На почетокот од оваа година низ Европа повторно беа воведени строги рестриктивни мерки и карантини, но некои од државите почнаа постепено да ги олеснуваат. Покрај затворањето на несуштинските продавници и рестораните, училиштата повторно се отворија во Германија, Велика Британија, Холандија и во Данска. Следниот чекор е отворање на спортските објекти, музеите, зоолошките градини и козметичките салони. Германија и Швајцарија најавија отворање на летните тераси на рестораните на крајот на март, што ќе зависи од намалувањето на бројките на заразени.
Австрија постепено ја отвора економијата, иако сè уште се во сила полицискиот час и локалните карантини во неколку града. Полска и Бугарија излегоа од националните карантини уште на крајот на јануари. Франција излезе од вториот карантин, но полицискиот час продолжи да важи покрај затворените ресторани, а слични мерки има во Луксембург и во Белгија, каде што ограничувањето на движењето е локализирано. Шпанија се држи до полицискиот час и локалните карантини.

Италија има локализирани рестрикции и воведен полициски час, а рестораните рано затвораат. Бидејќи повторно се соочува со пораст на бројките на заразени, државата планира сеопфатен карантин околу Велигден. Полицискиот час, покрај карантините, сè уште е во сила во Централна Европа, Холандија и во Словенија. Кипар и Грција воведоа покреативни мерки, со тоа што пазарувањето се одвива со дозвола преку СМС. Данска и скандинавските земји немаат строги мерки, освен затворени ресторани во некои фински региони. Во Норвешка е дозволен собир на 200 лица во затворен простор, со почитување на сите здравствени протоколи. Како и во претходните карантини, рестриктивните мерки варираат од држава до држава.