Над 75 отсто од светските земјоделски култури имаат корист од запрашувањето од инсекти, проценето од 235 до 577 милијарди долари годишно. Од 124 земјоделски култури што се одгледуваат за човечка потрошувачка, 70 отсто зависат од запрашувањето од инсекти

Бумбарите се едни од најхаризматичните и најпријателски суштества што можете да ги сретнете. Сепак, за жал, шансите да видете бумбар во Европа и во Северна Америка се намалија за една третина по 1970 година.
Во Европа постојат 68 вида бумбари, но растечките глобални температури и непредвидливото време принудија некои од нив да ги напуштат јужните региони. Како резултат на тоа, речиси половина од овие видови се во опаѓање, а 16 вида веќе се загрозени. Многу од овие видови може да се најдат само на неколку места, како што тоа е случајот со Bombus hyperboreus, кој живее само во скандинавската тундра. Како што се менува климата, овие бумбари ќе останат без своите живеалишта и би можело целосно да изумрат. Познати по својот карактеристичен изглед и гласно летање, што ги прави различни од другите инсекти, тие може да се најдат низ целиот свет. Постојат дури и тропски бумбари, кои живеат во тропската шума во Амазон. Но како би изгледал светот без нив?

Над 75 отсто од светските земјоделски култури имаат корист од запрашувањето од инсекти, проценето од 235 до 577 милијарди долари годишно. Од 124 земјоделски култури што се одгледуваат за човечка потрошувачка, 70 проценти зависат од запрашувањето од инсекти. Иако ситуацијата со пчелите обично привлекува најмногу внимание, неодамнешните истражувања сугерираат дека бумбарите се многу поефикасни запрашувачи. Тие се поголеми и повлакнести, поради што можат да носат повеќе полен. Тие исто така помалку се чистат и можат поефикасно да го пренесат поленот за да ги запрашат растенијата. Бумбарите поинаку се однесуваат околу цвеќињата, движејќи се методично за да го поминат секое цвеќе во групата, додека пчелите се движат неорганизирано помеѓу цвеќињата во групата. Тие исто така се потешки од пчелите и продолжуваат да запрашуваат дури и при силни ветришта и дождови. Интересно е тоа што бумбарите може да вибрираат на доста висока фреквенција во близината на цвеќињата и да „ослободат“ полен што инаку тешко може да се достигне. Тие се дел од минијатурното малцинство на запрашувачки инсекти што можат да го сторат тоа, а доматите, компирите и боровинките зависат од нив за размножување.

Исто како и пчелите, и бумбарите се социјални суштества и живеат во кошници. Тие се раководени од една кралица, која е поддржана од нејзините ќерки (работници) и неколку сина (дронови). Додека пчелите типично формираат кошници со околу 30.000 члена, кои може да бидат големи речиси колку и човек, бумбарите живеат многу поскромно. Во нивните кошници живеат околу сто члена. Работниците го чуваат гнездото и пребаруваат храна за кралицата, која положува јајца кон крајот на летото за машките дронови и новите кралици. За разлика од пчелите што јадат сѐ што ќе најдат, бумбарите имаат многу поспецијализирана исхрана и цвеќињата развиле блиски врски со различни видови.

Но климатските промени не се единствената закана за бумбарите. Промената во начинот на користење на земјата значи и помалку достапна храна за собирање. Тоа предизвика масовно намалување. Сепак, бумбарите се отпорни и побргу реагираат на подобрувањата во нивната околина, како што се појасите со диви цвеќиња, во споредба со пчелите. Во Британија, бумбарот со кратко влакно беше прогласен за изумрен во 2000 година, но соработката на Фондот за заштита на бумбари доведе до повторно појавување на видот на места во јужна Англија. Доколку живеалиштата на видовите со помал опсег може да се подобрат и прошират, постои надеж за спречување на исчезнувањата додека се затоплува климата. Бумбарите ни даваат разновидна исхрана од овошје и зеленчук преку нивниот посебен начин на запрашување. Затоа, на нашите влакнести пријатели им должиме помош да ги преживеат големите промени што ги предизвикува климата во нивниот свет.