Над една петтина од населението во Европа е на 65 години или постаро. Најновите истражувања покажуваат дека ризикот од хоспитализација и смртност е значително поголем меѓу постарите лица

Најновите испитувања на последиците од коронавирусот покажуваат дека ризикот од хоспитализација и смртност е многу поголем кај постарите лица. Такви резултати покажа едно научно истражување за поврзаноста меѓу возраста и ковид-19 меѓу заразените и починатите лица во Кина. Тоа е и едно од објаснувањата за големиот број жртви меѓу лицата заразени со коронавирусот во Италија, која има второ најстаро население во светот.

Податоците на европската статистичка агенција Евростат покажуваат дека во 2019 година, 20,3 отсто од населението во ЕУ било на возраст од 65 години или повеќе, што е за 0,3 проценти повеќе во однос на претходната година и 2,9 проценти повеќе во однос на претходната деценија.
Меѓу земјите-членки на ЕУ, најголем процент на стари лица во вкупното население во 2019 година е регистриран во Италија (22,8 отсто), а по неа следуваат Грција (22 отсто), Португалија и Финска (со по 21,8 отсто), Германија (21,5 отсто) и Бугарија (21,3 отсто). Најниски проценти се забележани во Ирска (14,1 отсто) и во Луксембург (14,4 отсто).

На регионално ниво, најголем процент на стари лица има во Кемниц (28,9 отсто) во Германија, а потоа следуваат Лигурија (28,5 отсто) во Италија, Епир (27 отсто) во Грција, Лимузeн (26,7 отсто) во Франција и Саксонија-Анхалт (26,5 отсто) во Германија. Од друга страна, најниски проценти на постаро население се забележани во француски Мајот (2,7 отсто) и Гвајана (5,8 отсто) и во шпанскиот автономен град Мелиља (10,7 отсто), на средоземноморскиот брег на Северна Африка.