На почетокот од месецов (5 октомври) се одбележи Светски ден на наставникот, датум на кој во 1966 година е усвоена препораката на Меѓународната организација на трудот и на УНЕСКО за статусот на наставниците. Овој ден се одбележува од 1994 година.
Наставниците се повторно во центарот на вниманието во моменти кога владите во светот решаваат како да продолжи наставата и дали учениците да се вратат во училиштата среде пандемија. Наставниците се соочуваат со разни предизвици во разни земји, а една од тие разлики е и висината на платата.
Според податоците на ОЕЦД, наставник во основно училиште во САД лани можел да очекува да заработи почетна плата од 41.119 американски долари, сума што е поголема во однос на многу други развиени земји. За 15 години, наставниците во основните училишта во САД гледаат како нивните плати се зголемуваат во просек на над 61.000 американски долари. Нивоата на плата се слични и во Канада, каде што наставниците што почнуваат со работа во основно училиште во просек земаат 40.504 долари и над 70.000 американски долари по 15-годишно работно искуство.
Луксембург нуди највисока плата за наставниците во основно училиште во однос на која било друга земја од ОЕЦД, при што почетната плата во земјата е 70.295 долари и потоа во просек околу 102.630 долари по 15-годишно искуство.

Во многу развиени земји на ЕУ, новите наставници од основните училишта може да очекуваат да заработат помалку од половина од почетната плата во Луксембург. Очигледни примери се Франција и Италија, каде што новите наставници може да добијат плата од над 31.000 долари. Дури и по 15 години на работа, нивните изгледи не се подобруваат премногу, со тоа што платата достигнува околу 38.000 долари во двете земји. Почетните плати се слични во развиените азиски земји, каде што наставниците во основно училиште почнуваат со нешто помалку од 30.000 долари во Јапонија и со околу 32.000 долари во Јужна Кореја. Нивните долгорочни перспективи се подобри, сепак, при што наставниците со 15 години работно искуство може да заработат 49.113 долари во Јапонија и 56.587 долари во Јужна Кореја.