Две Германки сега ја предводат ЕУ: Ангела Меркел и Урсула фон дер Лејен

Процентот на жени на лидерски позиции е само мал аспект на прашањето како да се зголеми влијанието и значењето на жените на полето на мирот и безбедноста, но тој е многу видлив и затоа важен симбол.
Од 1 јули, Германија го презеде претседателството со Советот на Европската Унија. Како канцеларка на Германија, Ангела Меркел ќе претседава со состаноците на советот. Но таа е само седмата жена што го сторила тоа.
Гледајќи ја заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и нејзините мисии, впечатливо е што нејзиниот фокус досега беше доста ограничен кога станува збор за видливоста и унапредувањето на жените. Ова е единственото објаснување за фактот дека во 2020 година ниту една жена не води некоја од сегашните единаесет европски цивилни мисии (а камоли некоја од шесте воени операции). Во принцип, само шест од сите цивилни мисии досега биле предводени од жена, додека 64 од маж.

Жените исто така се јасно недоволно застапени и како заменици на шефовите на мисиите. Поточно, жени во моментот се назначени како заменици само на три од 11-те цивилни мисии на ЕУ (во мисијата за градење капацитети во Сахел, Нигер, полициската мисија на Европската Унија за палестинските територии, како и во набљудувачката мисија на Европската Унија во Грузија). Две од нив се Германки.
Во ноември 2018 година, ЕУ го објави цивилниот договор од заедничката безбедносна и одбранбена политика. Една од целите е да се зголеми процентот на жени на сите нивоа на мисиите во ЕУ.
Сепак, со оглед на тоа што договорот треба да се спроведе на национално ниво, секоја земја на ЕУ може сама да одлучи што точно значи подобра застапеност. Засега, се чини дека не се сите земји-членки многу заинтересирани да имаат што повеќе жени во мисиите за управување со кризи.

Обединетите нации се во подобра позиција во однос на ЕУ. Во сегашниот список на лидери на ОН во мировните операции и специјалните пратеници, една третина од лидерските функции ги извршуваат жени, како и една половина од функциите на заменик на лидерските позиции. Истовремено, жена ја предводи претежно воената мировна операција на Кипар.
Ова е главно можно затоа што генералниот секретар на ОН веќе во своето инаугурациско обраќање во декември 2016 година објави дека до крајот на мандатот, половина од сите високи позиции (вклучувајќи и специјални претставници и шефови на мисијата) ќе бидат пополнети од жени.
Во октомври се одбележува 20-годишнината од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН, „Жените, мирот и безбедноста“ (ВЕЦ). Првпат резолуција повикува на заштита на правата на жените во конфликти и еднаква вклученост на жените во мировните преговори, трансформацијата на конфликтите и реконструкцијата. Оваа годишнина нуди можност да се размисли за тоа во која мера жените се вклучени во европската надворешна и безбедносна политика досега.

Во однос на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, јасно е дека треба многу да се направи, барем во однос на кадровската политика. Освен што недостигаат жени на раководно ниво, исто така треба да се зголеми и во целина процентот на жени во цивилни мисии на ЕУ за управување со кризи.
Процентот на жени во такви мисии во моментот останува на многу ниски 25 отсто. Со удел од 29 проценти, Германија е само на средината на листата. Шведска со 39 отсто и Финска со 42 отсто се на многу подобри позиции. Во однос на цивилниот персонал, Германија е во водечката група со 41 отсто жени.
Недостигот од жени во мисиите, особено на лидерски позиции, често може да се објасни со недостиг од политичка волја. Сè додека државите на ЕУ предлагаат речиси исклучиво мажи за вакви места, нема да има значително подобрување.

Зашто, на пример, државите на ЕУ, во согласност со политиката на ОН, да не ветат дека до 2025 година (25-годишнината од Резолуцијата 1325) ќе се постигне родова рамнотежа во раководствата на мисиите? Соодветни кандидатки може да се најдат за наредните слободни работни места во 2020 и 2021 година.
Големиот број жени на највисоки позиции во мировните мисии на ОН (патем, некои од нив се и европски жени) јасно покажува дека има доволно соодветни кандидатки. Се разбира, Резолуцијата 1325 опфаќа многу повеќе нешта од прашањето за жените на лидерски позиции. Сепак, застапеноста на извршно ниво е важен аспект за да се осигура гласот на жените да биде вклучен во процесите на носење одлуки. Клучно е да се сфати сериозно искуството на жените на сите нивоа и да се вклучат жени во сите области на надворешната политика.