Додека Европа тактизира, Вашингтон може да најде подоверливи сојузници

Кина има цел да создаде свет што нема да биде безбеден за Европа од стратегиски, економски и идеолошки аспект, вели Мајкл Шуман за „Политико“

Стариот Континент на линијата на најтешкиот избор меѓу САД и Кина

Европа можеби не сака да избира страни меѓу САД и Кина, но, сепак, нејзините лидери кога-тогаш ќе бидат принудени да донесат таква одлука. Стариот Континент би се нашол пред свршен чин: дали да ги поддржи САД или да стане спореден играч на меѓународната сцена? Но Европејците не сакаат да се соочат со реалноста. Некои политички и деловни лидери и натаму инсистираат дека конфронтацискиот пристап на Вашингтон е погрешен одговор на подемот на Кина и претпочитаат да бидат неутрални. Францускиот претседател Емануел Макрон месецов порача дека „опцијата сите да се обединат против Кина е сценарио што може да предизвика најголем конфликт“ и додаде дека таквиот потег би бил „контрапродуктивен“.

Пријателски однос со сите

Во секој случај, Европејците имаат силни причини зошто внимателно играат со двете страни. Тие имаат огромна корист од пријателските односи со двете светски сили, па, така, долгогодишните безбедносни договори со САД даваат стабилност и заштита од постојаните закани, како Русија на Владимир Путин, додека економската експанзија на Кина им нуди на европските компании широк спектар на можности за раст што ни на сон не можат дома да го постигнат.
Европа можеби ќе може да ја одржува рамнотежата уште некое време. Дури и со тоа што сега повеќе го нема на сцената поранешниот американски претседател Доналд Трамп, позициите на двете страни на Пацификот се чини дека се зацврстуваат. Администрацијата на претседателот Џо Бајден уште во првите денови сигнализира дека има намера целосно да продолжи со притисокот врз Пекинг, порачувајќи дека безмилосното однесување на кинеската влада кон малцинството на Ујгурите во провинцијата Синџијанг претставува „геноцид“ и дека САД мора да бидат „подготвени да дејствуваат, но и да ѝ нанесат штета на Кина“ поради жестоките кинески мерки врз продемократското движење во Хонгконг и заплашувањето на Тајван.

Погрешната стратегиска процена на Пекинг?

Во меѓувреме, во воинствениот говор на почетокот на февруари, Јанг Циечи, кој е член на семоќното политбиро на Кинеската комунистичка партија (ККП), порача дека „погрешната стратегиска процена“ во Вашингтон предизвикала тензии меѓу двете нации и загрозила повеќе клучни прашања, вклучувајќи ги Тајван, Хонгконг и политиката кон Ујгурите, што „претставува црвена линија што не смее да се премине“.
Поради тоа што на повидок нема помирување во односите, Кина и САД се во позиција уште поагресивно да ѝ се додворуваат на Европа. Бајден отворено изјави дека има намера да ги обнови традиционалните сојузи за да застане против Кина. Кинескиот претседател Си Џинпинг може гласно да го критикува пристапот „ние против вас“ и да го нарекува „менталитет на Студената војна“, но тој го прави токму истото тоа што е евидентно од декемвриската одлука на неговата влада да го финализира инвестицискиот пакт со Европската Унија (ЕУ), како еден таен обид да ги придобие Европејците само неколку дена пред одржувањето на инаугурацијата на Бајден.
Покрај тоа, изборот меѓу САД или Кина практично е невозможна одлука поради историската поврзаност на Европа со Америка и заедничките демократски вредности и привлечноста на новите богатства од новата економска сила, покрај тоа што има авторитарно уредување, но може да ја обезбеди нејзината економска иднина. Поинаку кажано, се работи за избор меѓу принципот и профитот, иако ова е погрешна поделба. Изборот всушност се сведува на долгорочните и на краткорочните интереси.

Партнерството на европските со кинеските компании

Реалноста е дека Кина има цел да создаде свет што нема да биде безбеден за Европа од стратегиски, економски и идеолошки аспект. Во обраќањето на СИ во јануари на Светскиот економски форум, тој порача дека вистинското зло во светот во денешното глобално општество е промовирањето на основните човекови права, а не нивното брутално потиснување. Ако европските лидери мислат дека можат да продолжат со промовирање на демократските вредности и нормално да водат бизнис со Кина, тогаш тие не ги читаат вестите.

Колку станува помоќна Кина, толку ќе биде помалку толерантна со секоја влада што нема да се согласува со нејзините позиции.
Лидерството во Пекинг не ја крие својата цел да ги поттикнува високотехнолошките индустрии и да вложува неброени милијарди во националните компании за да ги победат докажаните западни ривали. Според една процена, кинеската влада инвестирала над 100 милијарди долари во својот сектор на електрични возила преку субвенции за купувачите, развојна и истражувачка поддршка и други видови помош. Дополнителни 49 милијарди долари беа наменети за формирање кинеска конкуренција на „Ербас“. Партнерството со европските компании е од клучно значење за успехот на агендата на Кина. Пекинг гледа на заедничките вложувања и на друг вид корпоративна соработка со странските компании како начин за да дојде до напредната технологија и знаењето што ѝ е потребно на Кина да држи чекор и потоа веднаш да се наметне во западниот свет.
Во октомврискиот извештај на Фондацијата за одбрана на демократиите се вели дека Кинезите целат на клучните сектори од германската економија, вклучувајќи ги индустриската опрема и електроника. Кинеските економски врски со Германија се „пример како стратегијата на ККП сака да доминира во економијата во 21 век и да ги поставува правилата во современиот свет“, како што се наведува во извештајот. Поинаку кажано, со продлабочувањето на соработката со Кина, Германија денес ќе има корист, но постепено ќе си ги урива темелите на долги патеки.

САД или Кина е вистински партнер на Европа

Дно дали е Кина вистинскиот партнер на Европа. Колку подолго ќе им треба на Европејците да одговорат на тоа, толку послаба ќе биде нивната позиција. Кина ќе продолжи да ги искористува поделбите меѓу демократиите за да ги спроведува своите интереси. Европските политичари ќе ги затегнуваат односите со САД така што цинично ќе ги нижат економските придобивки од Кина додека Вашингтон ги води тешките битки. Додека Европа да сфати дека на Америка ѝ треба помош, Вашингтон ќе најде други, подоверливи пријатели. На крајот, изборот меѓу САД или Кина треба да зависи од тоа која улога Европејците сакаат да ја имаат во светот. Тие може да го бранат либералниот поредок што помогнаа да се воспостави и да продолжат да учествуваат во светското лидерство или да сакаат да бидат пасивни и да гледаат како авторитарната Кина ги руши темелите на сегашниот поредок заедно со изворите на европското влијание. Дали изборот навистина е толку тежок?