Интересно прашање што сега се актуализира е што можат да понудат САД во натпреварот со кинеските инвестиции, сметаат Џенифер Хилман и Дејвид Сакс од „Европскиот совет за надворешни прашања“ (ЕЦФР)

Американската надворешна политика пред голем предизвик

Кинеската иницијатива „Појас и пат“ (БРИ) е најамбициозниот потфат во надворешната политика на една земја во поновата историја и зазема централна позиција во наследството на кинескиот претседател Си Џинпинг. Иницијативата „Појас и пат“, која го засенува Маршаловиот план во размери, финансираше и изгради патишта, електроцентрали, пристаништа, железници, петта генерација на мрежи (5Г) и оптички кабли во светот. Додека првичната цел на „Појас и пат“ беше Централна, Јужна и Југоисточна Азија да се поврзат со Кина, сепак таа оттогаш се трансформира во еден светски потфат во кој се вклучени 139 земји.
Независниот извештај на работната група на ЕЦФР, со која раководат Џејкоб Џ. Лу и пензионираниот адмирал Гери Рафхед, ги оцени импликациите на „Појас и пат“ врз американските интереси и предложи стратегија што САД може да ја воведат како одговор на кинеската иницијатива. Кога Си ја започна иницијативата во 2013 година, веруваше дека може да унапреди цела низа кинески економски, политички и геополитички интереси додека им излегува во пресрет на најважните потреби на многу држави во пронаоѓањето доверливи извори на моќ и подобра инфраструктура.

Теорија и практика

Теоретски, „Појас и пат“ има потенцијал да има нето-позитивен ефект во повеќе аспекти, помагајќи да се надмине инфраструктурниот јаз во земјите во развој додека истовремено ги подобрува транспортните и логистичките патишта и придонесува за регионален и светски економски раст. Во практика, кинеската иницијатива се соочува со повеќе ризици отколку придобивки. Таа ја потценува светската макроекономска стабилност со тоа што позајмува средства за несоодветни проекти и на тој начин го зголемува државниот долг. Во нејзини рамки, земјите се вклучуваат во проекти со кои се стимулира употребата на јагленот како гориво во електричните централи, а исто така таа го насочува теренот на големите пазари кон кинеските компании, промовира ексклузивно потпирање на кинеската технологија и ги привлекува земјите во уште поблиски економски и политички врски со Пекинг.

Ковид-19 не ја поштеди кинеската иницијатива

Пандемијата на ковид-19 ѝ нанесе удар на иницијативата „Појас и пат“ и ги поттикна државите да направат свои пресметки од учеството во неа, што резултира со тоа многу од нив да се соочат со тешкотии во спроведувањето на проектите, поради што беа принудени да ги суспендираат или да ги откажат скапите проекти. Пандемијата ја натера кинеската влада да се насочи кон една поограничена, технолошки фокусирана иницијатива со помали трошоци. Иако пандемијата постави предизвици пред „Појас и пат“, привремено сопирајќи го напливот на кинеска работна сила и ресурси, обновената иницијатива како резултат на актуелните случувања во светот всушност ги проширува наместо да ги скратува можностите за Пекинг да ја промовира својата геополитичка и економска агенда. Со тоа што иницијативата е вклучена во Уставот на Кинеската комунистичка партија (ККП) и најверојатно мандатот на Си ќе биде неограничен, тоа е сигурен знак дека неговата препознатлива политика ќе продолжи и во иднина.
Додека САД полека влегуваат во една ера на голем натпревар за моќ со Кина, за сегашната американска администрација е најдобро да ја разбере иницијативата „Појас и пат“, како и нејзините стратегиски и политички импликации. Иницијативата претставува пример за подготвеноста и капацитетот на Кина да ја пополни празнината што САД претходно ја оставија. Кратењето на федералните финансии за истражување и развој, како и инвестициите во напредните технологии во САД ѝ оставија простор на Кина да создаде предност во развојот и продажбата на 5Г-технологијата, воведувањето брз железнички сообраќај, производството на соларна и ветерна енергија, ширењето на платформите за електронско плаќање, развој на ултрависоконапонски системи за пренос и многу други нешта. Заострените услови за доселување и добивање визи во САД го оневозможија пристапот до врвен кадар. Повлекувањето на САД од Транспацифичкото партнерство и незаинтересираноста за другите мултилатерални трговски договори во Азија ѝ ја отворија вратата на Кина да ја зацементира својата позиција во регионалната трговија.

Американска алтернатива на „Појас и пат“

САД имаат јасен интерес за усвојување на стратегија, која еднакво ќе ја притисне Кина за да ги подобри управувачките стандарди во „Појас и пат“ и ќе даде ефективна алтернатива на кинеската иницијатива што ќе промовира одржлива инфраструктура, ќе почитува високи еколошки и антикорупциски стандарди во странските инфраструктурни проекти, ќе им овозможи на некинеските компании да имаат пристап до странските пазари и ќе им помогне на државите да ја зачуваат нивната политичка независност.
Извештајот на ЕЦФР препорачува да се развие стратегија во четири дела. Таа предвидува чекори што ќе ја подобрат американската конкурентност, ќе даде подробности како САД да остварат подобра соработка со сојузниците, партнерите и мултилатералните организации за подобро да одговорат на инфраструктурните потреби на земјите во развој и ќе понуди препораки што да се преземе за да се заштитат американските безбедносни интереси во земјите што се вклучени во „Појас и пат“.
Работната група нагласува дека САД не можат и не треба да дадат еднаков одговор на кинеската иницијатива во обидот да ја достигнат Кина. Наместо тоа, Америка треба да се фокусира во области каде што може да понуди сама или заедно со другите држави со сличен став, една сеопфатна алтернатива на „Појас и пат“. Таквата алтернатива ќе ја истакне суштинската моќ на САД, вклучувајќи најнова технологија, компании од светска класа, длабоки капитални фондови, историја на меѓународно партнерство, традиционална улога во поставување на меѓународните стандарди и поддршка за владеењето на правото и транспарентните деловни практики.

Поради пандемијата на ковид-19, неопходно и итно е САД да дадат одговор на кинеската инцијатива „Појас и пат“. Намалувањето на светската економија ја доведе во прашање економската одржливост на многу проекти од кинеската иницијатива и фрли светло врз прашањата за одржливост на долгот. Освен ако не се реши наскоро долгот кон „Појас и пат“, државите што веќе се силно погодени од пандемијата може да се најдат под притисок да изберат меѓу исплаќање на должничките обврски и обезбедување здравствена заштита и други социјални услуги за своите граѓани. Додека администрацијата на Џо Бајден ги оценува американско-кинеските односи и изготвува план за стратегиската конкуренција со Пекинг, за неа како клучна компонента во пошироката американска стратегија треба да биде токму соодветниот одговор на „Појас и пат“.