Некои луѓе сметаат дека задолжителните маски и вакцини им ги прекршуваат правата

Носењето безбедносен појас или маска за лице може да помогне да се спасат животи. Зошто тогаш некои луѓе одбиваат да ги носат, па дури и протестираат против законите што го бараат тоа од нив?

Едноставно ги мразам. Мислам дека ги мразам затоа што мора да ги носиш и мислам дека е повеќе како правило дека мора да се носат, а јас не го сакам тоа, вели една жена на прашањето зошто одбива да го прави тоа.
– Мислам дека, без разлика дали си маж или жена, тоа е нешто што доминира. Јас раководам со себе и никој не може да ми каже што да правам – вели еден маж до неа.
Ова е само дел од размислувањата што би можеле да ги очекувате од демонстранти што одбиваат да носат маски кога излегуваат во јавност за време на пандемијата. Нивното противење се однесува на удобноста, па дури има и скептицизам дека тие воопшто може да спасат животи. Исто така, незадоволни се зашто од властите им е кажано да прават нешто. Но овие испитаници не се вознемирени поради носењето маски. Тие, всушност, зборуваат за безбедносните појаси во автомобилите.
Интервјуираните се британски возачи што признале дека не носат појас во автомобил во 2008 година, иако законите во Британија налагаат да се врзува појас на предното седиште на возилото уште од 1983 година и на задното седиште од 1991 година.

Споредбата меѓу протестите за маските за лице и за безбедносните појаси е популарна. Познати лица го искористија тоа за да истакнат дека отсекогаш постоеле противници. Медиумите укажуваа на тоа во обид да го објаснат потеклото на протестите против мерката што може да помогне да се контролира ширењето на пандемијата. Но воведувањето на законите за безбедносни појаси беше многу помалку јасно од условот да се носат маски за лице. Сепак, може многу да научиме од воведувањето закони за безбедносни појаси и други интервенции во јавното здравство. Зошто се чини дека постојат разлики помеѓу усвојувањето на правилата во различни земји? Зошто некои луѓе се подготвени да оспорат здравствена мерка што сигурно ќе спаси животи?
Иако доказите дека безбедносните појаси спасуваат животи се неоспорни, извесно време нивното воведување изгледаше неизвесно. Производители на автомобили, осигурителни компании, полициски служби, политичари и возачи имаа различни интереси во однос на законите за безбедносните појаси. За производителите на автомобили, проблемот беше трошокот. Во тоа време тие се надеваа дека сигурносните појаси ќе станат задолжителни затоа што беа многу поевтини за да се постават од воздушните перничиња – другата технологија за која лобистите водеа кампања. Едно воздушно перниче во средината на 1980-тите години чинеше до 800 долари, во споредба со неколкуте долари, колку што чинеше појасот.

Доколку законот наложуваше сите автомобили да имаат воздушни перничиња, цените на новите автомобили соодветно ќе се зголемеа, создавајќи мини-шок на пазарот.
Возачите најмногу беа заинтересирани за удобноста. Едно истражување открило дека 86 отсто од Американците признале дека сигурносните појаси спасуваат животи, додека само 41 отсто од нив навистина ги користеле (други истражувања сугерираат дека бројот е уште помал во другите земји). Во меѓувреме, дури 65 отсто од Американците биле против задолжителниот појас поради удобноста.
Осигурителните компании претпочитаа воздушни перничиња. Придобивката од воздушното перниче е дека е „пасивна“, тоа е поставено за да ви го спаси животот. Доколку биде поставено воздушно перниче, возачот нема избор дали да го користи или не, намалувајќи ги повредите и смртните случаи од несреќи и исплатите од компаниите. Полицијата беше против тоа да мора да ги запира возачите за да го спроведат законот. Пасивно воздушно перниче би значело дека полицајците би можеле да избегнуваат запирање на сообраќајот.

Значи, блокот за појаси се соочи со блокот за воздушни перничиња. Но дебатата обично не беше насочена кон тоа што спаси повеќе животи.
Њујорк беше првата американска држава што воведе закон со кој се бара употреба на безбедносни појаси на предните седишта на автомобилите на 1 јануари 1985 година, неколку години по Британија, Канада, Франција и Германија.
Но законите за безбедносните појаси се воведуваа со години. Во некои земји јазот помеѓу првото воведување за возачите на предните седишта и патниците на задните седишта беше децениски. Јапонија, на пример, првпат ги прогласи безбедносните појаси за задолжителни за возачот во 1971 година, но за патниците на задните седишта тоа се случи дури во 2008 година.
Законите исто така се воведени само во некои земји и сојузни држави, што значи дека може да возите преку граници на сојузните држави во САД и на одредени места да го вадите појасот без последици. На пример, Њу Хемпшир сè уште нема закон што им налага на возрасните да носат безбедносни појаси.

Во Илиноис, друга сојузна држава што воведе нови закони за безбедносни појаси во 1985 година, неносењето безбедносен појас се сметаше за мал прекршок при првото воведување, казниво со парична казна до 25 долари. Скромната казна требаше да ги увери возачите дека законот не треба строго да се применува. Наместо тоа, полициските служби објавија дека ќе казнуваат само доколку има други прекршоци поради кои треба да се запре возачот. Статутот дури отиде чекор понапред со одредбата дека кршењето на законот за безбедносни појаси не може да се смета за небрежност, што значи дека осигурителните компании сепак ќе мора да плаќаат дури и ако возачот се повредил, а не носел појас.
Протестите против законите за појаси не значеа дека Американците ги игнорираат, иако начелно се противат на нив. Податоците собрани од федералните власти во Њујорк сугерираат дека 70 отсто од возачите на предните седишта се придржувале до законот два месеци подоцна. Во Британија е забележано дека околу 90 отсто од возачите на предните седишта го следат законот по сличен период.
Кога законите во двете земји беа ажурирани во раните 1990-ти, за да вклучат возрасни патници на задното седиште, ефектот беше помалку забележлив.

Во Британија, околу десет отсто од патниците на задните седишта беа забележани со појаси пред промената на законот, во споредба со 40 отсто по воведувањето.
Во други земји имаше помалку протести, но придржувањето беше многу помало. Кон крајот на 1980-тите, Србија (тогаш дел од Југославија) имаше една од највисоките стапки на смртност на патиштата во Европа. Како и во САД, тогашниот југословенски закон за безбедносни појаси стапи во сила во 1985 година и предвидуваше парична казна од околу 75 долари и строго се спроведуваше. Но Југословените ретко носеа појаси.

Јасно е дека нивото на протестирање и бројот на правни предизвици не мора да се изедначуваат со усвојувањето на новиот закон или регулатива. Нешто друго се случуваше. Општата практика за возачите и патниците во Југославија, според тогашните студии, беше да ги поставуваат ремените преку раменици без да ги закопчуваат. Иако тоа значеше дека може често да избегнат парична казна, сепак појасот не се користеше во согласност со намената. Ако немаше намера од возачите правилно да го носат појасот, зошто тогаш да одат на суд?

Во САД, пак, оспорувањето на паричната казна е многу поскапо од плаќањето на скромната сума, а и онака малкумина се казнети.
Ова е можеби најкорисната лекција од споредувањето на законите за безбедносни појаси и за носењето маски за лице. Интензитетот на протести е нематеријален и веројатно е под влијание на тоа колку луѓето во една земја ги почитуваат властите и правниот процес. Она што е повеќе важно е дали луѓето го следат упатството и колку ефикасно го прават тоа.
Се чини многу луѓе ги следат упатствата за маските за лице. Во САД, околу 77 отсто од луѓето носат маски. Тој процент е малку поголем во Франција и малку помал во Германија, Британија заостануваше до летово, кога 74 отсто се изјаснија дека носат маски во јавност. Сепак, не ги носи секој правилно. На пример, една студија спроведена на 12.000 луѓе во Бразил покажа дека околу 30 отсто од луѓето погрешно ги носат маските, односно не ги покривале носот или устата.

Интервенциите во јавното здравство, како воведувањето маски за лице, често траат подолг период. Пораките и правната рамка што овозможува спроведување на законите треба да бидат исправни. Но времето ќе ги принуди луѓето да се приспособат. Околу три четвртини од возачите носат безбедносен појас во модерна Србија, многу повеќе од пред 35 години. Како и со маските за лице, некои луѓе сè уште не го сфаќаат тоа сериозно. На пример, само десет отсто од патниците на задните седишта го врзуваат правилно појасот, но српската влада продолжува со кампањата за негова употреба.
Наспроти протестите на гласно малцинство, ставовите за маски за лице се менуваат бидејќи доказите покажуваат дека интервенциите прават разлика и со текот на времето усвојувањето ќе продолжи да се зголемува, исто како што се случи со безбедносните појаси.