Унапредувањето на сегашните односи е само обично унапредување, а „мировниот договор“ е неточен назив кога се користи во таков контекст, смета Пол Пилар од „Нешенел интерест“

Промени во надворешната политика на израелската држава кон регионот

Израел работи на проширување на своето дипломатско присуство во Персискиот Залив преку промовирање „одбранбен сојуз“ во кој членува самата држава, покрај Бахреин, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија. Ова се наведе во извештајот на израелската телевизија и24 њуз. Потенцијалните арапски членки на сојузот се внимателни кога станува збор за склучување договор со Израел, но потегот се фокусира на неодамнешното унапредување на односите токму меѓу израелската држава и неколку арапски земји. Ваков развој на настаните обично ретко добива толку пофалби како ова постигнување што некој го нарече „Авраамски договор“ небаре одеднаш настана хармонија меѓу приврзаниците на светските монотеистички религии. Дефинитивно општо е подобро за сите земји во регионот да имаат отколку да немаат целосни релации со другите држави од регионот, едноставно само како едно уверување дека луѓето меѓусебно ќе комуницираат. Но главниот двигател на „хосаната“ (спас на еврејски јазик) за унапредување на израелско-арапските односи е да не се нарушат добрата волја и мирот. Наместо тоа, станува збор за силната волја на израелската влада да покаже дека постојаното влошување на конфликтот со Палестинците и анексијата на палестински населените територии нема да го осуди Израел како еден отпадник во регионот.

Американската политика како водилка

Што и да посака израелската влада, секако, значително ќе влијае врз тоа како секое нешто ќе се третира во американскиот политички дискурс. Во однос на ова прашање, оваа поврзаност беше особено видлива за време на администрацијата на Трамп, која го промовираше унапредувањето на односите не само за да испрати апел до оние што го поддржуваат водството на Израел туку да го окарактеризира како „постигнување“ во надворешната политика во текот на едно претседателство каде што ретко можеше да се забележи нешто такво. Треба да се навратиме на фактот што администрацијата на Трап мораше да ги поткупи арапските влади за да постигнат целосно дипломатски односи со Израел. ОАЕ ги поткупи со борбените авиони со стелт-технологија „ф-35“ и друга напредна воена опрема. Судан го повлече од листата на терористички земји. Мароко доби дополнително оружје, а САД се повлекоа од долгогодишната неутралност во спорот во регионот на Западна Сахара. Ваквите поткупувања покажуваат дека ваквите причини за унапредување на односите не се некои новооткриени мировни намери кај засегнатите страни.
Едноставно се работеше само на унапредување на односите и ништо надвор од тоа. Ниедна од инволвираните арапски држави не беше во војна со Израел. Тие веќе имаа остварено значајна соработка со Израел, вклучувајќи ги и безбедносните прашања без да имаат воспоставено целосни дипломатски врски.

Саудиска Арабија фактор за мир или војна

Фактот што Саудиска Арабија наводно разговара со Израел за „одбранбен сојуз“ во отсуство на целосни дипломатски врски покажува дека таквите односи не може да се сметаат за дефинирачки фактор за мир или војна во односите со Израел. „Мировниот договор“ е погрешен назив кога се користи во контекст на унапредувањето на односите. Спектарот на влијанието на таквото унапредување не е во насока на мирот. Поткупот на САД воопшто не беше во насока на мир. Промената во политиката кон прашањето во Западна Сахара ги заостри тензиите меѓу Мароко и Алжир и ги усложни меѓународните напори за решавање на спорот. Секаква шанса за мир меѓу Израел и Палестинците сега станува сè подалечна.

Идејата за еден вид „креативно решение“ што ќе вклучува притисок од арапските влади врз Палестинците не може да се оствари затоа што Палестинците, како потчинета страна, речиси немаат што повеќе да отстапат. Израел располага со оружје, моќ, територија и капацитет да направи промени. Намалувањето на дипломатскиот влог на Израел со понатамошната окупација само дополнително ги намалува шансите за каков било простор за прифаќање промени. Градењето воени сојузи во Персискиот Залив или она што израелскиот министер за одбрана Бени Ганц го нарекува „посебни безбедносни договори“, само ги заострува и интензивира линиите на конфликт. Заливските држави ги вовлекува во трајното непријателство на Израел кон Иран што е испреплетено со закани за воен напад. Ова во помал размер е одраз на системот на непријателство и тесно поврзани сојузи во Европа што доведе до избивањето на Првата светска војна. Општиот принцип е дека за сите држави во регионот е добро да имаат воспоставено целосни дипломатски врски меѓу себе. Во регионот на Персискиот Залив, оваа цел може да се постигне преку форум со инклузивно учество, делумно според моделот на ОБСЕ и да има цел да ги намали тензиите, но да ја зголеми мировната соработка во Заливот. Токму вакво постигнување е вредно да добие големо име и да се поздрави како значајно постигнување.