Дали односите на администрацијата на Бајден и европските лидери ќе се сведат само на празни зборови или ќе има и конкретни дела?

ЕУ ветува дека ќе ги искористи шансите што ги нуди новата американска администрација, но нејасната стратегија сè уште е голема пречка

Подобрувањето на т.н. стратегиска култура на Европа, иронично, повеќе стана слоган отколку практична цел. Европа во моментот отворено дебатира за надворешнополитички прашања, а особено за трансатлантскиот однос. Сведоци сме на судирот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер, кои понудија спротивставени ставови. ЕУ, пак, ги отфрла „лажните дебати“ меѓу трансатлантичарите и европеистите и тврди дека врските се силни од двете страни на Атлантикот. ЕУ ја истакнува шансата да се даде понуда што Америка тешко може да ја одбие, особено во момент кога Вашингтон можеби ќе ја има најтрансатлантската администрација во последните неколку децении со изборот на Џо Бајден на претседателската функција.
Тимот на Бајден во Европа ќе најде вистински партнери опкружени со спротивставени трендови: поголема амбиција, но помалку ресурси, визии за автономија во комбинација со реалност на меѓусебна зависност, потрага по стратегија, но со неповрзани тактики, со добри намери, но со неусогласени резултати. Главниот предизвик за двете страни ќе биде преточување на стратегискиот договор на високо ниво во конкретни политики, кои може да дадат опипливи резултати на краток рок и со текот на времето.

Концептите како „стратегиска автономија“, европска одбранбена унија и европски суверенитет станаа вообичаен јазик меѓу европските лидери за да ја означат амбицијата на Европа да дејствува како глобален актер и да го обликува светскиот поредок. Но понекогаш ваквите концепти ги замаглуваат наместо да ги разјаснуваат стратегиските избори. Она што е највпечатливо е дека честопати има малку суштина зад концептите. Обично, се чини дека една фраза е избрана за парола што бара стратегија за подоцна да биде дефинирана или, почесто, оставена недефинирана и оспорена.
На пример, во изминатите четири години се потрошија безброј часови и страници за идејата за стратегиска автономија, но без многу напредок. Првпат воведен во Глобалната стратегија на ЕУ во 2016 година, концептот остана недефиниран, но и ограничен како „соодветно ниво на амбиција и стратегиска автономија“. Поголем увид може да се извлече од Францускиот стратегиски преглед во 2017 година, кој ги истакнува како цели стратегиската автономија за Франција и за Европа. Документот ја дефинира стратегиската автономија на Франција како „нејзина способност да одлучува и да дејствува сама за да ги брани своите интереси“. За Европа, сепак, стратегиската автономија „бара развој на заедничка стратегиска култура“ и може да биде автономна дури од самата ЕУ. Како пример, француската бела книга ја дава Европската иницијатива за интервенирање, коалиција предводена од Франција и држави во и надвор од ЕУ, која е одделена од институциите на ЕУ.

Во француската доктрина, концептот за стратегиска автономија датира уште од претседателството на Шарл де Гол. По последиците од Суецката криза во 1956 година – кога тогашниот претседател на САД, Двајт Ајзенхауер, им рече на Велика Британија и Франција да ја прекинат интервенцијата во Египет – Де Гол утврди дека Франција секогаш треба да ја зачува својата слобода на маневрирање, поддржана од сопствениот нуклеарен арсенал и независност од воените структури на НАТО. „Нуклеарното заплашување“ ѝ гарантира на Франција „слобода на одлучување и дејствување“. Сепак, ЕУ, со мултилатерализам во основата на своето донесување одлуки, очигледно не може да ја бара истата еднострана слобода на маневрирање. Во секој случај, не е во домен на француската бела книга за одбрана да ја дефинира стратегиската автономија на ЕУ. Зачудувачки, ниту германската, шпанската или полската стратегија – сите тие по датумот на Глобалната стратегија на ЕУ – не го вклучуваат концептот на национално или на ниво на ЕУ. Покрај тоа, дебатата за стратегиската автономија не е напредната со замена на други пароли, како што се „стратегиски суверенитет“ или „кооперативна автономија“.
Слично на тоа, Европската одбранбена унија е нарушена од слична концептуална конфузија. Еден поранешен службеник на ЕУ неколкупати се обидуваше да објасни дека НАТО е за колективна одбрана, а ЕУ за заедничка одбрана – но не можеше да ја разјасни суштинската разлика над оваа семантичка разлика. Тој вложи многу поголем напор во опишување на тоа што не е одбранбена унија – не го удвојува НАТО, не предвидува војска на ЕУ, не ја пренесува одбранбената одговорност на ниво на ЕУ – отколку да опише што претставува таа.

Основните цели на одбранбената унија исто така се нејасни: дали да се зголемат капацитетите (германски став), да се зајакнат операциите (француски став) или да се заштеди. Придобивките од ефикасноста станаа особено привлечен аргумент, но се потпираа на широко дивергентни процени: помеѓу 25 и 100 милијарди евра или помеѓу 10 и 40 проценти од европските буџети за колективна одбрана. Оваа анализа се засноваше единствено на застарен седумгодишен извештај од Европскиот парламент, кој и самиот беше многу внимателен во точноста на предвидувањата. До моментот кога информациите ќе се филтрираат во говорите на високи функционери, долниот праг ќе достигне 100 милијарди евра. Тоа е парадокс, зашто се чини дека главната стратегиска логика за Европската одбранбена унија е намалувањето на трошоците за 40 проценти, во момент кога истите земји се обврзаа (на самитот на НАТО во 2014 година) тие да се зголемат за 40 проценти. Главниот фокус на дебатата беше насочен кон рационализирање на системите за вооружување и избегнување на удвојувањето, додека приоритет треба да биде дали различните видови трошење на одбраната се поврзани со вкупните оперативни цели.
Конечно, европскиот суверенитет го истакна поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во говор во 2018 година. Тој тврди дека дошло време за јакнење на европскиот суверенитет. Јункер изјави дека европскиот суверенитет е изроден од националниот суверенитет на земјите-членки и не го заменува. Споделувањето на суверенитетот, според него, ја прави секоја национална држава посилна.

Исто така, Макрон повика на европски суверенитет за да се гарантира „способноста на Европа да постои во денешниот свет за да ги брани вредностите и интересите.“ Франција и Германија сето ова го запишаа како правен концепт во Договорот од Ахен во јануари 2019 година. Сепак, неговата употреба не ги разјасни основните прашања, како што е европскиот суверен и колкав е опсегот на концептот во однос на националниот суверенитет. Можеби дури и полошо е што ваквите фундаментални прашања никогаш не се поставуваат ниту се анализираат целосно.
Најголемиот проблем со современата европска дебата не е нужно недостигот од содржина за посебни идеи, туку отсуството на оспорување на конкурентските визии. Понекогаш грешката лежи во несериозноста на учесниците, бидејќи тие лансираат разни слогани за да видат што ќе опстои. Ефемерниот медиумски пазар, воден од најновиот твит или наслов, исто така не ја олеснува дебатата. Но, конечно, главната причина е консензуалното одлучување во ЕУ.
За разлика од САД и нивното унитарно претседателство, ЕУ има комплексна колекција на надворешнополитички актери: шефови на држави и влади во Европскиот совет, министри за надворешни работи и одбрана во Советот на ЕУ, еврокомесари и европратеници. Дури и ако се земе само Европскиот совет или Комисијата, бројот на носители на одлуки веќе е околу 30. Во текот на петгодишниот мандат на членовите на Комисијата и Парламентот, членовите на Европскиот совет често се менуваат, преку повеќе национални избори, што само го усложнува процесот на креирање политики. Така, предизвикот не е да се презентираат јасни избори, со аргументи за и против, за решавање одредени проблеми, туку да се идентификува потенцијален центар на гравитација што може да послужи како консензус.

Структурно, овој стремеж кон консензус ги замаглува реалните избори и конкурентските анализи до степен до кој индивидуалните одлучувачи или нивните советници ги потиснуваат сопствените гледишта и, наместо тоа, имаат тенденција кон најнискиот заеднички именител како стандардна позиција. Која е поентата на изострување на аргументите и ставовите ако на крајот сепак тие се ублажат?
Избегнувањето на внатрешниот конфликт е корозивно за донесување одлуки не само затоа што може да доведе до групно размислување туку, уште поважно, затоа што ја блокира основната интелектуална анализа и понекогаш ги спречува поединците да развиваат свои разгледувани пресуди и мислења. Целта на секоја позиција не е да се убеди, туку да се спречи несогласување. Секој кажува исти термини, но никој не го дели истото значење. Јазикот е празен. Слоганите изобилуваат, но недостига стратегија, која се потпира на избори, приоритети и цели. Оваа внатрешна динамика во институциите на ЕУ, пак, влијае на јавната дебата, која на сличен начин ги повторува аргументите за консензус и фразите.

Тимот на Бајден брзо ќе треба да ги надмине изјавите на европските партнери на заедничко дејствување и да премине на дела, без разлика дали станува збор за ковид-19, климатските промени, економското закрепнување, подемот на Кина и Русија, или пошироко, судирот меѓу авторитаризмот и либералната демократија. Европските лидери, пак, реториката треба да ја заменат со дела, напори и ресурси.
Макрон во 2018 година пред Конгресот изјави дека Европа и САД треба заедно да дејствуваат во заштита на либералниот поредок изграден по Втората светска војна. Но во други говори тој направи разлика меѓу европската цивилизација и поимите за слобода од тие на САД. Во истакнувањето на она што се нарекува доктрина на Макрон, тој ги изедначува САД со Русија и Кина, како само уште една голема сила со која Европа треба да се соочи, без да разликува сојузник од противник, пријател од непријател. Но на крајот, за Европа патот до успехот во надворешната политика, без разлика дали се соочува со Пекинг, Москва, ковид-19 или Исламската држава, води само преку синергија со САД и обратно.