Дали со фокусирање на руските дезинформации ЕУ го трга фокусот од реалните проблеми?

Од ЕУ велат дека Русија користи дезинформации за да влијае врз исходот од изборите за Европскиот парламент, додека Москва демантира

Со зимата дојде и ризикот од мешање во европските избори, изјави кон крајот на минатата година сер Џулиан Кинг, комесарот за безбедност на ЕУ. Неговиот
главен осомничен е Русија. Официјални претставници на ЕУ велат дека Кремљ со години користи дезинформации за да поттикне раздор и конфузија во цела Европа и да ја поткопа довербата на гласачите во ЕУ и во демократијата.

Русија категорично ги негира ваквите обвинувања, нарекувајќи ги „целосно лажни“ и „неосновани“. Но некои коментатори сметаат дека незадоволството на гласачите од ЕУ, токму тоа за што ја обвинуваат Москва дека го шири, не треба да им се припишува на странските актери, туку на домашната политика.

За многумина, фразите како „дезинформации“ и „лажни вести“ испливаа на површина по американските претседателски избори во 2016 година, на кои, според разузнавачките агенции во САД, Русија тајно дејствувала за да влијае врз резултатот. Москва ги нарече таквите тврдења „апсурдни“.

Но Брисел презема дејства против наводната руска кампања за ширење дезинформации во 2015 година, кога беше формирана работна група наречена Оперативна група за стратегиски комуникации со Истокот (Ист стратком). Станува збор за 15 експерти, чија мисија е да ги идентификуваат и да ги разобличат сите обиди на Кремљ да ги заведе и збуни граѓаните на ЕУ.
Жил Портман, кој ја предводи групата, тврди дека има докази дека Русија се обидува да влијае врз европските демократски процеси.

– Има обиди за хакирање, објавување информации, деградирање одредени политичари или за погрешно претставување одредени политики. Најдобар начин за Русија да се зајакне е да го ослабне својот противник – вели тој.
Портман како пример ги наведува изборите за германскиот парламент во 2017 година, на кои ултрадесничарските националисти наводно биле поддржани од Русија. За време на француските претседателски избори истата година, медиумите финансирани од Кремљ беа обвинети за „ширење лаги“ во предизборната кампања. Исто така, имаше тврдења дека Русија се обидувала да ги хакира мејловите од кампањата на Емануел Макрон.

Но што е со европските избори? Претставници од ЕУ признаваат дека во моментот има малку докази за големи обиди за ширење дезинформации.
– Тоа што го видовме досега во европската предизборна кампања е многу послабо од тоа што сме го виделе во минатото. Сега гледаме продолженија на пораките дека ЕУ се распаѓа, елитите не се грижат за обичните луѓе или дека вредностите и идентитетите на Европа се под закана – вели Портман.
Но европските избори често се споменуваат во медиумите што ги финансира Кремљ, како РТ или „Спутник“.

– Тие постојано се осврнуваат на оваа тема во изминатите неколку месеци. Се чини најмногу шират пораки против естаблишментот – вели Олга Робинсон, која ги следи дезинформациите за Би-би-си мониторинг.
Некои од овие пораки се слични на пораките што ги шират антиевропските, популистички и антиестаблишментски партии, кои во изминатите години бележат подем во Европа. Анкетите покажуваат дека овие партии веројатно ќе го зголемат бројот на пратенички места во Европскиот парламент.
Прашањето е како може ЕУ да гарантира дека нејзините напори за справување со руските дезинформации не влијаат врз легитимната демократска дебата?
– Ние во ниту еден случај не сугерираме дека сакаме да им кажеме на луѓето што да веруваат и како да гласаат или да се мешаме во правото на луѓето да го задржат мислењето за нешто. Ние сме само против манипулацијата на дебатата и велиме дека е најдобро мислењата да се базираат на факти – вели Портман.

Европската комисија вели дека дезинформациите се дел од воената стратегија на Русија и дека Москва троши до 1,1 милијарда евра во проруски медиуми, огромна сума во споредба со буџетот на работната група на ЕУ, Ист стратком, од три милиони евра што треба да бидат потрошени до крајот на 2020 година.

Работната група има база на податоци отворена за јавноста, каде што ги наведува и ги побива статиите објавени од руски медиуми, кои, според нејзината анализа, содржат лаги, проруски пораки и дезинформации. Досега има собрано над 4.500 статии, а објавува и неделен билтен со некои од наодите.
Иако групата се фокусира исклучиво на руски медиуми со врски со Кремљ, таа во 2018 година беше критикувана откако наведе статии објавени во холандски медиуми како примери за дезинформации. Ист стратком беше обвинета дека се обидува да ја задуши слободата на медиумите и се соочи со можноста за тужба, по што се повлече и отстрани три статии од својата база на податоци.

Но работната група е само мал дел од поширокиот „акциски план на ЕУ против дезинформациите“, обелоденет во декември минатата година. Постојат и кампањи за дигитална свест, дополнително финансирање за тимови експерти задолжени за откривање дезинформации и за следење на пошироките обврски кон социјалните медиуми на технолошките гиганти како Гугл, Фејсбук и Твитер. Тие вклучуваат потранспарентно политичко рекламирање и отстранување лажни сметки. Исто така е создаден систем за брзо предупредување за да им помогне на европските влади веднаш да реагираат на нови закани за дезинформација. Сепак, портпарол на Европската комисија изјави дека системот сѐ уште не е активиран.

Во потрагата по руски дезинформациски кампањи, експертите најдоа докази за слични обиди за измама, кои не произлегуваат од медиуми поврзани со Кремљ, туку од групи лоцирани во ЕУ.

– Овие групи вршат притисок со поларизирани содржини. Некои пораки се засновани врз целосни лаги. Многу од нив ги повторуваат дезинформациите на проруските медиуми. Но тоа не значи дека се поврзани. Можеби Русија се приклучува кон ваквата евроскептична агенда. Тоа го прави веќе подолго – вели Робинсон.
Руската амбасада во Лондон обвинувањата за изборно мешање ги оцени како „целосно неточни“ и „неосновани“.

Слично, Ана Белкина, заменичка на главниот уредник на РТ, вели дека тврдењата за дезинформации против руските медиуми „служат за замолчување и истиснување на легитимните мислења од јавна дебата“.
– Наивно е да мислиме дека ако РТ не постои, проблемите што ги објавуваме нема да постојат. Игнорирањето на неистомислениците е тоа што одамна го поткопува медиумско-политичкиот естаблишмент, а не РТ – вели Белкина.

Наспроти сето внимание што ѝ се посветува на оваа тема во изминатите години, некои научни истражувања всушност доведоа до прашање влијанието на дезинформациите и на лажните вести во Европа. Има и такви што велат дека руските дезинформации се реални, но дека одговорот на ЕУ е погрешен.

– Со фокусирање на руска дезинформација, Европската комисија го трга фокусот од најосновните политички прашања и тоа е опасно. Има луѓе што легитимно се загрижени за економската нееднаквост, за невработеноста кај младите, а особено за имиграцијата. Има голема мобилизација на екстремната десница во цела Европа и таа не може да им се припише само на странските агенти – нагласува Џулија Рон, истражувач на Институтот за политика и меѓународни студии при универзитетот „Кембриџ“.

Руските медиуми најмногу пишуваат дека ЕУ се распаѓа, елитите не се грижат за граѓаните или дека колабираат европските вредности и идентитети, велат од ЕУ