Година и половина тим од Брисел во консултација со земјите-членки развиваше нацрт-план за идната воена стратегија на ЕУ, пишува Александра Бжозовски за „Еурактив“

Нова дипломатска стратегија на Брисел

Шефот на дипломатијата на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, неодамна истакна дека „Европа е во опасност“ и дека веќе завршило времето за блокот да ја практикува меката дипломатија, најавувајќи го најновиот геополитички потфат на ЕУ. Осврнувајќи се на кризата на европската граница со Белорусија, која уште еднаш јасно ќе стави до знаење дека предизвиците одамна се глобални и дека Европа може да ги реши само политички, тој истакна дека „во еден свет во кој сè може да се претвори во оружје, не е доволно блокот да се преправа дека може да биде само мека сила“. Ако ништо друго, Авганистан истакна дека Европа во нејзината сегашна состојба не е воено способна сама да се справува со кризите, а геополитичките играчи во светот полека почнуваат да го сфаќаат тоа. Затоа, година и половина неговиот тим во консултација со земјите-членки развиваше нацрт-план за идната воена стратегија на ЕУ. Зборувајќи за „политиката за враќање на моќта“, Борел претстави слика за ЕУ која треба да се засили и да најде одговор на новите закани, по можност со консолидирани воени капацитети, нови партнерства и подобро управување со кризите. Нацртот до кој дојде „Еурактив“ вклучува низа нови начини и средства за подобрување на капацитетите за справување со хибридни закани, вклучувајќи го и ветувањето за создавање тимови за брз хибриден одговор на ЕУ, како и решавање на ризиците и инцидентите во вселената.

„Геополитичка комисија“

Промената во јазикот и ставовите постепено се одвива откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на почетокот на нејзиниот мандат прогласи „геополитичка комисија“. Сега ова е првпат амбицијата да биде ставена на хартија. Повеќето од предлозите имаат амбициозни рокови, но многу европски дипломати и експерти имаат поделени мислења околу него. Тогаш, колкава ширина има опсегот на планот за амбициозната воена доктрина во наредните од десет до дваесет години? Ралука Чернатони, експертката за европска безбедност и одбрана во фондацијата „Карнеги“ за меѓународен мир во Европа, вели дека критичарите ќе се задржат на фактот дека документот е само уште една технократска вежба со мало влијание на хибридните закани и тешките воени предизвици со кои се соочува блокот. ЕУ има тенденција во безбедноста и одбраната да се држи до испробаното, како што е едногласното одлучување со наоѓање заеднички компромис меѓу сите членки на блокот и импровизирани мерки во Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП) и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП).

Каква ќе биде пораката на Вашингтон?

Друго прашање што останува отворено е дали новата европска стратегија би можела да стане новиот трн во односите меѓу ЕУ, САД и НАТО на долг рок. Во обраќањето пред новинарите, Борел инсистираше на согледување на концептот наместо да се оди во насока на „стратегиска одговорност“, главно избегнувајќи ја употребата на блескавата фраза на ЕУ за „стратегиска автономија“, која критички ја гледаат Вашингтон и НАТО. Никлас Новаки, истражувачот за европска безбедност и одбрана во центарот „Вилфред Мартенс“, очекува дека САД ќе го поддржат европскиот капацитет за брз одговор ако помогне во јакнење на способноста на ЕУ да се справува со кризите во нејзиното соседство, особено оние во кои не се директно загрозени интересите на Вашингтон.