Изборот на Армин Лашет за лидер на Демохристијанската унија значи дека ќе се зачува наследството на германската канцеларка, вели Метју Карнитшинг од „Политико“

Какви се политичките очекувања во ЕУ и во Берлин по заминувањето на германската канцеларка

Гем, сет и меч за германската канцеларка Ангела Меркел. Нејзиното име не беше напишано на кандидатската листа за избор на нов лидер на нејзината Демохристијанска партија (ЦДУ) на конвенцијата што се одржа минатата сабота. Иако таа реши да не присуствува на конвенцијата, сепак нејзиниот дух како да надвиснуваше над сите како кадифена завеса. Нејзината партија го избра посакуваниот кандидат Армин Лашет, пријатниот премиер на Северна Рајна Вестфалија, што беше повеќе од еден сигнал дека Меркел остави неизбришлив печат на најголемата германска политичка партија и што ќе ја дефинира и во наредните години.
Многу германски конзервативци се против бегалските политики на Меркел, економските одлуки, па дури и во однос на пандемијата. Во текот на изминатите две години, тие имаа не само една туку две шанси за да стават крај на ерата на Меркел, но не успеаја ниту во двата наврати. Доколку добијат можност да го вратат времето и да го обноват традиционалниот конзервативен пристап на ЦДУ во однос на општествените и економските прашања, партиските делегати, наместо тоа, избраа да се држат до инклузивниот центризам на Меркел.

Прво Меркел, а потоа партијата

Дури и Лашет, кој се соочува со тешката задача да ја обедини партијата под својата власт пред мноштвото претстојни регионални избори, мора да биде порезервиран и да остави простор за популарниот баварски премиер Маркус Содер во канцеларската трка, бидејќи конзервативниот блок на Германија не е подготвен да се откаже од она што првично го создаде Меркел.
Доволно е да се фрли само еден поглед на постигнувањата на канцеларката за да се забележи ова. Таа успеа веќе 16 години да доминира во германската политика, со тоа што ја надмина идеолошката поделба. Иако нејзиниот пристап ја чинеше партијата поддршката од дел од конзервативците, од кои многумина преминаа во ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АФД), сепак таа исто така ја прошири поддршката за демохристијаните, особено меѓу жените што беа клучни за изборните успеси.
Минатонеделното гласање беше потврда од ЦДУ дека ако партијата сака да ја зачува доминацијата, мора да се развива паралелно со германското општество со прифаќање пофлексибилен, либерален пристап за многу прашања – стратегија што многумина ја нарекуваат меркелизам.

Кои политичари се со најдолг век на функцијата

На прв поглед, победата на Лашет над Фридрих Мерц, традиционалниот конзервативец што беше фаворит на десничарското крило на ЦДУ, тешко може да се смета за убедлива. Лашет освои 53 отсто од внатрепартиските гласови, во споредба со 47 отсто на Мерц. Но во оваа ера на поделени политики, каде што некои парламентарни избори се одлучуваат само со неколку гласа, разликата од пет отсто дури може да се смета за убедлива победа.
Покрај тоа, Мерц, кој долги години ѝ беше ривал на Меркел, не само што беше поразен од страна на Лашет туку исто така изгуби пред две години од Анегрет Крамп-Каренбауер, која беше првичен избор за наследничка на канцеларката. Со други зборови, дебатата за тоа во која насока ќе се движи ЦДУ беше одамна одлучена за во блиска иднина.
Меркел не остави простор за сомнеж за ова минатата недела. Само неколку часа по поразот, Мерц се понуди да се приклучи во нејзиниот кабинет како министер за економија, позиција што во моментов ја извршува Питер Алтмајер, кој е човек од доверба на Меркел. Преку нејзиниот портпарол, таа веднаш ја исече во корен ваквата идеја, порачувајќи дека не планира да прави реконструкција на Владата.
Меркел сега е во позиција да ги изведе најретките политички јунаштва за лидерите во парламентарната демократија, не само со тоа што самата ќе одреди кога да си замине од политиката туку и ќе ги одреди идентитетот на нејзиниот наследник и долгорочната агенда на нејзината партија.

Нов лидер на Германија или во Европа?

Без разлика дали станува збор за надворешната политика или економијата, Лашет отворено ги претстави своите намери да води слични политики како оние на Меркел. Дури и неговиот избор на делегати беше целосно во духот на Меркел. На конвенцијата тој порача дека „иако не е голем шоумен, сепак народот може да има доверба во неговото име“.
Лашет исто така ги охрабри своите колеги конзервативци да се соочат со реалноста за која ретко се говори, а тоа е дека „многумина прво ја гледаат Меркел, а потоа ЦДУ“. Тој додаде дека довербата и кредибилитетот, кои Меркел еднакво ги ужива дома и надвор, не може едноставно да се пренесат од еден на друг лидер, туку мора да се „заработат“.
Историјата ги оценува политичките лидери не по тоа што ќе го постигнат во текот на нивниот мандат, туку по трајната моќ на нивното влијание. Минатата недела, ЦДУ презеде голем чекор напред за да ја вклучи Меркел во политичкиот пантеон заедно со великаните како Хелмут Кол и Маргарет Тачер. Токму затоа ерата на Меркел не е завршена. Таа допрва почнува.