Без разлика дали гласачите ќе му дадат втор мандат на Трамп или Бајден ќе биде победник на претседателските избори, американската нација во моментот ѝ дава приоритет на дипломатијата, а не на милитаризмот што ги предизвика вечните војни

На парадата по повод седумдесет и петтата годишнина од основањето на владејачката партија во Северна Кореја, лидерот Ким Јонг-ун претстави нова интерконтинентална балистичка ракета (ИКБР). Ако се точни информациите, тогаш тоа ќе биде една од најголемите мобилни ИКБР во светот. Многу експерти во Вашингтон предупредија дека новото оружје докажа дека Пјонгјанг е „опасна глобална закана“.
Сепак, објективната реалност е следната. Огромната воена предност на Америка и во конвенционалниот и во нуклеарниот капацитет значи дека рамнотежата на силите останува одлучно на страната на САД и Ким останува цврсто обесхрабрен. Според конвенционалното размислување во Вашингтон, Северна Кореја е вечна закана и често се залага за воени решенија. Ваквото размислување сериозно ги оптоваруваше последните три администрации.
Претседателот Џорџ Буш ја претвори Северна Кореја само противник во групата на непријатели во своето обраќање до нацијата во 2002 година, означувајќи ја Северна Кореја како дел од „оската на злото“. Преокупиран со војните во Ирак и во Авганистан, Буш ѝ посвети малку внимание на Северна Кореја, која го спроведе својот прв успешен нуклеарен тест четири години подоцна. Сепак, тој не ја туркаше работата воено, затоа што американскиот народ сакаше да излезе од војните во кои се наоѓаше, а не да бара да почнат нови.

Барак Обама го искористи тој бран незадоволство на гласачите во Белата куќа во 2008 година, ветувајќи дека ќе се повлече од војната во Ирак. Претседателот Барак Обама вети дека ќе ѝ стави крај на војната во Авганистан. И покрај тригодишната пауза во распоредувањето војници во Ирак, припадници на американските сили сè уште беа на терен кога тој ја напушти функцијата. Тој ефективно ја игнорираше Северна Кореја во текот на двата мандата, избегнувајќи каков било суштински дипломатски ангажман.
Првата година од претседателската функција на Доналд Трамп опфати рутински закани кон Пјонгјанг, со „сите опции на маса“, за да се натера Северна Кореја да преговара. Почнувајќи од 2018 година, Трамп ја смени мелодијата и стана првиот претседател на САД што се сретнал лично со лидерот на Северна Кореја, драматично намалувајќи ги тензиите меѓу двете земји.
Иако преговорите запреа по самитот во Ханој во февруари 2019 година, Трамп не се врати на воените закани, се чини дека го признава она што го мислат повеќето од Американците, а тоа е дека нема полза да се ризикува војна со земја против која САД имаат конвенционална и нуклеарна супериорност. Всушност, опцијата што нуди најпозитивен потенцијал е засилување на дипломатијата. Јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин може да му помогне на Трамп да направи чекор напред.
Во говор пред Генералното собрание на ОН, Мун рече дека верува дека најдобриот начин за Северна и Јужна Кореја „да напредуваат во ера на помирување и просперитет“ ќе биде официјалното завршување на Корејската војна.

– Декларацијата за крајот на војната, навистина, ќе ја отвори вратата за целосна денуклеаризација и постојан мировен режим на Корејскиот Полуостров – објасни Мун.
Ким возврати на почетокот на месецов, кога даде неколку невообичаено позитивни изјави кон Југот.
Од неуспехот во Ханој, Северна Кореја честопати се враќаше кон остра реторика против јужниот сосед во своите јавни изјави. Но на седумдесет и петтата годишнина од основањето на Северна Кореја, Ким рече дека испратил „топла желби до сонародниците на југот“ и дека тој со нетрпение го очекува денот кога „северот и југот повторно ќе си подадат рака едни на други“.
Без разлика дали Американците ќе му дадат втор мандат на Трамп на изборите наредниот месец или Бајден ќе излезе како победник, трендот во Америка очигледно се движи кон пореална надворешна политика што ѝ дава приоритет на дипломатијата над воинственоста што ги предизвика вечните војни во светот.

На пример, анкета на „Југов“ покажа дека 74 проценти од Американците сакаат американските сили да се повлечат од Ирак и 76 проценти сакаат американските сили да се повлечат од Авганистан. Бројките од ветераните, оние што ги воделе борбите, се еднакво јасни и 73 проценти се залагаат за завршување на војната.
Трендовите се јасни. Американците јасно препознаваат дека милитантната надворешна политика во изминатите две децении не успеа. Американската нација во моментот сака повеќе дипломатија, а не војни. Образложението за тоа е едноставно и разумно и гласи дека луѓето се уморни од неуспех и се желни да пробаат нов пат што има поголеми шанси за успех.