Германската контраразузнавачка служба БФВ во 2019 година идентификувала над 32.200 екстремни десничари, што е за третина повеќе во однос на 2018 година, кога 24.400 лица биле регистрирани за поврзаност со екстремно десничарски групи

Масовната престрелка во германскиот град Ханау, во кој беа убиени девет лица, претставува најнов инцидент во серијата напади и заговори на екстремната десница во некогаш најстабилната земја во Европа. Смртоносниот поход на напаѓачот Тобијас Ратјен се случува само неколку дена откако германската полиција уапси 12 екстремни десничари, кои се товарат дека планирале напади врз џамии во земјата. Германската разузнавачка служба БФВ во 2019 година идентификувала над 32.200 екстремни десничари, што е за третина повеќе во однос на 2018 година, кога 24.400 лица биле регистрирани за поврзаност со екстремно десничарски групи. Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека престрелката покажува дека „отровот“ на расизмот го труе германското општество и вети дека ќе се бори против оние што се обидуваат да ја поделат земјата.

Целта на уапсените лица била да убиваат муслимани во „командоски“ напади, со јасна намера да предизвикаат одмазда, па дури и граѓанска војна. Секој од членовите требало да донира 50.000 евра за финансирање на операцијата. Нивната инспирација делумно била глобална: германските обвинители тврдат дека осомничените биле инспирирани од нападите врз џамиите во Нов Зеланд, во кои напаѓач уби 51 лице, при што нападот во живо го пренесуваше на Фејсбук. Но исто има и локални фактори. Во периодот по бегалската криза во 2015 година, кога во земјата пристигнаа голем број бегалци од Сирија и од Блискиот Исток, во голем подем се активностите на екстремно десничарските групи. Германската полиција неодамна соопшти дека следи 53 потенцијално насилни лица поврзан со екстремната десница, а домашното разузнавање и безбедносните агенции се под голем притисок поради растечкиот број на заговори и инциденти.

Лани во јуни, група десничарски екстремисти, познати како Северен крст, ги злоупотребија полициските податоци за да состават „листа за отстрел“ на левичарски и промигрантски цели. Околу 30 члена на групата имале врски со безбедносните служби, при што најмалку едно лице било вработено во специјална воена единица. Групата дури и нарачала вреќи за тела, за да се ослободи од своите потенцијални жртви, но и покрај заговорот групата Северен крст воопшто не била регистрирана како закана во годишниот извештај на БФВ.

Неодамна, антисемитскиот напаѓач Стефан Балет уби 40-годишна жена и 20-годишно момче во напад пред синагога во источногерманскиот град Хале. Нападот можеше да заврши уште потрагично: напаѓачот неуспешно се обидел да влезе во синагогата, каде што верниците го одбележувале празникот Ким Јопур. Летото во 2017 година, 45-годишниот Стефан Ернст, кој имал серија престапи со насилни антисемитски напади, го уби конзервативниот политичар Валтер Лубке пред неговиот дом во Иста, централна Германија. Лубке беше многу познат по неговите проимигрантски ставови, а Ернст наводно бил гневен на неговите ставови.

Германија минатиот месец ја забрани неонацистичката група Комбат 18, со која Енрст интензивно контактирал. Основана во Британија, во раните 1990-ти, како милитантно крило на Британската национална партија, организацијата најде ново засолниште во земјата, која е особено чувствителна на своето фашистичко минато. Британските власти тврдат дека постои поврзаност на британските, германските и нордиските екстремно десничарски групи на интернет, каде што повеќето од луѓето се радикализираат и се поврзуваат со истомисленици преку границите, користејќи специјализирани мрежи на социјални медиуми, како што е Телеграм. Во 2018 година, германската антитерористичка полиција заплени над илјада парчиња оружје, поврзани со престапи на екстремни десничари, како што се припадниците на движењето Граѓани на рајхот, додека, пак, експертите предупредуваат на „масовно вооружување“ на неонацистичките групи. Според БФВ, Граѓани на рајхот има околу 16.500 припадници на целата територија на Германија. Околу 3.500 члена живеат во Баварија, додека, пак, речиси 2.500 живеат во соседната сојузна држава Баден-Виртемберг. Повеќето од членовите се мажи, на просечна возраст од околу 50 години, и обично потекнуваат од социјално загрозените сегменти на општеството.