Планот на Полска да изгради ограда по должината на границата со Белорусија за да спречи влез на мигранти може да затвори еден од последните поголеми слободни влезови на надворешните граници во Источна Европа. Како што може да се забележи од податоците собрани од „Дојче веле“, балтичките држави, како и Норвешка и Украина, веќе се во процес или веќе завршија со затворање на клучните делови од нивните граници со Русија и/или со Белорусија. Огради сè уште не се поставени на белоруско-украинската и украинско-полската граница или на многу помалите украинско-словачка и украинско-унгарска граница.
Најавата на Полска доаѓа откако белорускиот претседател Александар Лукашенко беше обвинет дека користел мигранти за да ја дестабилизира Полска, дозволувајќи им да пристигнат во неговата земја со туристички визи и потоа да продолжат понатаму преку полската граница.
Според „Економист“; европските држави подигнале околу 1.000 километри ограда по должината на границите во изминатите 30 години, од кои повеќето по 2015 година. Над половина од земјите во Европската Унија (ЕУ) сега имаат физички бариери на нивните граници, вклучувајќи ги Данска и Шведска, кои имаат ограда меѓу меѓународните и домашните железнички пруги на последната станица пред мостот „Оресунд“ на данска страна, но и Франција, која го огради пристапот до тунелот под Ла Манш во Кале. Други гранични бариери постојат меѓу Турција, Грција и Бугарија, како и меѓу Австрија, Словенија, Хрватска и Унгарија. Бидејќи границите честопати имаат природни бариери, како реки и други непристапни предели, повеќето гранични бариери не се протегаат по целата територија на националните граници на државите што се споменуваат тука.