Состанокот на двете главни политички тела на Кинеската комунистичка партија (ККП) во Пекинг, кој треба да се одржи месецов, ќе ги утврди новите политики и цели на партијата по кои ќе се движи понатаму земјата во наредните години, чин по кој САД мораат да ги отворат очите широко, истакнуваат Бредли А. Тахер и Линчао Хан од „Нешенел интерест“

Кинеската комунистичка партија ја крои дипломатијата на „змејот“

Овој месец комунистичка Кина ќе одржи своите годишни „две заседавања“ во текот на кои членови на двете главни политички тела на Кинеската комунистичка партија (ККП) ќе се состанат во Пекинг за да ги утврдат новите политики и цели на партијата по кои ќе се движи земјата во наредните години. Програмата за оваа година е особено важна затоа што ККП ќе ги формализира нејзините следни потези за да ја постигне „втората стогодишна цел“, односно она што планира да го постигне во наредните години.
Пред „двете заседавања“, Си Џинпинг, лидерот на ККП, најави дека Кина ја остварила „првата стогодишна цел“, која беше „да се комплетира изградбата на умерено просперитетно општество“ и официјално да ѝ се стави крај на сиромаштијата во државата. Си се пофали дека „Владата завршила тешка задача во искоренувањето на апсолутната сиромаштија и направила чудо што ќе биде запишано во историјата“, покрај фактот што Кина има шестотини милиони жители што месечно живеат со приходи од 140 долари, според кинескиот премиер Ли Кеќанг. Не изненадува тоа што поддржувачите на ККП го сметаат Џинпинг за херој одговорен за „остварување на кинескиот сон на големата обнова на кинеската нација“.

Две стогодишни цели

Првата стогодишна цел на ККП е тесно поврзана со годинешната прослава на стогодишнината од нејзиното основање во 1921 година. Соопштението прво има цел да ѝ даде право на ККП да владее со кинескиот народ и да го угнетува, што партијата го интерпретира како „социјализам со кинески карактеристики“. Втората цел е да се истакне големината на лидерот и на владејачката партија во време кога кинеската економија наводно брзо се враќа на старите патеки од пред пандемијата додека остатокот од светот продолжува да се бори со неа. Овие мерки служат за да го озаконат и оправдаат диктаторското владеење на Џинпинг.
Џинпинг сега се залага за уште поамбициозен план за кој беше одлучено лани во октомври на петтата пленарна сесија на 19-от Централен комитет на ККП за да ја направи Кина „голема, современа, социјалистичка држава“ до средината на 21 век. Овој нов план има две фази. Првата фаза ќе трае од 2020 до 2035 година, во која практично ќе се постигне општествена модернизација, а во втората фаза од 2035 до 2049 година, кога ќе се прослави стогодишнината од основањето на Народна Република Кина, државата ќе се претвори во „голема, современа, социјалистичка држава“.
Во првата фаза, „кинеската економска и технолошка моќ и композитната национална сила значително ќе се зголемат. Нов напредок ќе се постигне во растот на економијата и во приходите по жител кај урбаните и руралните жители. Со остварување крупни чекори напред во најважните технологии во клучните области, Кина ќе стане светски лидер во иновацијата“. Во втората фаза, Кина ќе стане голема, современа, социјалистичка држава што ќе биде „просперитетна, силна, демократска, културно напредна, хармонична и убава“.

„Подемот на Истокот и слабеењето на Западот“

Зад убавата фразеологија на ККП всушност се наоѓаат вистинските стратегиски цели, и тоа максимално да се зголеми светската моќ и влијание на Кина, да се престигне американската економија во текот на наредните 15 години, не само да се намали зависноста од странските технологии туку и да се победи Западот во технолошкиот развој и неговата имплементација, а потоа да се надминат САД во сите области, особено во воената моќ, за да се постигне светска доминација.
Иако претходните лидери на ККП ги поставија двете стогодишни стратегиски цели, Џинпинг го забрза процесот на нивно остварување со досега невидено темпо. Тој експлицитно тврди дека „САД се најголемата закана по развојот и безбедноста на кинеската држава“. Тој исто така верува дека „големиот тренд што сега е актуелен е тоа што има подем на Истокот, а слабеење на Западот“, кој се забележува во „уредното владеење на Кина и хаосот на Западот“. Затоа за Џинпинг, ККП има стратегиска шанса што сега мора да ја искористи.

Безбедноста на регионот

Покрај реториката на ККП во однос на економскиот развој на кинескиот народ, реалната цел е и безбедност на власта. Продолжениот економски раст ќе го зајакне неговиот легитимитет и ќе му овозможи да ја задржи власта додека на светот му се нуди нов модел на управување. Претставници на ККП сега го следат чекорот на Џинпинг во именување на САД како главен непријател на режимот и притоа напаѓајќи ги за наводно блокирање на Кина да стане голема светска сила и наедно да го оствари нејзиниот сон.
За да се постигне успехот на кинескиот план за 2035 година, ККП го промени Законот за одбрана што стапи во сила година, со намера да спроведе национална мобилизација ако бидат загрозени нејзините „развојни интереси“. Важно да се нагласи е тоа што законот не дефинира што всушност значат „развојните интереси“. Последица од овој закон е што ККП може да започне војни или да изврши други воени дејства против секоја држава за која смета дека ќе ѝ застане на патот на светската доминација.

Промена во политиките кон Хонгконг

Под изговор за зајакнување на безбедноста на режимот, Џинпинг исто така воведе нови мерки за да ја заостри политичката контрола на ККП врз Хонгконг. Првпат традиционалниот опис „една држава, два система“ повеќе не се спомена на „двете заседанија“. Ветувањето на ККП дека власта врз Хонгконг ќе ја препушти на тамошните граѓани се промени во именување „патриоти“ лојални на партијата што треба да управуваат со градот. За да го постигне тоа, Кина треба да го укине изборниот систем во Хонгконг. Секој што ја критикува ККП и се залага за универзално право на глас ќе биде дисквалификуван од кандидатурата за законодавниот дом на Хонгконг, со што ќе се елиминира секаков простор за тамошна демократија. Како што пренесува „Глобал тајмс“, еден од официјалните медиуми на ККП, Централниот комитет на партијата, беше одлучен за суштинско менување на „правилата на игра“ во политиката за Хонгконг. Ова значи дека Кина официјално одлучи да ја укине политиката на Хонгконг за „една држава, два система“ и јавно да го прекрши ветувањето дека кинескиот „социјалистички систем и политики нема да се применуваат во Хонгконг“ и дека „претходниот капиталистички систем и начин на живот ќе останат да важат и во наредните 50 години“ – лага што го мамеше светот со години.

Тајван во фокусот

Алармантно е тоа што експанзионистичката агенда на Кина за 2035 година вклучува и план за анексија на Тајван под маската на проширување на соработката. Пекинг има намера да изгради брза железница и експресен пат што ќе ги поврзуваат Пекинг и Тајпеј во рамките на Националниот сеопфатен план за транспортна мрежа објавен во текот на „двете сесии“. Кина го изгради најдолгиот мост што ги поврзува Хонгконг и Макао со копнениот град Џухаи и чинеше 20 милијарди долари. ККП ја користи оваа физичка врска за да ги наметне своите територијални права и одлучноста да го промени статус квото на Тајван.
Од оваа гледна точка, планот за 2035 година на ККП практично е декларација за постигнување светска доминација. САД треба да очекуваат жестока конкуренција и агресија на режимот во сите области, особено во високата технологија, бидејќи Кина се обидува да успее во клучните технологии што не ги поседува или не доминира во нив. САД не можат здраво за готово да ги сфатат кинеските амбиции. Државите ретко добиваат предупредување за агресивните намери, а САД го добија токму тоа.