На Европејците им олесна од победата на Бајден, но повеќето може да се разочараат ако не ги научат лекциите од изминатите четири години, смета Чарлс Купчан, директор по европски студии на американскиот совет за надворешни работи

Сите може да здивнеме. Кошмарот од ерата на Доналд Трамп е при крај. Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, е личност со невообичаена пристојност, интегритет и добра процена. Новоизбраната потпретседателка на САД, Камала Харис, жена со јамајско и индиско потекло, ќе ја затвори вратата за мизогинијата и расизмот што произлегуваат од Белата куќа последниве четири години. По 20 јануари, САД ќе се вратат како сидро на либералните и плуралистичките вредности, демократските институции и меѓународната тимска работа.
Но Европејците особено им олесна од победата на Бајден. Тие повторно ќе имаат лојални и сигурни пријатели во Белата куќа. Како и да е, Европа не треба да очекува враќање на состојбите од пред ерата на американскиот претседател Трамп. Бајден нема да има друг избор освен да се фокусира на домашниот терен додека се обидува да управува со поделена и ранета земја, да ја скроти пандемијата и да ја врати економијата во живот. Трансатлантската заедница ја очекуваат подобри денови, но претстои многу напорна работа, а очекувањата треба да бидат поставени соодветно.
Едно од најважните влијанија на победата на Бајден е симболично. Во водечката демократија во светот, центризмот и умереноста преовладуваат над популистичките крајности. Резултатот беше близок, но работите повторно се свртеа кон политичкиот центар. Овој резултат е поддршка за политичкиот центризам во атлантската заедница и пошироко. Популистичкиот национализам во никој случај не е поразен, но трендот се менува. Западот се враќа, бидејќи аргументираниот дискурс и либералните вредности, кои се негов кислород, ја покажуваат нивната моќ.

Духот на Западот и неговите институции се подготвени да се вратат. Бајден е ревносен атлантист. Додека Трамп постојано ја доведуваше во прашање вредноста на НАТО, Бајден ќе ја потврди светоста на колективната одбрана и ќе инвестира во Алијансата. Додека Трамп ја третираше ЕУ како конкурент, Бајден ќе ја гледа Европа како вистински партнер. Додека Трамп ја искористи Украина за лична политичка добивка, Бајден ќе се обиде да го врати нејзиниот суверенитет и да ги унапреди нејзините демократски богатства.
Наклонетоста на Бајден на меѓународна тимска работа ќе се прошири далеку надвор од атлантската заедница. Борба против климатските промени, промовирање на глобалното здравје, унапредување на сајбер-безбедноста, борба против насилниот екстремизам, проверка на ширењето на нуклеарното оружје – Бајден целосно цени дека овие и повеќето други предизвици може ефикасно да се решат само преку мултилатерална соработка. Вашингтон повторно ќе гради коалиции, а не да ги раздвојува.
Сето ова е добра вест. На Америка, Европа и остатокот од светот ќе им биде подобро. Но тешко дека сме надвор од бездната. Изборите во САД беа тесни. И покрај автократската неспособност на Трамп, околу 73 милиони Американци сакаа тој да добие уште четири години. На сличен начин се одржуваше политичкиот центар во поголем дел од Европа, но останува опасно ранлив.
Задачата е да се научат лекциите од ерата на Трамп. Во спротивно, Бајден ќе се покаже само како привремено отстапување од лажната привлечност на нелиберализмот и автократијата. Вистинските намери на Трамп беа видливи изминативе четири години, но тој сепак собра приближно десет милиони гласа повеќе отколку што имаше во 2016 година, што не може да се каже дека е пораз на неговиот бренд на политика.

Европејците и Американците треба да работат заедно за да ги решат основните извори на постојаната привлечност на популистичките крајности. Главен приоритет е намалување на економската несигурност, со припитомување на пандемијата и мапирање на иднината на работата во дигиталната ера. Друг приоритет е имиграциската политика што ги исполнува моралните обврски и економските потреби на САД и на Европа, но исто така ги обезбедува нивните граници. Во спротивно, нативистичките апели ќе продолжат да привлекуваат. Условите не се идентични во САД и во Европа, но трансатлантскиот дијалог за справување со ковид-19, создавање работни места и управување со миграцијата е задолжителен.
Европејците исто така треба да се подготват да преземат повеќе одбранбени товари и поголема одговорност за своето соседство. Бајден ќе продолжи со стратегиското повлекување што го започна Трамп. Демократите и републиканците се согласуваат дека е време да им се стави крај на таканаречените вечни војни на Блискиот Исток. Бајден исто така ќе сака да му демонстрира на електоратот дека сојузниците се подготвени да сторат повеќе не кога ќе бидат навредувани и предавани, туку кога ќе бидат почитувани и слушани.

Земјите што заостануваат со трошоците за одбрана, како Италија и Германија, треба да ветат дека ќе ги зголемат своите воени буџети. ЕУ треба да покаже конкретни иницијативи за унапредување на стабилноста во проблематичните места, вклучувајќи ги и Либија, источен Медитеран, Сирија и Нагорно Карабах. Колку Европа станува поспособна и поактивна, толку е подобар партнер за Соединетите Американски Држави и полесно за Бајден да го победи тврдоглавиот унилатерализам што ги зафати републиканците.
Конечно, штом Бајден ја преземе функцијата, САД и Европа треба да почнат постојан дијалог за заеднички пристап кон Русија и Кина. Одржувањето трансатлантски консензус за справување со Москва и со Пекинг е итен приоритет, но нема да биде лесно. Во Европа веќе се зголемува притисокот да се намалат санкциите против Русија. Особено ако тензиите меѓу САД и Кина продолжат да се зголемуваат, Европа може да биде во искушение да си постави свој курс, само за да ги зачува силните економски врски со Кина.
И Москва и Пекинг ќе се обидат да го продлабочат трансатлантскиот раздор што се отвори за време на ерата на Трамп. Вашингтон и неговите европски партнери треба да се подготват да стојат рамо до рамо и да ги отфрлат овие напори.
Претседателството на Бајден дава можност не само да се изгради либералниот поредок што Американците и Европејците го подигнаа заедно по Втората светска војна туку, како што вели Бајден, „да се изгради подобро“.