Наместо група на седум индустриски најразвиени земји (Г7), потребна е нова група на десет демократски земји (Д10), сметаат западни експерти

Откажаниот неодамнешен самит на Г7 не претставува голема несреќа. Иако е штета што лидерите на седумте индустриски најразвиени нации не беа во можност да се сретнат среде разбеснетата глобална пандемија – и можеби, па дури и поверојатно, поради зголемените тензии меѓу САД и нејзините сојузници – групата секогаш имаше мали шанси да постигне нешто побитно под водство на американскиот претседател Доналд Трамп. Затоа беше толку лесно за светските лидери да го пропуштат Г7.

Се чинеше дека Трамп оцени дека овој формат од 1970-тите беше недоволен кога предложи да ги кани Индија, Јужна Кореја, Австралија и Русија да се приклучат кон закажаниот самит во септември. Сепак, вклучувањето на непријателски актер како Русија на Владимир Путин во оваа група на водечки демократии е очигледно нестандардно, особено затоа што Г20 веќе постои како посебна, поширока групација што ги вклучува и Русија и Кина.

Но креативното размислување преку Атлантикот на Даунинг стрит се движи во вистинската насока. Британскиот премиер Борис Џонсон активно размислува за вистинската идеја – консолидирање на нова група Д10 од десет водечки демократии (сегашните членови на Г7, плус Јужна Кореја, Индија и Австралија) за решавање на проблемот со 5Г-мрежите и со ранливите синџири на снабдување. Додека идејата за Д10 не е нова – група организирана од Атлантскиот совет во Вашингтон ја промовира со години на редовни состаноци – таа има нов импулс среде пандемијата.

Додека Пекинг се обидува да се дистанцира од сопственото лошо справување со првичниот удар на вирусот во Вухан и од недостигот од транспарентност, тој исто така води агресивна дипломатија, пропаганда и кампања за дезинформирање преку Интернет против САД и нивните сојузници и партнери. Приказни за неисправни кинески маски и друга витална медицинска опрема, исто така, кружат низ светот. Ова привлече ново внимание на ризиците поврзани со потпирањето на кинеската инфраструктура за 5Г-мрежи и за критичните синџири на снабдување. Земјите од Канада преку Британија до Германија веќе размислуваат дали да му дозволат на „Хуавеи“ да ги изгради своите 5Г-мрежи. Во меѓувреме, САД, ЕУ и Јапонија во моментот размислуваат за опциите за намалување на зависноста од Кина за снабдување со лекови и медицинска опрема, а можеби и други критични сектори.
Д10 на Британија е вистинската големина и форма. Ниту е преголема група, што ја намалува кохерентноста, ниту е премногу мала група, опфаќајќи го само западниот свет од Студената војна. Д10 не е антикинеска алијанса. Наместо тоа, со тесно фокусирање на двете одбранбени прашања, сите демократски сили широко се согласуваат дека имаат проблем и не можат сами да ги решат 5Г и критичните синџири на снабдување. Тоа е платформа што може релативно брзо да реагира.

Велика Британија е добро приспособена да игра клучна улога во таков напор. Откако во јануари донесе одлука да му овозможи на „Хуавеи“ ограничена улога во градењето на безжичната 5Г-мрежа на Британија, Даунинг стрит сега сигнализира решеност да ги промени претходната позиција и довербата во Кина. Британската надворешна политика ја враќа довербата во однос на Хонгконг. На пример, Лондон нуди живеалиште и пат до државјанство за над 2,5 милиони граѓани на Хонгконг, доколку Пекинг го наметне регресивниот закон за национална безбедност што го донесе за градот. Британската влада исто така планира заострување на законодавството за испитување на странските инвестиции. Британија исто така ја враќа довербата со своите сојузници од „Петте очи“, кои беа затегнати поради претходната неподготвеност на Лондон да ја доведе во прашање нејзината зависност од Кина. Се враќа и моќта на Британија да обединува, како што покажува неодамнешното заедничко писмо потпишано од Британија, САД, Канада и Австралија во врска со ситуацијата во Хонгконг. Д10 е златна можност за Лондон да го јакне концептот за „глобална Британија“ по брегзит.

За понатамошно унапредување на Д10, САД треба да се обидат да го свикаат првиот самит во Лондон до почетокот на следната година. Во обид да ги стави настрана разликите околу брегзит, Лондон треба да апелира до Париз и Берлин за да истражи дали постои интерес за заедничко предлагање на Д10, при што ЕУ и други европски сили ќе присуствуваат, вклучувајќи ја и Италија, која е и членка на Г7, но исто така и Шпанија, Холандија, Шведска и Полска, како повремени учесници во зависност од темата за која станува збор. Ова би било во согласност со долгогодишниот формат на самитите на Г7. Лидерите на девет земји што не се членки, вклучувајќи ги и Индија и Австралија, присуствуваа на самитот во 2019 година во Франција.

Фокусот на дискусиите прво би биле технолошките алтернативи на „Хуавеи “, преку јакнење на соработката на владите и индустриите во рамките на групата истомисленици. Но тие исто така можат да решаваат како да се промовира поразновиден глобален синџир на снабдување во критичните области, а исто така и да градат нови капацитети за извори на компоненти и да се префрли одредено производство надвор од Кина, без да се падне во замката на протекционизмот.
Новото размислување на Британија може да биде вистински потег за ЕУ, кога станува збор за трансатлантските односи, без оглед кој ќе победи на претседателските избори во САД во ноември. Д10 е можност да се врзат демократските партнери во две области во кои всушност можат да работат конструктивно со администрацијата на Трамп.

Вашингтон лани изрази благодарност за напорите на ЕУ за решавање на безбедносните ризици од 5Г. Покрај тоа, Д10 ја отвора вратата за Европејците брзо да додадат работни групи за климатски промени и за мултилатерализам ако Џо Бајден победи во ноември. Гледајќи напред, Д10 исто така им нуди на САД совршена платформа за спроведување на агендата за надворешна политика на Бајден (ако тој победи), додавајќи работни групи за безбедност, корупција и човекови права. Д10 може да прерасне во групација што или формално ќе ја замени или паралелно ќе функционира со Г7.

Аргументот за трансатлантските и транспацифичките демократски сојузници и партнери да се здружат во ера на растечката конкурентност од Кина е повеќе од јасен. Брзата изградба на ограничена но ефикасна Д10, која ќе се фокусира на клучни прашања, а не само на празни дебати, ќе му отежне на Вашингтон да спроведува еднострани пристапи и да влегува во непотребни конфликти со Кина.
Лондон е потребен. Наспроти брегзит, улогата на Британија како мост меѓу демократиите е далеку од завршена. Со ангажирање на другите членки на Г7 да ја прифатат идејата за Д10, сега треба да се работи на обнова на стратегиската максима од 1949 година за НАТО, според која целта на Алијансата е да го држи Советскиот Сојуз надвор, Американците внатре, а Германците долу. Во еден свет со 5Г и со кревки синџири на снабдување, потребна е голема стратегија за демократиите, кои ќе ја држи Кина под контрола, Индија близу, а САД стабилни во наредните бурни години.

Подготвил: Дејан Србиновски