Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во својот најнов извештај неодамна предупреди дека присилните раселувања во светот не запираат, наспроти итниот апел од генералниот секретар на Обединетите нации на 23 март 2020 година, кој повика на глобален прекин на огнот за решавање на пандемијата.
– Додека ковид-19 привремено доведе до намалување на бројот на нови баратели на азил поради ограничувања на движењето и затворање на границите, основните фактори што доведоа до конфликт на глобално ниво остануваат нерешени – се додава во извештајот.
Во графиконот се издвоени земјите што во моментот се домаќини на најмногу бегалци, според податоците од извештајот на агенцијата на Обединетите нации. Дејствувајќи како географска отскочна штица кон Европската Унија за милионите лица што бегаат од конфликтот во соседна Сирија, Турција е далеку најголем домаќин на бегалци со вкупно речиси 3,6 милиони лица. Колумбија, сосед на Венецуела, која се наоѓа во тешка криза, во моментот е домаќин на вториот најголем број во светот, односно околу 1,8 милион бегалци.