Европската комисија, Европол и земјите на ЕУ бараат начини за зачувување на легалните можности за пресретнување на комуникациите во новите 5Г-мрежи, откри еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон

Европските власти се исправени пред нови предизвици, како што постепено се воведуваат 5Г-мрежите на Стариот Континент, бидејќи новата технологија користи 256-битна енкрипција, што овозможува досега невидени нивоа на приватност и анонимност во мрежите за мобилни комуникации.
Еден пример за значително зголемените стандарди за приватност на 5Г-мрежите е енкрипцијата на Меѓународниот идентификатор за мобилни корисници (ИМИСИ) во рамките на новите мрежи. Ова ќе значи дека безбедносните власти повеќе нема да можат да ги лоцираат или идентификуваат мобилните уреди, се вели во една забелешка на Европол од минатата година.

– Властите, исто така, не се во можност да поврзат одреден уред со одредено лице – посочува невладината организација за заштита на приватноста „Стејтвоч“.
Ваквите подобрени стандарди во мобилните комуникации овозможуваат заштита на идентитетот и локација на корисникот, со што, пак, се поткопува можноста на полициските власти да спроведат „законско пресретнување“ или, со други зборови, следење или прислушување. Во Европа, стравувањата на политичарите и полициските служби во овој поглед почнуваат да провоцираат идеи за тоа како може да се заобиколат повисоките нивоа на енкриптирање.

– Комисијата на ЕУ, Европол и органите за спроведување на законот и редот во земјите-членки на ЕУ работат заедно за да ги идентификуваат соодветните начини за зачувување на можностите за законско следење во 5Г-мрежите – откри еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Нејзината изјава е дадена откако германската левичарска европратеничка Корнелија Ернст во октомври побара одговор од извршното тело на ЕУ за ова прашање. Ернст тврдеше дека европските полициски служби се обидуваат да воспостават „можности за прислушување“ во новите 5Г-мрежи, работејќи со одредени меѓународни тела за стандардизација, вклучувајќи ја и работната група на Техничкиот комитет за законско следење на Европскиот институт за телекомуникациски стандарди (ЕТСИ) и Партнерски проект за трета генерација (3ГПП) на Меѓународната унија за телекомуникации на ОН.

Во мај 2019 година, координаторот на ЕУ за борба против тероризам сугерираше дека Европол би можел да ги зајакне способностите поврзани со 5Г-мрежите.
– Европол би можел да размисли да стане членка на ЕТСИ, а потоа и на подгрупата за спроведување на законот од процесот на 3ГПП за поддршка на земјите-членки, како одговор на грижите за спроведување на европските закони – посочи Жил де Керчове во белешка до националните делегати во ЕУ.

Според Јохансон, Европол го поттикнува учеството на земјите во телата за стандардизација што се занимаваат со законско следење и сајбер-безбедност на 5Г. Ова има за цел да им овозможи на полициските служби подобар пристап до податоците за потрошувачите во текот на кривичната истрага, посочи таа во писмениот одговор до Ернст. Јохансон додаде дека „директното учество“ на Европол во такви активности во моментот е „ограничено“.
– Новите 5Г-мрежи се дизајнирани за да штитат од пресретнување на комуникациите. За да се заобиколи ова, постојат две можности. Прво, можете да побарате од производителите во своите уреди да вклучуваат еден вид „задна врата“, од која би можело да се вадат некриптирани податоци надвор од системот. Второ, можете да се обидете да ги ослабнете софтверските стандарди така што ќе ја задржите можноста да ја декриптирате комуникацијата што сакате да ја пресретнете – изјави германската европратеничка Ернст.

Според неа, првиот пример се однесува на тоа што САД го обвинуваат „Хуавеи“ дека го направил со својата опрема, а што кинеската компанија го негира, додека вториот пример се однесува на тоа што комисијата призна дека Европол го прави во моментот. Активистот за човекови права Матијас Монрој претходно посочи на коментари од германското министерство за внатрешни работи дека стандардите за приватност во комуникациите во 5Г-мрежите би можеле да се намалат за да се олеснат полициските истраги.
Обновената загриженост за пристапот на полицијата до податоците од 5Г-мрежите доаѓа во услови на неизвесности за иднината на технологијата во ЕУ. САД го засилуваат притисокот врз европските земји да не им дозволат на Кинезите да ги градат 5Г-мрежите. Последен случај е Британија, каде што неделава американски делегати разговараа со своите колеги од Островот пред Лондон да донесе одлука во врска со кинескиот гигант „Хуавеи“.

Во декември, министрите на ЕУ усвоија заклучоци, истакнувајќи дека пристапот на ЕУ кон сајбер-безбедноста во 5Г-мрежите треба да биде сеопфатен и заснован на ризик, истовремено имајќи ги предвид „нетехничките фактори“. Европската комисија во октомврискиот извештај за координираната процена на ризикот на 5Г-мрежите наведува дека „заканите од државните актери или од актерите поддржани од држави имаат најголема важност“. Земјите на ЕУ добија задачи да изработат мерки за ублажување на ризиците од сајбер-безбедност, наведени во извештајот на комисијата. Земјите на ЕУ работат со комисијата и со Европската агенција за сајбер-безбедност на подготвување на плановите што би требало да бидат објавени во наредните недели.