Американците постојано задаваат воено неостварливи цели и со нив сакаат да постигнат политички резултати што никогаш не беа креирани да дадат позитивен исход, смета Даниел Дејвис од „Нешенел интерест“

Воено неостварливите цели се класичен рецепт за неуспех на бојното поле

Политичките лидери и експерти постојано нè потсетуваат на телевизија дека САД ја имаат најмоќната војска во светот. Некои се прашуваат зошто најмоќната војска на светот не успеа да победи во војната во Авганистан по дводецениско војување. Одговорите повеќе се поврзани со наредбите што ги добива војската отколку како ја извршува својата должност.
Една од главните причини зошто Америка не може да победи во војните во поновата историја е затоа што кога станува збор за прашањето на војната и мирот, речиси секоја администрација по онаа на Бил Клинтон водеше лоша надворешна политика. Не само што американските вооружени сили не успеаја да го поразат непријателот туку и самата влада ѝ нареди на војската да се обиде да го постигне невозможното, а токму тоа е гаранција за губење на војната.
Самиот автор на анализата на „Нешенел интерест“ бил сведок на ваквите политики, бидејќи бил дел од операцијата „Пустинска бура“, која се одвиваше во 1990 и 1991 година. Тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот имаше јасна политичка и воена цел, а тоа беше „силите на Садам Хусен да го напуштат Кувајт“, а потоа „да биде вратена легитимната власт во државата и таа повторно да биде слободна“. Тогаш беше формирана огромна воена коалиција на САД и на нивните сојузници (со тоа што првенствено беа вклучени околу 500.000 американски војници), беше извојувана силна победа над ирачката армија, беа исполнети главните цели на Буш Постариот и се принудија преостанатите сили на Садам да се повлечат преку границата до Ирак. Само за неколку месеци сите американски сили беа вратени назад во нивните бази, а во Њујорк се одржа познатата парада, со која се означи крајот на војната. Тоа беше последната војна во која САД победија и последен пат кога нивните лидери зададоа воени и политички остварливи цели.

Како одговор на терористичките напади од 11 септември, тогашниот претседател Џорџ Буш Помладиот даде јасна, остварлива и ограничена мисија за првичната воена операција. Тој нареди „да се спречи употребата на Авганистан како терористичка база на операции и да се нападнат воените капацитети на талибанскиот режим“. Тоа беше постигнато до летото 2002 година и токму тогаш тргна сè наопаку.
Наместо да ги следи чекорите на својот татко и да нареди повлекување на силите по успешното завршување на мисијата, Буш Помладиот едноставно ја остави војската бесцелно да лута во наредните нецели пет години. Се разбира, инвазијата на Буш на Ирак во 2003 година беше катастрофа во секоја смисла на зборот. Дури и откако Садам беше отстранет од власта, американските сили не добија конкретна последователна мисија со која би се сигнализирал крајот на војната. Американската војска „се бореше“ против бунтовниците и спроведуваше тактички акции без никаква стратегиска цел.
Потоа, во 2007 година, Буш се откажа од авганистанските цели и порача дека тогашната мисија е „да се поразат терористите и да се воспостави стабилна, умерена и демократска држава во која ќе се почитуваат правата на нејзините граѓани, власта ефикасно ќе се спроведува на целата територија и ќе биде доверлив сојузник во војната против екстремистите и терористите“. Поинаку кажано, тој зборуваше за градење една држава.
Таа мисија, како што беше обмислена, никогаш немаше воено да се оствари. Во неа не постоеја воени цели што можеа да ѝ бидат зададени на една пешадиска бригада, чии успешни тактички постигнувања ќе резултираа во „стабилна, умерена и демократска држава“. Таквите експлицитни политички цели не се дури ни во рамките на капацитетот на војската.

Обама го влоши проблемот во Авганистан со тоа што ги удвои целите на Буш за градење на државата. Во 2009 година, кога издаде наредба за офанзива во Авганистан, Обама порача дека мисијата имала три цели, и тоа „воени напори за да се создадат услови за транзиција, граѓанска офанзива што ќе ја зајакне позитивната акција и ефикасно партнерство со Пакистан“. Првата наредба не вклучуваше воено остварливи задачи, а вторите две воопшто не може да се сметаат за воени задачи.
Обама исто така ја испрати војската за да помогне во соборувањето на Гадафи од власт во Либија во 2011 година без никаков план за понатамошниот тек на настаните, ја врати војската во Ирак во 2014-та и во Сирија во 2015 година без никакви цели што ќе ја поткрепат „помошта“ за Ирак, Сирија и јеменската војна, без притоа да понуди воено остварливи цели. Резултатите од секоја од овие операции беа дека војската само извршуваше „тактички задачи“, без да бидат дел од поголема стратегија што ќе даде убедлив исход.
Американската војска беше речиси еднакво успешно во секоја тактичка задача што ја извршуваше од 1990 година (со повремени неуспешни ноќни напади и грешни истрелувања и заскитувања на ракети или дронови во кои гинеа невини цивили). Проблемот не беше во неможноста на американската војска да покаже успех на бојното поле. Проблемот беше во тоа што последователните администрации несоодветно ја користеа војската во решавањето на политичките и општествените проблеми што воената моќ всушност не може да ги реши.

Покрај високата цена што САД ја плаќаа со крв и пари со години поради погрешното користење на војската, опасноста што се потценува е дека тие потрошија премногу време, енергија и фокус на војна од мали размери, допуштија да се распаднат нивните клучни вештини за војување во ера кога нивните најголеми противници, Русија и Кина, значително ги подобрија своите.
Најдобриот начин со кој САД би се осигуриле дека нема да водат војна против една од овие нуклеарни сили е да преземат чекори со кои нивните конвенционални сили ќе станат еднакво силни и ќе можат да спречат секаков напад. Сепак, најважно е САД да ги научат болните лекции од изминатите неколку децении, да ѝ стават крај на склоноста кон самопоразувањето со испраќање на војската во обид да постигне воено неостварливи цели и, наместо тоа, да вложат во јакнењето на главната воена моќ кога таа ќе им биде најпотребна.