По повлекувањето на американските сили од Сирија, дел од нив завршија во Ирак, кој претходно им беше домаќин на над 5.000 војници од САД. Сепак, други земји од Блискиот Исток имаат уште повеќе американски војници.

Најголемата американска база на Блискиот Исток е во Катар. Земјата им е домаќин на околу 13.000 американски војници, според податоците на „Аксиос“.

Воздухопловната база „Ал Удеид“, која е лоцирана југозападно од Доха, беше клучна во борбата против Исламска држава. Катар инвестираше една милијарда долари во базата, која е дом и на американскиот центар за комбинирани воздушни операции, преку кој се координираат операциите на САД и на сојузниците, особено во воздушниот простор над Ирак, Сирија и Авганистан.

Од графиконот се гледа колку се важни Катар и Кувајт за военото присуство на САД на Блискиот Исток. Двете земји се домаќини на вкупно околу 26.000 војници. Соседен Бахреин е од витално значење за американските интереси во регионот. Тој е домаќин на Централната команда на морнарицата на САД и на американската Петта флота. САД имаат значително воено присуство и во воздухопловната база „Иса“, каде што се распоредени 7.000 војници.