Американската Национална научна фондација (ННФ) неодамна ги објави податоците што покажуваат дека во светот се објавени 2.555.959 научни и инженерски трудови во 2018 година, што е значајно зголемување во однос на 2008 година, кога се регистрирани 1.755.859 труда. Глобалниот истражувачки придонес во овој сектор се зголемувал за околу четири отсто годишно во изминатата деценија, а стапката на кинески пораст е речиси двапати повеќе од светскиот просек. И додека Американците беа на врвот пред една деценија, Кинезите денес објавуваат најмногу научни трудови во светот.

Во 2008 година, САД објавиле 394.479 труда во специјализирани списанија, наспроти кинеските 249.049 труда. Кинескиот брз пораст може да се види преку 528.263-те објавени трудови во 2018 година, многу повеќе од САД, каде што во истиот период биле објавени 422.808 труда. На трето место е Индија со 135.788 труда. Од друга страна, во Европската Унија биле објавени вкупно 622.000 труда, односно речиси четвртина од вкупниот број на глобално ниво. Уделот на Кина на светско ниво изнесува 20,67 отсто, а уделот на САД е 16,54 отсто.