Пристапот на Вашингтон кон Сирија нема да се промени, без разлика кој ќе биде потстанар во Белата куќа, но различните пристапи кон Иран би можеле да имаат индиректно влијание врз сириската економија и судбината на Асад

Економското влијание од сириската војна ја уништува земјата и се заканува да предизвика нови судири. Бидејќи економските услови слично се влошуваат во Иран, главниот финансиски поддржувач на Сирија, чија поддршка ја надминува дури и таа на Русија, Сирија е принудена да се потпира на сопствените ограничени ресурси, без многу ефекти. Сега, опстанокот на претседателот Башар ал Асад иронично се потпира на резултатот од претседателските избори во САД во ноември и што ќе значи тој резултат за односите меѓу САД и Иран.
Влошувањето на сириската економија во голема мера е последица на уништувањето на цивилната инфраструктура од почетокот на војната во 2011 година, заедно со жестоките економски санкции од САД. Светската банка во август 2019 година извести дека БДП на земјата се намалил на речиси една третина во однос на нивото пред војната.

Во нормални услови, Сирија може да се потпира на Иран за финансиска помош, но економските санкции воведени од американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година ја погодија иранската економија, принудувајќи ја да ги фокусира своите ограничени ресурси внатре и да ја остави Сирија сама да се справува со своите економски проблеми. Пандемијата на коронавирусот нанесе уште поголем удар врз иранската економија, па нејзиниот БДП се намали за околу 15 отсто.
Американската политика кон Сирија во најголем дел уживаше двопартиска поддршка во Вашингтон и администрациите на Барак Обама и на Трамп усвоија слични пристапи кон Дамаск, ангажирајќи се во сеопфатни воени интервенции за пораз на Исламска држава и воведување остри економски санкции за Асад. Но иако американската интервенција придонесе за колапсот на сириската економија, Асад секогаш можеше да се потпира на поддршката од Иран. Од таа причина, различните пристапи на Трамп и на Обама кон Иран имаат најголем ефект врз сириската економија.

Обама преговараше за нуклеарен договор со Иран во 2015 година, кој, меѓу другото, значително го олесни економскиот притисок врз земјата. Договорот одмрзна многу од капиталот на Иран во странство и овозможи пораст на неговата економија, што му овозможи да продолжи да дава поддршка за своите сојузници во странство, вклучувајќи и за Сирија. Асад го поздрави договорот и очекуваше иранската финансиска поддршка да продолжи. Навистина, иранската поддршка беше клучен фактор што го одржува Асад во живот и тој ја искористи за да ги победи Исламска држава и опозициските сили и да ја врати власта во голем дел од земјата. Русија исто така одигра важна улога во Сирија. Покрај обезбедувањето логистичка и воздушна поддршка за силите на Асад, Москва одигра значајна политичка улога, штитејќи ја Сирија од над 14 резолуции на ОН, користејќи го правото на вето на Советот за безбедност.

Одлуката на Трамп да се повлече од нуклеарниот договор и повторно да воведе санкции против Иран во 2018 година го промени овој процес. По овој потег, извори велат оти кредитната линија од Иран е прекината, што предизвика пропаѓање на сирискиот нафтен сектор, од кој земјата е силно зависна.
Сириската влада одговори на иранската криза со строги мерки на штедење. Во меѓувреме, Асад ги зголеми платите на пензионерите и јавните службеници за да стави повеќе пари во џебовите на луѓето, со надеж дека тоа ќе доведе до зголемување на побарувачката и ќе ја стимулира економијата. Неговото размислување беше здраво, но неговите политики беа ограничени од слабостите на економијата. Покрај загубата на физичкиот капитал, економските санкции ја отсекоа Сирија од меѓународниот пазар, ограничувајќи ја неговата можност за привлекување странски инвестиции, што го хендикепира производството.

Освен тоа, капацитетот за самофинансирање на економијата е ограничен, особено затоа што домаќинствата се принудени да се потпираат на заштедите. Дури и богатата бизнис-класа е од мала помош. Таа ги повлече најголемиот дел од финансиите од сириските банки и ги реинвестира во соседните земји. Користењето природни ресурси е попречено од губењето на нафтените полиња и американската забрана за испорака на нафта во Сирија.
Бидејќи голем дел од економското здравје на Сирија зависи од финансиската поддршка од Иран, иднината на земјата и иднината на Асад како претседател зависи од исходот на претседателските избори во САД. Ако Трамп добие втор мандат, Сиријците можат да очекуваат иста политика. Администрацијата на Трамп веројатно ќе го продолжи максималниот притисок врз Техеран, со строги санкции кон земјата, принудувајќи ја да ги фокусира своите ресурси на сопствената економија и на незадоволната јавност.

Ако победи веројатниот демократски кандидат, Џо Бајден, САД веројатно ќе се вратат на дипломатијата, одлучувајќи да разговараат со Иран и да се вратат на нуклеарниот договор. Администрацијата на Бајден веројатно ќе укине некои економски санкции кон Иран, дозволувајќи му повторно да ги фокусира своите ресурси во странство. Секако, ризикот од овој потег е дека Асад би бил засилен во Сирија, поткопувајќи го режимот на санкции на САД таму и јакнење на Иран на Блискиот Исток. Н, тоа би значело и враќање на сириската економија на патот кон стабилизација. Иронијата е тоа што е добро за граѓаните е добро и за Асад, барем засега. Приливот на пари од Иран несомнено ќе го зајакне Асад, дозволувајќи му да го обнови својот легитимитетот дома и да го ублажи незадоволството меѓу сиромашните Сиријци.
Ниту Трамп ниту Бајден не би ги олесниле економските санкции за Сирија, па потенцијалниот пораст на земјата ќе биде ограничен додека Асад е на власт. Но ако Сирија повторно може да се потпре на значителна поддршка од Иран, Асад веројатно ќе се остане на власт уште долг период.