Во САД и во многу други земји пандемијата на коронавирус ги принуди студентите од сите возрасти да учат од дома. Но дали е ова толку лошо – особено за постарите студенти на универзитетите или другите високообразовни институции? Голем број граѓани во светот веруваат дека не е, според новото истражување на Ипсос.
На глобално ниво, 23 отсто од анкетираните во 29 земји сметаат дека во рок од пет години, високото образование во нивната земја ќе се спроведува преку интернет во целост или во најголем дел, додека 49 отсто сметаат дека учењето преку интернет и директната настава ќе бидат еднакво важни и во високото образование.
Саудиска Арабија има најмногу студенти што сакаат да учат онлајн. Имено, 45 отсто од испитаниците рекле дека високото образование ќе се спроведува само (или главно) преку интернет за пет години, додека 30 отсто веруваат во рамномерна поделба.

Во повеќето земји, еднаквата поделба е опцијата за која се верува дека е најверојатна, при што 64 проценти во Чиле и 63 проценти во Мексико сметаат дека онлајн наставата и директната настава ќе бидат еднакво застапени во наредните пет години. Земјите од Латинска Америка најмногу ја фаворизираа оваа опција, при што слични одговори даваат испитаниците од Бразил, Перу и од Аргентина.
Европските нации беа малку позагрижени за драстичните промени во високото образование, додека оние во Азија се помалку загрижени доколку онлајн наставата стане стандард во високото образование.