На Стариот Континент владите се обидуваат да ја уверат јавноста дека учениците и наставниците можат безбедно да се вратат во училиште

ЕВРОПСКИ ПЛАНОВИ ЗА ВРАЌАЊЕ ВО УЧИЛИШТАТА

Во цела Европа, почетокот на новата учебна година требаше да сигнализира враќање на нормалноста. Земји како Италија ги чуваа учениците дома од март до летните одмори, додека други, како Данска, дозволија училиштата повторно да се отворат во остатокот од учебната година откако помина најлошиот прв бран од пандемијата.
Сите се обидоа да ги уверат родителите и децата дека предавањата во училниците ќе почнат одново наесен. Сепак, планираното повторно отворање на училиштата не можеше да дојде во полошо време. Многу европски земји, од Шпанија до Полска, имаат скок на нови случаи на коронавирусот. Големиот број случаи веќе натера некои училишта повторно да ги затворат своите врати.
Засега е нејасно каква улога играат училиштата во пренесувањето на вирусот. Откриени се помалку случаи кај деца отколку кај возрасни, но научниците сè уште не се сигурни колку е веројатно децата да им го пренесат вирусот на другите.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести (EЦДЦ) соопшти оти доказите сугерираат „дека повторното отворање на училиштата не е поврзано со значителни зголемувања во пренесувањето на вирусот во заедницата“, но призна дека има „спротивставени докази“ за влијанието на затворање на училиштата и повторното отворање.
Сепак, родителите и учениците треба да се грижат и за други работи освен за ризиците од вирусот. Раните истражувања открија дека затворањето на училиштата имаше негативни ефекти врз образованието и благосостојбата на многу деца и тинејџери, додека родителите се мачеа да работат од дома и да ги учат своите деца.
– Најголемиот страв е дека пак треба да се вратиме на домашно образование – вели Кристина Таљбу, италијанска мајка што коосноваше протестно движење, во чии рамки родители и наставници протестираа во 60 италијански градови летово.
Поради тоа, повеќето европски земји се решени да продолжат со повторното отворање на училиштата, наспроти можниот втор бран наесен.

Во Шпанија, на пример, засега нема датум за враќање на училиште на национално ниво, со тоа што првите училишта повторно ќе се отворат на 7 септември во некои региони. Препораките на Владата вклучуваат физичко растојание и користење објекти како библиотеки и кантини како училници за да се обезбеди повеќе простор.
Регионалната влада на Каталонија ангажира 5.000 дополнителни наставници за да создадат стабилни „меури“ за учениците и да ги ограничат контактите во училиштата. Мадрид има намера да ангажира нови наставници и предложи четири различни акциски планови во зависност од сериозноста на пандемијата (вклучувајќи и делумно присуство и учење од далечина). Регионалните власти исто така предлагаат учениците постари од 14 години да можат да изберат образование преку интернет или да одат на училиште попладне наместо во утринските часови.

Во Франција, училишта треба да бидат отворени на 1 септември, освен во области прогласени како зони на активни вируси како Париз или Марсеј, каде што училиштата би можеле да останат затворени. Министерството за образование рече дека учениците немаат потреба од физичко дистанцирање во области каде што одржувањето растојание е невозможно. Сепак, учениците постари од 11 години ќе мора да носат маски и во затворено и на отворено ако не може да се гарантира минимално растојание од еден метар, како и наставниците. Училиштата ќе обезбедат маски за персоналот, но Министерството за образование соопшти дека има маски само за три месеци. Се очекува учениците да купат свои. Синдикатите на наставниците ја обвинуваат Владата за „хаос“ и за создавање „понижувачки“ услови за работа. Тие велат дека плановите за учење од дома се нецелосни.

Италијанските училишта, пак, треба да се отворат на 14 септември, откако беа затворени половина година. Персоналот ќе мора да носи маски, а Владата ќе одлучи на крајот од месецов дали ќе треба да го сторат тоа и децата постари од шест години.
Одделенијата ќе бидат помали за да овозможат физичко дистанцирање меѓу осумте милиони ученици во земјата, што значи дека е потребен простор за нови училници. Но според здружението на директорите на училиштата, во Италија сè уште недостигаат 20.000 дополнителни училници за вкупно 400.000 ученици.
Во Белгија, училиштата треба да се отворат на 1 септември и покрај зголемената стапка на инфекции во летниот период. Експертите за образование тврдеа дека Владата не треба само да ги гледа здравствените ефекти од повторното отворање туку и влијанието врз образованието и благосостојбата на децата. Новата студија исто така покажува дека децата едвај се заразуваат на училиште.

Регионите што се одговорни за образование во Белгија, одлучија сите училишта да се отворат на 1 септември. Доколку стапката на инфекција се влоши во одредено место, учениците од средните училишта ќе одат во училиште секоја втора недела во најизменични групи. Други мерки може да има во зависност од развојот на кризата.
Во Германија, новата учебна година почнува на различни датуми во 16-те сојузни покраини. Во неколку северни покраини, учениците веќе се вратија во училиштата, а во јужните покраини, часовите почнуваат од септември.
Образованието е регионална надлежност, што значи дека секоја покраина има различен план за повторно отворање, но германската Национална академија за природни науки веќе даде упатства. Препораките вклучуваат носење маски за ученици на возраст од 15 години или постари, мали групи за контакти во училиштата и континуирано тестирање.

Полска планира да ги отвори училиштата како на 1 септември, освен во неколку окрузи со повисоки стапки на инфекција на коронавирусот. Засега нема барање да се носат маски и нема ограничување на големината на одделенијата, но од децата се бара често да ги мијат рацете и да избегнуваат контакт со поголеми групи соученици.
Данските училишта повторно ги отворија вратите за новата учебна година на 10 август, но многу ученици веќе се вратија во клупите уште во пролетта, бидејќи брзите мерки на карантин и падот на случаи ѝ овозможија на земјата повторно да ги отвори образовните установи. Притоа, децата учеа во помали групи од 10-12, седеа на растојание од два метри во училниците и ги миеја рацете најмалку секој час и половина. Од децата и од наставниците не се бараше да носат маски и Данска не забележа пораст на инфекциите откако повторно ги отвори училиштата.