За разлика од Кина, САД треба да им понудат материјални добивки на државите со ниски и средни приходи, тврди Бранко Милановиќ за „Форин аферс“

Глобалниот пазар создава нови трендови

САД и Кина водат меѓусебен натпревар за влијание врз остатокот од светот, кој многу личи на оној за време на Студената војна меѓу САД и Советскиот Сојуз. Но тогаш Вашингтон имаше привлечен економски и политички модел што им го нудеше на земјите во развој. Денес, Кина ја користи иницијативата, нудејќи практични инвестиции во материјални проекти без политичко мешање. САД може да се натпреваруваат на ова поле, но за да го сторат тоа, потребен е нов модел, кој не се потпира на милосрдието од минатото или на меките барања за институционална промена, туку, како во кинескиот случај, на подготвеноста за конкретни инвестиции во благосостојбата на државите во развој.

Консензусот на минатото

Пристапот што го следеа САД за време на Студената војна може да биде поделен во две фази. Во текот на првата фаза, непосредно по крајот на Втората светска војна, САД ги концентрираа своите напори за обнова на економиите на Западна Европа, Јапонија и Јужна Кореја преку директна помош и отворени пазари. Вашингтон се обиде да создаде во овие земји богата средна класа, под претпоставка дека таа нема да сака да гласа за комунистичките партии што ќе ја оспоруваа приватната сопственост на капиталот. Овој повоен период е поврзан со Маршаловиот план и честопати се смета за врвот во добронамерноста на американската хегемонија. Втората фаза од Студената војна беше пошаренолика. Во 60-тите години на минатиот век, за време на деколонизацијата на голем дел од светот во развој, САД на моменти поддржуваа режими што беа општествено реакционерни и незаинтересирани за економски развој, како во Конго, предреволуционерна Куба, Доминиканска Република и Јужен Виетнам. Но, во други случаи, инсистираа на земјоделски реформи и широк економски раст, како во Колумбија, Јужна Кореја и Тајван. Постепено се појави западен поглед на економскиот развој што се темелеше на теоријата за модернизација, според која со создавање силна средна класа, економскиот развој резултира со демократија.
Американските совети за развој се темелеа на две релативно едноставни, но моќни теории за раст и дистрибуција, според кои земјите требаше да се фокусираат на економскиот раст, кој требаше да ја реши нееднаквоста. Повисоките и еднакво распределени приходи требаше да ги натераат граѓаните да бараат одржлива демократија. САД не настојуваа да ја наметнат демократијата инсистирајќи на институционална промена пред да созреат економските услови. Демократизацијата требаше да се постигне индиректно, преку економски раст и поправична распределба на ресурсите. Моделот функционираше најдобро во Јужна Кореја, Тајван и јужноевропските земји како Португалија и Шпанија.

Неолиберализмот стапува на сцена

Сепак, во 80-тите години на минатиот век се појави неолиберална економија што го замени овој модел. Новиот модел се стремеше за намалување на улогата на државата, но да се отворат институциите и „инвестициската клима“ кон приватниот сектор, по што требаше да следува раст. Крајот на Студената војна и распадот на Источниот блок го забрзаа трендот кон неолиберализмот. Американските советници и меѓународни организации во кои Вашингтон имаше водечка улога, како Светската банка и другите развојни банки, престанаа да ги нагласуваат растот и прераспределбата и почнаа да промовираат институционални реформи. Кога земјите се соочија со кризи во платниот биланс, банките за развој обезбедија заеми што зависеа од „структурно приспособување“, па, така, од владите се очекуваше да ги намалат трошоците и даноците, да либерализираат и приватизираат. Овие политики ги одразуваа идеолошките случувања во самите богати земји во текот на 1980-тите и 1990-тите. Како што се намалуваше и завршуваше конкуренцијата меѓу Советскиот Сојуз и САД, ниту јавноста ниту политичката класа немаа голем интерес за судбината на земјите во развој. Немаше веќе никаква итна потреба да се убедат другите земји во супериорноста на Америка. Ефектите од неолибералниот модел тешко може да се одделат од глобализацијата. Кина очигледно имаше голема корист, но нејзиниот пристап кон внатрешната политика честопати беше сосема спротивен од она што го налага неолиберализмот.

Помалку празни зборови, повеќе пари

Подемот на Кина и ненадејната западна потреба да се спротивстави на нејзиното влијание разоткрија еден непријатен факт, а тоа е дека САД и Европската Унија (ЕУ) веќе немаат јасна филозофија на развој за другите земји. Доколку некој министер од сиромашна земја побара совет од американски дипломати или економисти за развој, најверојатно ќе добие здодевно предавање за човековите права, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и слично. Целите се оправдани, но бараат долгорочна институционална трансформација.

Кина не го должи сопствениот економски подем на добро осмислената политика што Пекинг би можел да ја „спакува“ во алатки што ќе им ги дава на земјите во развој, туку земјата сама го научи патот кон растот и постепено ги откриваше и спроведуваше добрите политики додека ги искоренуваше лошите. Овој процес се одвиваше под посебни услови што беа единствени за Кина. Инфраструктурниот развој е една од најуспешните кинески политики. Во раните 2000-ти, Кина немаше брз железнички систем, а сега располага со најголемиот во светот. Железничкиот товарен транспорт меѓу Кина и Европа и други транзитни дестинации се зголеми за околу 70 отсто. Токму скорашната блокада на Суецкиот Канал ја истакна важноста на овие врски.
Затоа не изненадува што во соработката со помалку развиените земји, Кина го нагласува развојот на инфраструктурата. Пекинг нуди инвестиции преку својата иницијатива „Појас и пат“ и преку неодамна основаната Азиска банка за инвестиции во инфраструктура. Помалку развиените земји сметаат дека Кина им нуди нешто конкретно што ветува економско подобрување веднаш и во иднина. Понатаму, Кина избегнува заплеткување во внатрешната политика на земјите со кои соработува. Затоа многу од тие влади го претпочитаат пристапот на Кина наместо на САД, затоа што не ги доведува во прашање нивните политички системи и затоа што ветува дека ќе донесе поголем економски раст.

Позитивната страна на нештата

Доколку западните земји и САД планираат да се натпреваруваат со Кина за земјите во развој, треба да направат попривлечен пристап, што ќе овозможи материјални добра на тамошното населението во форма на брани, електрични мрежи, системи за вода и канализација, па дури и продуктивни инвестиции во преработка или производство. Другите инвестиции би можеле да ги поддржат образованието, здравството, урбаниот развој, безжичните мрежи или директните трансфери на готовина до квалификуваните популации. Американскиот претседател Џо Бајден неодамна излезе со идејата дека американските компании може да водат меѓународен напор за развој на инфраструктурата во Африка, Азија и Латинска Америка. САД не можат ефикасно да се натпреваруваат со Кина во сите области, но има многу во кои имаат технолошки предност или нивните инженерски квалитети се супериорни. Многу од домашните политики што Бајден и неговата секретарка за финансии, Џенет Јелен, неодамна ги објавија за инфраструктурата, корпоративните даноци, јавното образование, детскиот развој и слично, јасно се спротивни на економските политики што траеја во последните 40 години.

Ако Кина и САД навистина започнат сериозно да се натпреваруваат за изградба на светската инфраструктура, земјите што големите сили долго време ги запоставуваа одеднаш ќе добијат многу поголемо влијание. Од светска перспектива, зајакнувањето на овие земји не треба да се смета за лош исход. Напротив, ако САД и Кина се натпреваруваат за поддршка на сиромашните земји, тие земји најверојатно ќе добијат повеќе ресурси, што треба да го зголеми нивниот раст и да помогне во намалување на светската сиромаштија. И покрај тоа што студената војна меѓу Кина и САД би била несреќен геополитички настан, таа би можела да биде светло во тунелот. Но прво Западот мора сериозно да размисли како неговите активни владини политики можат да го забрзаат развојот на сиромашните земји. САД треба да се откажат од сегашниот пристап, кој се заснова на „мекиот“ развој на институциите и граѓанското општество, во корист на „тврдиот“ пристап, чиј успех ќе се мери според тоа колку брзо и директно се влијае на материјалниот животен стандард на луѓето.