Европската комисија треба да развие индустриска стратегија доколку сака да ги исполни своите геополитички амбиции

Еврозоната би требало да создаде нова правна рамка за една силна индустриска стратегија независна од надворешни снабдувачи. Рамката во исто време треба да вклучува правила за политики на јавни набавки со кои би им се дал привилегиран третман на европските производи и услуги во критичните области, смета Ханес Свобода од ЦФР

Долгорочни плански документи на Европа

Геополитичките планови на Европската комисија остануваат недефинирани. Не е јасно каков вид стратегија или инструменти имала предвид Урсула фон дер Лејен кога ја објаснуваше својата визија во говорот одржан по нејзиниот избор за нова претседателка на Европската комисија во 2019 година.
Како поранешна министерка за одбрана, таа можеби сметала дека од приоритетна важност е воениот капацитет на Унијата. Во секој случај, имајќи предвид дека најголемата сила на ЕУ лежи во нејзината економија, Комисијата треба да развие индустриска стратегија доколку сака да ги исполни своите геополитички амбиции. Во индустрискиот развој на ЕУ веќе долго време постојат големи слабости и недостатоци. Унијата пропушти да реализира една од клучните цели утврдени во Лисабонската стратегија од 2000 година: да стане „најконкурентна и најдинамична (базирана на знаења) светска економија, способна за одржлив економски раст, подобри работни места и поголема социјална кохезија“. Уште пред финансиската криза од 2008 сериозно да ѝ наштети на европската економија, беше сосема јасно дека ЕУ нема да ја постигне поставената цел.

Конкуренцијата важен елемент за секоја стратегија

Конкуренцијата и слободните пазари претставуваат важни елементи на секоја успешна економска стратегија. Но на Унијата ќе ѝ треба многу повеќе од тоа за да ја зајакне својата глобална економска сила – особено во време кога некои од нејзините најголеми конкуренти имаат добивка од присуството на слободните пазари и од решителните политички интервенции во сферата на економијата.
И покрај тоа што ЕУ последниве години постигна важен напредок во својата борба против нелојалната конкуренција, таа продолжува да биде идеолошки дијаметрално спротивна од активната индустриска стратегија.
Имено, како што покажаа дискусиите во рамките на носењето на буџетот на ЕУ, Европскиот совет никогаш им нема дадено приоритет на истражувањето и развојот. Дури напротив, Советот често се обидуваше да ги „поткастри“ релевантните делови од буџетот што беа предлагани од страна на Комисијата и поддржани од Европскиот парламент, иако е познато дека силните инвестиции во истражување и развој претставуваат основа за сите индустриски стратегии.
Европската комисија полека го напушта своето традиционално противење во однос на активна индустриска стратегија. Ова произлезе од нејзиното препознавање на стратегиските зависности во области како суровините и нивната преработка, кои се од витално значење за декарбонизација на европската индустрија (вклучувајќи и кобалт, литиум и молибден).
За време на пандемијата се разоткри уште една група на зависности, кои се однесуваат на здравствената заштита. Оттука, Европската комисија наведува дека „кога се работи за нејзиното учество во глобалната примена на патентирани производи, ЕУ постепено го губи лидерството во голем број технологии“.

Се бара лидер во индустријата

Се разбира, ЕУ не може да биде лидер во сите сектори на индустрија и истражување. Покрај тоа, некои од овие зависности се заеднички. Но кога е зависна од надворешни снабдувачи за потребите на своите „зелени“ и дигитални транзиции, како и за заштитата на здравјето на своите граѓани, ЕУ е во слаба геополитичка позиција. Унијата може има големи геополитички амбиции, но во овој момент нејзе ѝ недостигаат средства за нивна реализација.
Чудно е што ниеден од официјалните документи на ЕУ не објаснува зошто развојот на индустриската стратегија е круцијален за геополитичката цел да се држат настрана авторитарните држави.
Можеби санкциите се неопходен инструмент за израз на моралната индигнација, но тие не можат да бидат замена за интензивните индустриски и истражувачки политики, кои би ѝ овозможиле на ЕУ да влезе во вистински натпревар со авторитарните држави. Во срцевината на европската индустриска стратегија треба да постои силна мотивација за воспоставување или одржување водечка позиција во што е можно повеќе економски области. Исто така, ЕУ треба да планира обучување работна сила што е способна да спроведува дигитални и „зелени“ промени. Пандемијата покажа дека Кина, Русија, па дури и САД се подготвени за употреба на вакви ресурси, што може да претставува закана за Европа. Сево ова покажува зошто ЕУ би требало да создаде нова правна рамка за една силна индустриска стратегија. Рамката треба да вклучува правила за политики на јавни набавки, со кои би им се дал привилегиран третман на европските производи и услуги во критичните области. Освен тоа, Унијата треба да создаде и механизми за мобилизација на ваквите ресурси во време на кризи каква што е тековната пандемија – дури и ако тоа се прави на една подемократска основа од извршните наредби на американските претседатели.