ЕУ и повеќето нејзини членки одбиваат да кажат колку точно пари се потрошени на заштитна опрема за време на пандемијата

СОМНИТЕЛНИ ЕВРОПСКИ ЗДЕЛКИ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

Ако вистината е прва жртва во војна, транспарентноста беше прва жртва во борбата против ковид-19, тесно проследена со недостиг од контрола и надзор.
Во првиот договор за заштитна опрема платена од буџетот на ЕУ, Европската комисија во април потпиша спогодба со германската компанија „Асанус меидинтехник гмбх“, во вредност од 29 милиони евра за 10 милиони маски.
Кога пристигна првата испорака на маските во мај, тестовите во четири земји-членки на ЕУ покажаа дека опремата не била во согласност со договорот. Маските не беа хомогени, само делумно го поминаа тестот за филтрирање и паднаа под нормата за соодветна намена. Комисијата не одговори на прашањата какви биле последиците кон снабдувачот и што се случи со целата пратка.
Испораката на десет милиони дефектни маски е само еден пример од вкупно над 37.800 тендери и договори поврзани со ковид-19, истражени од новинари во 37 земји и координирани од Проектот за известување за организиран криминал и корупција.
Новинарите најдоа исклучително различни цени за опремата против коронавирусот. Цените на заштитните маски купени од владите и институциите на ЕУ варираа од 20 центи до 37 евра од парче.
Истрагата, исто така, покажа дека биле потпишани договори со компании за кои никогаш не се чуло пред пандемијата. Некои од договорите довеле до испорака на бескорисна опрема.

Од склучените и анализирани договори во вкупна вредност од 21 милијарда евра, институциите на ЕУ потпишаа договори за околу 3,4 милијарди евра, со два големи договори за набавки што ги договори Комисијата во име на земјите-членки на ЕУ.
Тие водат до голем број неодговорени прашања.
Во април беше потпишан договор вреден 1,5 милијарда евра за вентилатори со или без ЦE-сертификација, сертификат за да покаже дека производот се продава во согласност со безбедносните, здравствените, функционалните и еколошките европски стандарди.
Комисијата во електронска порака објаснува зошто е заобиколена сертификацијата.
– Како што со право посочувате, тендерот за вентилатори беше објавен во екот на епидемијата во Европа. Затоа, за да се овозможи контакт со дополнителни доставувачи на пазарот и да се зголемат можностите за опрема што потенцијално спасува животи, процесот вклучува многу единици со и без ЦЕ-сертификација – порачаа од комисијата.
Од институцијата на ЕУ посочуваат дека од владите ќе зависи дали ќе купат и користат опрема без соодветен сертификат.

Вториот голем договор со ЕУ беше склучен со германската компанија „Гиз гмбх“, која е управувана од сопственик во соработка со неименувана кинеска компанија. Договорот вредеше 1,5 милијарда евра, за очила, визири и маски за лице. Уште во мај се поднесени барања до Комисијата за информации за договорот и за компаниите. На ваквите барања би требало да се одговори во рок од 15 работни дена, со можно продолжување до 15 работни дена во „исклучителни случаи“, во согласност со Законот за пристап до документи во институциите на ЕУ.
Пет месеци подоцна, комисијата сѐ уште не одговора на прашањата. Во последното извинување за непредвиденото доцнење од 13 октомври, комисијата дека тврди дека е подготвен одговор и дека тој ќе биде испратен штом ќе биде дефиниран „техничкиот рок“ и откако ќе се потпише. Нејасно е како е дефиниран рокот и кој треба да го потпише одговорот. Уште во април, народната правобранителка на ЕУ, Емили О’Рајли, ги потсети Советот и Комисијата на ЕУ дека транспарентноста и добрата администрација не смеат да бидат занемарени поради кризата со ковид-19.
Во јули, таа имаше нови конкретни прашања до Комисијата за договори за набавки и за независноста на научните совети. Комисијата требаше да му одговори на народниот правобранител до крајот на октомври.

Не е познато колку пари вкупно потрошија владите на лична заштитна опрема, лекови и медицински помагала, нечија претпоставка е. Сумата од 21 милијарда евра ги опфаќа само договорите што се јавно достапни. Во ЕУ, само Португалија, Полска, Литванија и Словенија ги објавија сите договори потпишани од јавните институции.
Повеќето земји не ги објавија податоците за платените суми, тврдејќи дека е потребно да се зачува тајноста за да не се нарушат преговорите. Белгија, Холандија, Данска, заедно со Швајцарија и со Норвешка, кои не се членки на ЕУ, се издвојуваат како црни дупки, од каде што речиси нема никакви достапни информации.