ЕУ планира да се спротивстави на трговската политика на САД. Брисел изработил економска програма што предвидува еднострано воведување царински давачки за американски производи и соработка во развојот на европските технолошки компании, објави магазинот „Политико“.

Станува збор за документ од 173 страници, чии автори се обидуваат да се спротивстават на трговската политика на САД, како и на американските технолошки гиганти „Гугл“, „Епл“, „Амазон“, „Мајкрософт“ и „Фејсбук“. Планот предвидува создавање европски фонд за иднината од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, кој би требало да инвестира над 100 милијарди долари во акциите на ветувачките компании од ЕУ, кои треба да помогнат во конкретна борба со американските и кинеските технолошки гиганти. Во документот се наведува и дека ЕУ треба да покаже поголема решеност во трговската сфера во борбата против САД.

Сепак, треба да се истакне дека оваа иницијатива сè уште се разгледува. „Политико“ наведува оти брегзит ќе ја зајакне позицијата на Германија и Франција, кои веќе долго време се залагаат за посилни интервенционистички економски политики. Многу аналитичари веќе ја проценуваат можната штета од трговската војна САД и ЕУ, изјавувајќи дека нивното влијание ќе биде полошо од тоа на трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг, бидејќи трговијата меѓу ЕУ и САД претставува најголемата билатерална трговска врска во светот. Според економистот Флоријан Ханс, во 2018 година увозот и извозот на стоки и услуги од двете страни на Атлантикот ја надминаа трговијата со стоки меѓу САД и Кина за над 70 отсто. Според Стопанската комора на САД, САД лани увезле стоки и услуги од ЕУ во вредност од 683,9 милијарди долари, а од Кина во вредност од 557,9 милијарди долари. Во исто време, извозот на САД во ЕУ изнесувал 574,5 милијарди долари, а во Кина само 179,2 милијарди долари.