Американско-кинеската трговска и технолошка војна предизвикува споредби со Студената војна. За меѓународните организации, поуката од ривалствата меѓу силите е да се фокусираат на олеснување на соработката преку јасно дефинирани цели, наместо да се обидуваат да воспостават општи правила

Нигаире Вудс

Стратегиското ривалство меѓу САД и Кина претставува тежок предизвик за меѓународните организации, кои сега се изложени на ризик да станат само пиони на која било сила. Останува да се види дали мултилатералните институции може да ја задржат улогата во олеснувањето на очајно потребната меѓународна соработка.
Кинеско-американскиот конфликт веќе ги заменува глобално договорените правила со употребата на чиста моќ, бидејќи секоја страна се бори за пристап до ресурси и пазари. САД ги избегнуваат долготрајните трговски договори во корист на унилатерално наметнатите мерки. Кина ја издвојува сопствената економска и геостратегиска сфера преку билатерални партнерства и пакети за помош, трговија и инвестиции во рамките на транснационалната иницијатива Појас и пат (БРИ). Двата ривала исто така се натпреваруваат за контрола на нови технологии и податоци што тие ги овозможуваат. Меѓу првите 20 технолошки компании во светот, девет се кинески, а 11 се американски.

На кинеска страна, техничките гиганти уживаат пристап до богатство на податоци, бидејќи тие се поддржани од Владата, која е наклонета да ги прибира заради надзор и воспоставување систем за социјално кредитирање. Исто така, кинеските компании го прошируваат својот пристап до податоци, како што е кинескиот договор Клаудвок за изградба на софтвер за препознавање лица во Зимбабве. Од американска страна, техничките гиганти се поддржани преку одредби во трговските договори, како што е Договорот САД – Мексико – Канада, кој бара прекугранични податоци без ограничувања.

Стратегиското ривалство е борба не само за контрола на ресурсите, пристап до пазари и технолошка доминација, туку и пошироко за контрола на правилата на игра. Во 2015 година, кога Кина ја создаде Инвестициската банка за азиска инфраструктура како нова мултилатерална институција, САД одбија да се приклучат и извршија притисок врз другите да не го сторат тоа. Претходно оваа година, кога Кина и САД не се согласуваа околу тоа кој ќе ја претставува Венецуела на состанокот на Меѓуамериканската банка за развој (САД ја притискаа Кина да прифати претставник на опозицијата на Владата, а Кина одби), одборот на институцијата во Вашингтон го откажа состанокот во Ченгду само една недела пред да се одржи.

Ова не е првпат ривалството меѓу големите сили да се закани да ги маргинализира меѓународните институции. По основањето во 1944 година, Светската банка (СБ) наскоро беше изоставена од реконструкцијата на Европа. Со Студената војна дојде до зголемена стратегиска конкуренција во Европа, што ги натера САД директно да се ангажираат преку Маршаловиот план. Во тој случај, Светската банка беше насочена кон друга сфера, кредитирање на посиромашните земји. Некои коментатори ја опишуваат БРИ како „Маршалов план на Кина“. Сепак, новото стратегиско ривалство се разликува од Студената војна на многу начини, почнувајќи од фактот дека САД и Кина се економски зависни до степен до кој САД и СССР никогаш не биле. Сепак, принципот на „гарантирано заемно уништување“ создаде свој вид меѓусебна зависност, што доведе до соработка за контрола на нуклеарното оружје и покрај интензивното ривалство.

Една лекција од Студената војна може да биде особено релевантна денес: обидите да се воспостават општи правила, како што е Договорот за општи принципи од 1972 година на американскиот претседател Ричард Никсон и на советскиот лидер Леонид Брежњев, се покажаа помалку ефикасни од потесните спогодби, како што е Австриската државна спогодба од 1955 година, која определува неутралност на Австрија, или договорот од 1962 година за воспоставување неутралност на Лаос. Истовремено, мултилатералните договори и организации работеа најдобро кога се фокусираа на одредени опасности, како преку Берлинскиот четиристран договор од 1971 година, Договорот за борба против балистички проектили од 1972 година, Разговорите за ограничување на стратегиското оружје и Договорот за поморски инциденти од 1972 година. Сите договори беа спорни, но секој играше улога во управувањето со ривалството.

Во случајот со кинеско-американскиот конфликт, предизвикот е да се ограничи трговската војна, која може да има катастрофални последици врз другите земји. За жал, сегашниот систем на правила веќе е уништен. Механизмот за решавање на споровите на Светската трговска организација (СТО) е парализиран од одбивањето на администрацијата на Доналд Трамп да дозволи какви било назначувања на нејзиното апелациско тело. Излегувањето од ќор-сокак ќе бара креативно размислување и можеби низа потесни договори за повторно да заживее системот. На пример, земјите со трговски спорови би можеле подобро да ги искористат 60-дневните билатерални консултации на СТО за самостојно решавање на спогодбата. Лидерите на СТО би можеле да бидат многу похрабри и покреативни во наоѓањето начини за поддршка на трговијата базирана на правила. Тие треба да се потсетат на начинот на кој државите во Обединетите нации почнаа „мировни операции“ (што не е споменато во Повелбата на ОН) и ја проширија употребата на канцеларијата на генералниот секретар за унапредување на мирот од времето на Студената војна. Други мултилатерални организации исто така ќе треба да ги преиспитаат своите стратегии.

Без оглед на тоа дали поголемите сили се судираат, светот очајно има потреба од механизми за олеснување на соработката во врска со прашањата како што се климатските промени, биодиверзитетот, прекуграничната инфраструктура и регулирањето на новите технологии. Меѓународните организации можат да обезбедат форум за дебатирање за вакви прашања, споделување информации и склучување заеднички решенија. Тие, исто така, можат да играат клучна улога како неутрални набљудувачи на претходно договорените правила, намалувајќи го искушението за која било земја да измами или да преземе унилатерална акција.

Кина, САД и остатокот од светот имаат заеднички интереси за голем број прашања. Но за да се олесни соработката кон заедничките цели, ќе треба да се реформираат меѓународните организации. На пример, Светската банка би можела да создаде нови инструменти за решавање на регионалните и глобалните предизвици, наместо да остане заглавена со заеми за поединечни земји и би можела да го отфрли идеолошкиот багаж, спречувајќи некои држави да го прифатат нејзиниот пристап за политика кон земјите и за политиката на институционална процена. Наместо кредитирање на сиромашните земји на начини на кои се зголемуваат предрасудите на најголемите билатерални донатори во светот, банката треба да ги идентификува занемарените области и да обезбеди рамнотежа во финансирањето на глобалниот развој. Исто така, ќе треба да ја преструктурира својата управувачка структура за да им даде на Кина и на САД чувство на моќ и влијание.

Императив е кинеско-американското ривалство да престане да прераснува во војна. Од историјата знаеме што може да се случи кога националните лидери ги дефинираат противниците како непријатели и ги искористуваат националните средства за лична политичка добивка. Во моментот, оваа тенденција е видлива и во Кина и во САД. За да го ограничат новиот стратегиски натпревар, ривалските сили, заедно со остатокот од светот, треба да го свртат фокусот кон тесно дефинираните, конкретни договори, како од ерата на Студената војна, наместо да се обидуваат да изработуваат нови, широки и општи правила. Мултилатералните организации, како што СТО и СБ, би можеле да играат важна улога во посредувањето на вакви договори, но само ако нивните лидери се храбри и креативни и ако владите на земјите-членки го дозволат тоа.

Авторката е деканка на школата „Блаватник“ на универзитетот „Оксфорд“