Вестите на дигиталните верзии на медиумите сè почесто стануваат недостапни за слободно читање. Институтот за новинарски студии на „Ројтерс“ покажува дека станува тренд да се плаќа за читање вести на интернет, особено во Норвешка (45 отсто), а исто така тоа е релативно честа пракса во САД (20 отсто). Врз основа на податоците на ФИПП и „Селера уан“, а објавени од „Вижуал капиталист“, може да се забележи кои странски медиуми се најатрактивни за читателите на интернет. „Њујорк тајмс“ е на врвот на листата со 7,5 милиони претплатници на дигитални содржини. Интересен е податокот што „Тајмс“ имаше пораст во дигиталната претплата откако Доналд Трамп беше избран за претседател во ноември 2016 година, а лани исто така беше добра година за медиумот. „Вашингтон пост“, „Вол стрит џурнал“, „Гејм информер“ и британски „Фајненшел тајмс“ се веднаш зад „Њујорк тајмс“. Британски „Гардијан“, кој на 5 мај одбележи 200 години од постоењето, има околу 800.000 дигитални претплати. За разлика од другите портали, тој не им ги забранува содржините на читателите откако ќе прочитаат одреден број статии, туку ги поттикнува да се претплатат.