Експанзијата на НАТО и понатаму ги дели политичките елити во САД

Договорите за контрола на конвенционалното и нуклеарното оружје меѓу САД и Русија почнаа да пропаѓаат по одлуката на Вашингтон да го проширува НАТО кон Исток, смета Мајкл Крепон, американски аналитичар и автор на книга на подемот, падот и обновата на контрола на оружјето

Иницијативата за контрола на нуклеарното оружје го достигна врвот меѓу 1986 и 1996 година. Во 1986 година, Михаил Горбачов се согласи на инспекции на конвенционалните воени вежби во Европа. Потоа се случи самитот во Рејкјавик, а по него беше склучен и договорот за нуклеарно оружје со среден дострел меѓу СССР и САД. Во 1996 година, претседателот на САД Бил Клинтон го надгледуваше завршувањето на преговорите за сеопфатен договор за забрана за нуклеарни тестирања. Во меѓувреме беа склучени договори за конвенционално и нуклеарно оружје, конвенција за хемиско оружје, неопределено продолжување на Договорот за неширење на нуклеарното оружје и друго.
По оваа златна деценија, работите тргнаа надолу. Договорите за контрола на конвенционалното и нуклеарното оружје почнаа да пропаѓаат. Кога се појавија условите за такво нешто и кои се клучните фактори? Тоа почна уште за време на првиот мандат од администрацијата на Клинтон, но очигледно тогаш не беше видливо. Во тој период беше засадено семето што доведе до уништување на контролата на конвенционалното и нуклеарното оружје. Најистакнатите фактори за овој пат надолу беа заложбите на администрацијата на Клинтон за проширување на НАТО, бомбардирањата на Србија по распадот на Југославија и инсистирањето на републиканците за национална ракетна одбрана.

Се чинеше дека тоа е суштински чекор за запирање на воените злосторства на Слободан Милошевиќ. Операцијата ги влоши односите меѓу САД и Москва, но тоа беше цената што требаше да се плати за хуманитарна интервенција. (Исто така имаше и непотребни штети во односите меѓу САД и Кина, по погрешното бомбардирање на амбасадата на Пекинг.) Сепак, малку е веројатно дека војните на Балканот го предизвикаа падот на американско-руските односи. Можеби тоа почна со проширувањето на НАТО и со смртта на договорот за ограничување на системот за противракетна одбрана.

Имаше морални и етички причини да се прошири заштитниот чадор на НАТО кон државите што копнееја за слобода по распадот на Советскиот Сојуз. Ако тие причини беа валидни кога Русија беше на маки, истите тие беа валидни и при нејзиниот нов подем, бидејќи членството во НАТО би требало да биде средство за обесхрабрување на евентуална инвазија.
Приврзаниците за проширувањето на НАТО не го тврдеа тоа. Напротив, тие уверуваа дека ерата на конфронтација е заменета со ера на партнерство, па затоа нема место за загриженост. Критичарите за проширувањето на НАТО беа тие што се грижеа. Според нив, проширувањето предизвикува судири на интереси со една посилна Русија и ги надминува американските воени обврски.
Во некои случаи, критичарите понудија посилни аргументи. До одреден степен, проширувањето на НАТО беше стратегиска грешка, која би можела да резултира со послаб воено-политички сојуз. Партнерството за мир наместо целосно членство беше поздрава идеја, но таа не беше политички одржлива.

Според тоа, точни се тврдењата дека не е паметно да се прошируваат воените сојузи со држави што не додаваат значителна воена моќ и кои не може да се бранат со конвенционални средства. Исто така, не е паметно да се прошири воен сојуз за да се унапредат демократските норми кога политичко-воената алијанса не може да се одбрани од политичко уназадување. НАТО во своите редови има авторитарни лидери, а Турција, Унгарија и Полска го ослабуваат однатре. Проширувањето го засилува слабеењето. НАТО сега има 29 членки и сите ги уживаат заштитата и обврската од колективната одбрана според членот 5.
Експанзијата на НАТО во времето на Клинтон се засноваше на две погрешни претпоставки – дека може да се постигне рамнотежа меѓу домашните политички императиви и интересите на националната безбедност и дека ослабената Москва може да реагира само со поплаки, ама не и со силни контрамерки.

Потоа дојде администрацијата на Џорџ Буш, која со сета сила тргна да го проширува НАТО кон Исток. Со експанзијата на НАТО, по ерата на судири следуваше само краток период на партнерство, а потоа и нови судири. Ама не веднаш, затоа што Владимир Путин уште оперираше од позиција на слабост. Но потоа се случија распаѓањето и непочитувањето на договорите за контрола на оружјето. Конечно, играта ја промени украинската револуција. Следуваше анексијата на Крим и хибридното војување во источна Украина. Но што е со одлуките пред тоа? Дали Путин ќе постапеше поинаку и, можеби, контролата на конвенционалното и на нуклеарното оружје ќе преживеаја ако Клинтон и Буш донесеа поинакви одлуки?

За жал, веројатноста да се донесат други одлуки беше сведена на нула. Само еден член на кабинетот на Клинтон, Вилијам Пери од Пентагон, изрази сомнежи кон експанзијата на НАТО, но само за да купи време, а не целосно да се спротивстави на проширувањето. Експанзијата на НАТО беше подготвена уште во 1993 година. Само претседател со исклучително различни далекосежни погледи и во голема мера имун на политички притисоци, можеше да се определи за политички, воен и економски ангажман без проширување на НАТО. Но дури и тогаш не можеше да се отфрли можноста за крваво сузбивање на украинскиот суверенитет по Портокаловата револуција.

Сево ова е само шпекулација. Да не се прошируваше НАТО, ќе беше потребно големо предвидување и неприродна воздржаност против еден ослабен непријател по победата на Студената војна. Такви услови немаше на почетокот од мандатот на Клинтон. Но други и тој да не го проширеше НАТО, администрацијата на Буш сигурно ќе го стореше тоа. Америка сега се справува со последиците од проширувањето на сојузот.