Повеќе влади во еврозоната се мачат околу носењето на една од најпроблематичните етички одлуки поврзани со пандемијата, а тоа е дали тие треба да го прошират вакцинирањето со опфаќање на детската популација или, пак, да ги донираат дозите вакцини низ остатокот од светот, пишува „Политико“

Здравствени предизвици на Стариот Континент

Европа се мачи со носењето на една од најпроблематичните етички одлуки поврзани со пандемијата, а тоа е дали таа треба да го прошири вакцинирањето со опфаќање на детската популација или, пак да ги донираат дозите вакцини низ остатокот од светот, за да стигнат до оние на кои најмногу им требаат. До овој момент, ниту една земја-членка на ЕУ не се обврза да го одложи вакцинирањето деца и да ги испрати овие вакцини на друго место, и покрај фактот што пандемијата сѐ уште беснее во многу други делови на светот, вклучувајќи ги Јужна Азија и Јужна Америка. Наместо тоа, по одобрувањето од Европската агенција за лекови за вакцината на „Бионтек – Фајзер“ за деца на возраст од 12 до 16 години, голем број земји во Унијата се подготвуваат да започнат со вакцинирање на своите адолесценти, а некои од нив веќе „меркаат“ датум за почеток во јуни. Овој потег не е во согласност со упатствата на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, кој минатата недела соопшти дека „прашањата во врска со достапноста и правилната распределба на дозите треба да бидат внимателно разгледани при носењето одлука за проширување на вакцинацијата против ковид-19 на групи со помал индивидуален ризик од тешка болест.“

Берлин објави термини за вакцинација на тинејџери

На 7 јуни, Германија почна со закажување термини за деца на 12-годишна возраст и постари, додека Франција ќе го стори истото тоа на 15 јуни. Литванија се надева дека овој месец ќе почне да вакцинира адолесценти постари од 16 години, а италијанските педијатри на големо се подготвуваат за вакцинација на најмладиот дел од населението. Минатиот петок, британскиот регулатор ја одобри вакцината за деца на возраст од 12 години и постари, но советодавниот комитет на Владата, кој дава насоки за тоа како треба да се спроведе вакцинацијата, сѐ уште нема излезено со официјална препорака. Истовремено, на некои други места на планетата, ваквите планови изгледаат како далечен сон. Мнозинството земји со средни и ниски приходи допрва треба да стигнат до 1 отсто вакцинирано население. Кенија, која има популација од над 50 милиони жители, до 2 јуни немаше вакцинирано ниту еден милион луѓе. Нигерија со над 200 милиони жители штотуку ја надмина бројката од 2 милиони примени дози.
Според Кимантри Мудли, директорка на Центарот за медицинска етика и право на универзитетот „Стеленбош“ во Јужна Африка, се работи за проста математика. Таа ги зема за пример Соединетите Американски Држави, каде што деца постари од 12 години можат слободно да влезат во локалната аптека и да ја добијат вакцината на „Бионтек – Фајзер“. Во оваа старосна група има приближно 25 милиони деца, што значи дека за комплетно вакцинирање на истите тие ќе бидат потребни околу 50 милиони дози, не земајќи го предвид фактот дека во текот на оваа година вакцината би можела да биде одобрена и за помлади старосни групи. Овие 50 милиони дози се огромна бројка во споредба со вкупниот број дози што досега се аплицирани на африканскиот континент, кој изнесува незадоволителни 33 милиони.
– Тоа е кражба на глобалното грне со вакцини – коментираше Мудли.

Експертите со поделено мислење

Но други експерти истакнуваат дека не е едноставно иглата да се пренасочи од раката на американски тинејџер кон раката на здравствен работник во Гана. Имено, логистиката, комплексноста на спроведувањето вакцинација, роковите на важење и самата наука – сите тие ги прават работите уште посложени. Додека научниците и владите начелно се согласуваат во врска со важноста на вакцинирањето возрасни граѓани, кога станува збор за вакцинирање на детската популација, работите не се толку усогласени. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, во една своја неодамнешна изјава се осврна на оваа дилема, велејќи дека „одлуката за вакцинирање деца не е политичка одлука, туку чисто научна, заснована врз јасни докази.“ Но се чини дека во Велика Британија научниците советници во Владата го кажуваат спротивното и им ја префрлаат топката на политичарите.
– Доколку се наметне имунизација кај децата, која не е вистински потребна, тоа во основа би било погрешно – вели Адам Фин, член на британскиот комитет што дава препораки за вакцинација и професор по педијатрија на Универзитетот во Бристол. Тој изјави дека на комитетот „навистина му требаат малку повеќе докази за ова, пред да биде подготвен да даде јасен совет.“

Адолесцентите најголеми преносители на вирусот?

Истражувањата недвосмислено покажаа дека кај децата има многу помала веројатност од сериозна болест поради ковид-19, како и дека смртта кај нив е ретка. Сепак, има случаи на деца со тешки симптоми, вклучувајќи и развој на т.н. детски мултисистемски воспалителен синдром, кој претставува „критична, тешка состојба“, објасни Верина Вајлд, професор по медицинска етика на Универзитетот во Аугсбург. Меѓутоа, што ако децата можат да им помогнат на своите држави да достигнат „имунитет на стадо“? Сепак Европа мора да се справи со уште една непријатна вистина, а тоа е моралната дилема со која сега се соочува, а можеше да биде избегната. Ќе беше логично прво да се вакцинираат старите лица и здравствените работници низ целиот свет, а потоа да се продолжи и кон другите групи население. Експертите нагласуваат дека кога се работи за Европа, таа силно стои зад одлуката за вакцинирање на здравствените работници пред децата. Но тие исто така истакнуваат дека дебатата околу овие прашања се отвори со големо задоцнување.