Подготвиле: Игор Даниловиќ и Владимир Мијановиќ

Ненасилните протести имаат двојно поголеми шанси за успех од вооружените конфликти, а тие што ќе мобилизираат 3,5 отсто од вкупното население најчесто резултираат со општествени промени

Во 1986 година, милиони Филипинци излегоа на улиците на Манила, на мирни протести и молитви како дел од движењето на народната моќ. Режимот на Маркос падна на четвртиот ден од револуцијата. Во 2003 година, народот на Грузија го собори Едуард Шеварднаѕе во мирната револуција на розите, кога демонстрантите упаднаа во зградата на парламентот со цвеќиња во рацете. Годинава, претседателите на Судан и на Алжир објавија дека ќе се повлечат од функциите по децении минати на власт, благодарение на мирниот народен отпор. Во секој пример, граѓанскиот отпор на обичните припадници на јавноста ја порази политичката елита за да постигне радикални промени.

Се разбира, постојат многу етички причини за употреба на ненасилни стратегии. Меѓутоа, значајното истражување на Ерика Ченовет, политичка научничка од универзитетот „Харвард“, потврдува дека граѓанската непослушност не е само морален избор. Таа исто така е и најмоќниот начин на обликување на светската политика.
Анализирајќи стотици кампањи од изминатиот век, Ченовет откри дека ненасилните кампањи имаат двојно поголеми шанси да ги постигнат своите цели од насилните кампањи. Иако точната динамика зависи од многу фактори, Ченовет покажува дека е доволно околу 3,5 отсто од населението активно да учествуваат во протестите за да се осигурат сериозни политички промени.
Влијанието на Ченовет може да се види во неодамнешните протести на Бунтот против истребување, чии основачи велат дека биле директно инспирирани од нејзините наоди.

Истражувањето на Ченовет се базира на филозофиите на многу влијателни личности од историјата како Махатма Ганди или Мартин Лутер Кинг, кои убедливо аргументираа за моќта на мирните протести. Сепак, Ченовет признава дека кога го почнала своето истражување во средината на 2000-тите, првично со голема доза циничност гледала на идејата дека ненасилните дејства може да бидат помоќни од оружениот конфликт во повеќето ситуации. Како докторантка на Универзитетот во Колорадо, таа поминала неколку години проучувајќи ги факторите што придонесоа за појава на тероризам, кога била повикана да присуствува на работилница организирана од Меѓународниот центар за ненасилни конфликти (МЦНК). На неа биле презентирани многу примери на мирни протести што довеле до трајни политички промени.

Но Ченовет била изненадена кога открила дека никој сеопфатно не ја споредил успешноста на ненасилните наспроти насилните протести.
– Бев мотивирана од скептицизмот дека ненасилниот отпор може да биде ефикасен метод за постигнување големи промени во општеството – вели таа.
Работејќи со Марија Стефан, истражувачка од МЦНК, Ченовет направи детален преглед на литературата за граѓански отпор и социјални движења од 1900 до 2006 година, збир на податоци што потоа беа потврдени со други експерти од оваа област. Тие главно се фокусираа на обидите за промена на режимот. Едно движење се сметало за успешно ако целосно ги остварило своите цели за една година од достигнатиот врв и ако настанале промени како директен резултат од протестните активности. На пример, промената на режим со странска воена интервенција не се смета за успешна. Кампањата се смета за насилна ако вклучува бомбашки напади, киднапирања, уништување на инфраструктурата или каква било друга физичка штета врз луѓето или имотот.
– Се обидувавме да примениме мошне тежок тест за ненасилниот отпор како стратегија – вели таа.

До крајот на истражувањето, Ченовет и Стефан собрале податоци за 323 насилни и ненасилни кампањи. Нивните резултати, кои се објавени во нивната книга „Зошто функционира граѓанскиот отпор: стратегиската логика на ненасилниот конфликт“, се навистина впечатливи.
Генерално, ненасилните кампањи имаат двојно повеќе шанси да успеат наспроти насилните кампањи. Тие довеле до политичка промена во 53 отсто од случаите, во споредба со 26 отсто, кога станува збор за насилните протести.
Ова делумно е резултат на моќта на бројките. Ченовет тврди дека ненасилните кампањи имаат поголема можност да успеат зашто можат да регрутираат многу повеќе учесници од многу поширок демографски спектар, што може да предизвика сериозни нарушувања, што ги парализираат нормалниот урбан живот и функционирањето на општеството.

Всушност, од 25-те најголеми кампањи што ги проучувале, 20 биле ненасилни и 14 од нив имале директен успех. Генерално, ненасилните кампањи привлекувале околу четири пати повеќе учесници (200.000) од просечните насилни кампањи (50.000).
Протестите против режимот на Маркос на Филипините привлекоа два милиони учесници, бразилските бунтови во 1984 и 1985 година околу милион учесници, а Кадифената револуција во Чехословачка во 1989 година – 500.000 лица.
– Броевите навистина се битни за градење на моќта на начин што навистина може да претставува сериозен предизвик или закана за властите или за окупаторите – вели Ченовет, додавајќи дека ненасилниот протест е најдобриот начин да се добие широка поддршка.

Откако околу 3,5 отсто од вкупното население ќе почне активно да учествува во протестите, успехот се чини е неизбежен.
– Нема кампањи што не успеале да ги остварат целите откако го достигнале врвот и го минале прагот на учество од 3,5 отсто – вели Ченовет за феноменот што го нарекува „правилото на 3,5 отсто“.
Освен за филипинската револуција, тоа важи и за протестите во Естонија во доцните 1980-ти и за Грузија во 2003 година.

Ченовет признава дека првично била изненадена од добиените резултати. Но, таа сега наведува многу причини зошто ненасилните протести можат да добијат толку високи нивоа на поддршка. Најочигледната причина е што насилните протести ги исклучуваат луѓето што се плашат од крвопролевања, додека мирољубивите демонстранти ја задржуваат моралната предност. Ченовет истакнува дека ненасилните протести, исто така, имаат помалку физички бариери за учество. На пример, не мора да бидете силни и здрави за да учествувате на протести, додека насилните кампањи главно се потпираат на поддршката од физички подготвените млади мажи. Многу форми на ненасилни протести, исто така, носат сериозни ризици (на пример, кинескиот одговор на протестите на плоштадот „Тиананмен“ во 1989 година), но Ченовет тврди дека за ненасилните кампањи генерално полесно се дискутира отворено, што значи дека вестите за нив може да стигнат до поширока публика. Насилните движења, од друга страна, бараат пристап до оружје и главно се потпираат на таинствени операции, кои потешко стигнуваат до општото население.

Со обезбедување широка поддршка на населението, ненасилните кампањи имаат поголема шанса да добијат поддршка од полицијата и од војската, односно токму од оние на кои Владата треба да се потпре за да го врати редот.
За време на мирни улични протести на милиони луѓе, припадниците на безбедносните сили, исто така, може повеќе да стравуваат дека нивните членови на семејството или пријателите се во толпата, што значи дека тие нема да го задушат движењето.
– Кога ќе видат колку луѓе учествуваат на протестите, можеби ќе заклучат дека бродот веќе тоне и дека не сакаат и тие да потонат со него – вели Ченовет.

Во однос на конкретните стратегии, генералните штрајкови веројатно се еден од најмоќните, ако не и најмоќниот метод на ненасилен отпор, нагласува таа. Но кај нив е поголема заканата од лична штета, додека кај другите облици на протест, учесниците можат да бидат целосно анонимни. Таа укажува на бојкотите на потрошувачите во ерата на Апартхејдот во Јужна Африка, кога многу црнци одбија да купуваат производи од компании на бели сопственици. Резултатот беше економска криза меѓу белата елита на земјата, која придонесе за прекин на сегрегацијата во раните 1990-ти.
– Постојат повеќе опции за учество и ненасилен отпор што не ги става луѓето во толкава физичка опасност, особено што бројот расте, за разлика од оружените активности. Исто така, техниките на ненасилен отпор често се позабележливи, така што на луѓето им е полесно да дознаат како да учествуваат директно и како да ги координираат своите активности за максимално нарушување – вели таа.

Се разбира, ова е општ шаблон и, иако е двојно поуспешен од насилниот конфликт, мирниот отпор сепак не успева во 47 отсто од случаите. Како што посочуваат Ченовет и Стефан, тоа понекогаш е така зашто не добиле доволно поддршка или импулс за да ја поткопаат моќната база на противникот или да го одржат отпорот наспроти репресијата. Но,некои релативно големи ненасилни протести, исто така, не успеаја, како што се протестите против Комунистичката партија во Источна Германија во 1950-тите, кои привлекоа 400.000 члена (околу два отсто од населението), но не успеаја да доведат до промена.

Во податоците на Ченовет, само еднаш ненасилните протести го постигнаа прагот од 3,5 отсто активно учество, кој се чини го гарантира успехот, но дури и тоа е многу тежок подвиг. Во Британија тој процент би значел 2,3 милиони луѓе активно да учествуваат во некое движење, а во САД околу 11 милиони луѓе. Меѓутоа, останува фактот дека ненасилните кампањи се единствениот сигурен начин за одржување таков висок процент на учество.

Истражувањето на Шеновет и на Стефан првично беше објавено во 2011 година и нивните наоди привлекоа големо внимание.
– Тешко е да се преувеличува колку е влијателно ова истражување – вели Метју Чендлер, кој истражува граѓански отпор на Универзитетот во Нотр Дам.
Изабел Брамсен, која студира меѓународен конфликт на Универзитетот во Копенхаген, вели дека резултатите се многу значајни. Во однос на правилото на 3,5 отсто, таа истакнува дека иако тоа е мала група, таквото ниво на активно учество значи дека многу повеќе луѓе премолчено се согласуваат со каузата.
Овие истражувачи сега се обидуваат да ги откријат факторите што можат да доведат до успех или неуспех на движењата. На пример, Брамсен и Чендлер ја истакнуваат важноста на единството кај демонстрантите.

Како пример, Брамсен укажува на неуспехот на бунтот во Бахреин во 2011 година. Кампањата првично мобилизира многу демонстранти, но брзо се подели на спротивставени фракции. Затоа губењето на кохезијата, го спречи движењето да добие доволно импулс за да предизвика промени, смета Брамсен.
Ченовет во моментот повеќе се фокусира на движењата во САД против насилството врз жените или полициската бруталност врз малцинските заедници. Конечно, таа би сакала книгите по историја да посветат поголемо внимание на ненасилните кампањи отколку да се фокусираат толку многу на војната.

– Толку многу од историските податоци што ги пренесуваме едни на други се фокусираат на насилството, па дури и да станува збор за целосна катастрофа, сепак наоѓаме начин да најдеме победи во неа. Истовремено, се стремиме да го игнорираме успехот на мирните протести. Обичните луѓе постојано се ангажираат во мошне херојски активности, кои, всушност, го менуваат начинот на кој светот и тие заслужуваат внимание и слава – заклучува таа.