поддршка.

Ги олеснивме нашите буџетски правила како никогаш претходно ,за да дозволиме националните и европските трошоци да бидат побрзо наменети за оние на кои им се најпотребни. Ова им помогна на европските институции и на членките да инкасираат 2,8 илјади милијарди долари во борбата против кризата, што е најсилниот одговор во светот.

ЕУ отиде и еден чекор понапред. Предложивме нов план, наречен „Сигурност“, за да се осигурат луѓето дека можат да си ги задржат работните места и своите приходи, како и да им се овозможи на компаниите да се одржат додека ние хибернираме. Планот ќе обезбеди 100 милијарди евра помош за владите, за да ги надомести трошоците на компаниите ако биле принудени да ги намалат работните часови и исто така ќе им обезбеди поддршка и на самовработените. Ова ќе им помогне на оние што им е најпотребно да платат кирија, сметки или храна, како и да се одржи ликвидноста на компаниите.

За да ја зајакнеме борбата за спас на животи, одлучивме сите преостанати пари од годинашниот буџет да ги пренамениме во итни средства, како помош за обезбедување важна медицинска опрема и зголемување на тестирањето.
Ова го одразува фактот што во оваа криза не смее да има половични мерки. Така ќе биде и во наредните години, додека се обидуваме да ја извлечеме нашата економија од амбисот. Во тој случај ќе ни треба масовна инвестиција во форма на Маршалов план за Европа. Негов суштински дел ќе биде новиот и моќен европски буџет. Неговите предности се очигледни: буџетот на ЕУ е докажан инструмент на солидарност и модернизација. Со неговиот седумгодишен план, тој нуди сигурност за инвеститорите и доверливост за сите вклучени страни.

Но бидејќи светот сега изгледа многу поинаку од пред неколку недели, тоа мора да се однесува и на нашиот буџет. Мора да биде подготвен за периодот кога економиите ослабени од актуелната криза ќе мора да ги вклучат повторно моторите и да заживее нашиот единствен внатрешен пазар.
Илјади милијарди евра што се трошат за спречување поголема катастрофа се инвестиција во нашата идна заштита и тие ќе поврзат генерации. Токму затоа парите во нашиот нареден буџет мора да бидат инвестирани паметно и одржливо. Со него мора да се зачува сè што цениме и наедно да се обнови чувството на припадност меѓу европските нации.

Најважно е што треба стратегиски да инвестираме во нашата иднина, на пример во иновативни истражувања, во дигитална инфраструктура, чиста енергија, паметна циркуларна економија и транспортни системи. Маршалов план од ваква природа ќе помогне да се изгради помодерна, одржлива и цврста Европа. Ова е ЕУ што верувам дека ќе излезе од оваа, како и од секоја претходна криза во историјата.
На овој огромен напор, на оваа нова Европа ќе ѝ биде потребно уште едно нешто, а тоа е што народите на Европа мора да сакаат заедничка иднина во која сите ќе се потпираме едни на други.

Она што денес го гледам во Европа го покажува токму тој начин и ме прави горда. Иднината на Европа се полските доктори што беа испратени во Италија. Чесите што испратија 10.000 маски во Шпанија и во други држави. Авионите што ги пренесуваа болните од Северна Италија во Источна Германија или возовите што ги пренесуваа пациентите да добијат бесплатна терапија на интензивно одделение. Бугарите што испратија заштитна опрема во Австрија и Австријците што испратија маски во Италија. Првите заеднички европски резерви на медицинска опрема или респираторите и опремата за тестирање што беа купени заедно речиси од сите држави од Романија до Португалија, беа испратени во Шпанија, Италија и во други земји. Силата и солидарноста на оваа Унија исто така ги почувствуваа илјадници Европејци што беа заглавени во Виетнам, Јужна Африка или во Аргентина, а беа вратени дома со европски билети. Со секој од овие чинови на солидарност, Европа малку по малку ќе се врати. Не се сомневам воопшто дека Европа повторно ќе застане на нозе. Со заеднички сили.

Авторката е претседателка на Европската комисија