Германија, Франција и Британија лани формираа компанија, која требаше да овозможи трговија со Иран наспроти санкциите на САД

Еден нов финансиски инструмент требаше да ѝ донесе на ЕУ стратегиска автономија од САД, но неговото незабележливо деби покажува колку е далечна таа цел, смета Ана Сауербрај, уредничка на германскиот весник „Тагесшпигел“

Инструментот за поддршка на трговската размена („Инстекс“) е компанија основана од Германија, Франција и Британија во јануари 2019 година, која требаше да овозможи трговија меѓу Европа и Иран наспроти санкциите на САД. Една година подоцна, првата трансакција треба наскоро да се процесира, според германското министерство за надворешни работи. Сево ова може да звучи како техничка информација, но вреди одблизу да се анализираат „Инстекс“ и неговите неуспеси зашто овој инструмент е клучен пример за тоа колку залудна може да биде борбата на Европа за стратегиска автономија од САД.

Ако некому во Берлин му требаше потсетник за тоа колку е опасно импотентна Европа пред неконзистентната надворешна политика на претседателот на САД Доналд Трамп, 3 јануари требаше да го понуди одговорот. На тој ден, иранскиот генерал Касем Сулејмани беше убиен од напад со американски дронови во Ирак. Тоа ги доведе САД и Иран на работ на војна и одново ги натера лидерите на ЕУ да молат за претпазливост од маргините на светската политика.

Откако Трамп се повлече од т.н. ирански нуклеарен договор во мај 2018 година, европските земји се обидуваат да најдат соодветен одговор. Иранскиот нуклеарен договор е спогодба меѓу Иран, САД, Франција, Германија, Британија, Кина, Русија и ЕУ. Кога го потпиша договорот во 2015 година, Иран се согласи да го запре развојот на нуклеарно оружје и за возврат да добие олеснување на економските санкции. Трамп се откажа од договорот три години подоцна и покрај уверувањата од Меѓународната агенција за атомска енергија дека Иран ги исполнил условите. Набргу потоа, САД ги вратија и ги заострија санкциите кон Иран, кои вклучуваа и т.н. секундарни санкции, односно санкции што не само што им забрануваат на американските компании и граѓани да тргуваат со Иран, туку и влијаат врз странски субјекти и поединци што го прават тоа.

Повлекувањето беше голема промена во американската политика. Наместо пристапот од договорот со моркови и стапови, кој беше направен во тесно партнерство со Европа, администрацијата на Трамп се фокусира на стратегија за „максимален притисок“, дизајнирана економски да го задуши Иран. Секундарните санкции јасно ставија до знаење дека од перспектива на САД, Европа е на погрешна страна и затоа треба да се третира како дел од проблемот.

За европските потписнички на договорот, оваа промена претставува голем стратегиски проблем. Откако Трамп го најави американското повлекување, Иран постепено ја засилува својата нуклеарна програма. ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, вети дека ќе ја поддржи заложбата за тргување со Иран за да го задржи влијанието во земјата. Но Европа тешко го остварува ова ветување.
Огромното влијание на секундарните санкции на Америка не доаѓа само од пазарната моќ на САД, туку и од моќта на доларот и капацитетот на Американците легално или фактички да ги контролираат системите за финансиски трансакции.
– Речиси секоја компанија на некое ниво има некаква врска со САД. Дури и ако некоја компанија не работи на американскиот пазар, нејзината банка или некој трет субјект го прави тоа – посочува политичкиот експерт Дејвид Саливан.

Од целата ситуација се засегнати и компании што не работат на американскиот пазар. Еден начин за Европа да стекне „стратегиска автономија“ во меѓународните односи е да разработи капацитет за независни финансиски трансакции. Тоа нѐ враќа на „Инстекс“. „Инстекс“ е дел од систем на размена чија цел е да се избегнат директни плаќања меѓу европски и ирански компании при нивните деловни активности, со што би се избегнало и активирањето на американските санкции.

Според овој систем на размена, парите не мора да ја „преминуваат“ невидливата линија меѓу Европа и Иран. „Инстекс“ и иранскиот „колега“ ја регистрираат вредноста на пратките од Европа во Иран и обратно и организираат размена на соодветна сума на средства меѓу извозниците и увозниците од истата страна на линијата. Тоа е навистина сложено и можеби функционира на хартија, но се покажа дека е исклучително тешко да се реализира во реалниот свет. Креаторите во Берлин денес неофицијално признаваат дека ги потцениле техничките тешкотии.

Инстекс првпат беше објавен од високиот претставник на ЕУ за надворешни работи во септември 2018 година. Прво беше планирано да се формира како институција на ЕУ. Но поради правни и политички проблеми, „Инстекс“ се претвори во приватна компанија, која беше создадена од само три земји-членки, Франција, Британија и Германија, и доби седиште во Париз и директор од Германија. Пронаоѓањето вистински персонал, исто така, одеше тешко. Персоналот требаше да биде составен од луѓе со експертиза и во дипломатијата и во банкарството и од луѓе што се подготвени да преземат личен ризик, бидејќи САД се заканија дека ќе ги блокираат компанијата и секој друг поврзан со неа од американскиот финансиски систем, што би можело дури да се прошири и на затворање приватни банкарски сметки.
По долги подготовки, трите држави во јануари 2019 година го објавија создавањето на „Инстекс“. На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Букурешт истиот месец, германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, дури и смело се обиде да покаже мускули кон САД.
– Сакаме јасно да ставиме до знаење дека не зборувавме само за одржување во живот на иранскиот нуклеарен договор, туку и дека создадовме можност за правење деловни трансакции – изјави тој.

Една година подоцна, кога „Инстекс“ се подготвува да ја заврши својата прва трансакција, се чини дека дојде големиот момент кога Европа ќе им се спротивстави на САД во однос на Иран. Но дали е навистина е така? Кога ќе се спореди со силната реторика на Мас во Букурешт, звукот што денес се слуша од германските кругови на надворешна политика е мошне задушен. За првата трансакција се вели дека е само „тест“. Германските власти одбиваат да го кажат точниот износ, но велат дека е „помалку од милион евра“. Тие сакаат да истакнат дека сѐ е целосно легално и во согласност со американскиот режим на санкции. Првиот трговски договор што работи преку „Инстекс“ е пратка на медицинска стока произведена од германска компанија. Но името на компанијата-извозник се третира како државна тајна, како и имињата на вклучените банки, од страв тие да не станат жртви на американскиот гнев. Исто така, нема ирански увоз во ЕУ, како што е утврдено со првичниот концепт за системот на размена. Сумата предвидена за испорака е обезбедена од „Инстекс“.

По постојаните американски дипломатски притисоци и закани, „Инстекс“ од инструмент што се промовираше како главен пример на независната европска надворешна политика се претвори во компанија што полутајно испраќа хуманитарна помош за Иран за сума помала од еден милион евра. Позицијата на Европа, која гордо му се спротивставува на силеџијата одамна ја нема. Таква приближно беше ситуацијата кога Трамп во јануари нареди ликвидација на Сулејмани и неколку недели го држеше светот во неизвесност и страв од нова војна на Блискиот Исток. На површината, кризата не влијаеше врз стратегијата на Европа за управување и контрола. Франција, Британија и Германија го активираа механизмот за решавање спорови од нуклеарниот договор со Иран.

Но иако на површина изгледа како Европа да функционира како и досега, под земја тектонските плочи на трансатлантските односи се поместуваат. За Европа, директен сосед на Блискиот Исток, влоговите од ризичната стратегија на Трамп за Иран се екстремно високи. Во јануари, Европејците дознаа дека Трамп може одеднаш да ги доведе во опасност безбедносните интереси на Европа. Ова, како и тешките лекции научени од експериментот „Инстекс“, одново илустрира колку е тешко да се води независна надворешна политика во еден свет на доларот, во кој САД ја користат трговијата како оружје. Европските креатори на политики се соочија со спротивставени чувства на итност и на целосна импотенција. Во моментот, се чини дека германските креатори на надворешни политики се подготвени да живеат со тоа, поради недостиг од подобри опции и поради страв од одмазда. Нив ги одржува нејасната надеж дека иранската нуклеарна програма може да биде ограничена до американските претседателски избори. Но ако Трамп биде реизбран на 3 ноември, тогаш може да се достигне точката на топење. Опасноста од сојузништво со САД ја надминува опасноста од оддалечувањето од САД. Веќе се нудат алтернативни партнери. Кина и Русија долго работеа на намалување на нивната зависност од доларот и на каналите за финансиски трансакции во кои доминираат САД. Тие со голем интерес ја следеа иницијативата на „Инстекс“ во Европа, нудејќи се како членки. Германија досега ја одбиваше нивната понуда.

Лидерите на ЕУ бараат решение откако Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор во 2018 г.