Фото: Игор Бансколиев

Каде потфрли меѓународната заедница во тековните светски предизвици

Летото годинава во голема мера се карактеризира со ширењето на делта-сојот во тековната пандемија на ковид-19 и интензивирањето на ефектите од климатските промени. Двете нешта се манифестација на глобализацијата и реалноста на еден свет што сè повеќе се дефинира со огромниот и брз прекуграничен проток речиси на сè, од стоки, услуги и капитал до податоци, терористи и болести. Во денешно време многу малку останува сведено на локално ниво. Смртоносниот коронавирус, кој првпат се појави во Вухан, Кина, не се задржа само во државата, а стакленичките гасови што се емитираат насекаде ги загреваат атмосферата и океаните во сите предели на светот.

Пропусти во справувањето со пандемијата

Овие две кризи ја покажуваат страшната несоодветност на напорите за решавање на проблематичните аспекти на глобализацијата. Таканаречената меѓународна заедница повторно се покажа како сè освен како заедница. На вкупните резерви на вакцини против ковид-19 им недостигаат уште милијарди дози од она што е потребно. На средствата за плаќање за глобалната имунизација исто така им недостигаат милијарди долари. Владите ги ставаат своите земји на прво место, иако се појавуваат нови мутации на коронавирусот, кои се шират многу брзо кај недоволно вакцинираните популации во други места и, наедно, не познаваат политички граници.
Како резултат на тоа, пандемијата останува да важи за интензивна закана. Досега бројот на починати како последица на ковид-19 надмина четири милиони, но вистинската бројка е неколкупати поголема, што во некои случаи се должи на недостатоците на системите за известување и намерно непрецизно пребројување од страна на популистичките лидери во Бразил, Индија, Унгарија, Русија и на други места. Економските последици се исто така сериозни, при што се проценува дека пандемијата го намали глобалниот БДП за над три отсто. Околу 100 милиони луѓе западнаа во екстремна сиромаштија, а се зголеми нееднаквоста меѓу земјите и внатре во нив.

Решение постои, но дали се применува

Она што ги прави овие случувања уште пообесхрабрувачки е тоа што земјите знаат како да се справат со пандемијата на ковид-19 и поседуваат средства да го сторат тоа. Постојат неколку безбедни и извонредно ефикасни вакцини. Она што останува да се направи е да се зголеми производството за да се задоволи глобалната побарувачка. Во некои земји, како што се САД, она што треба да се направи е спротивното. Таму треба да се зголеми побарувачката за да се задоволи достапната понуда. Двоумењето околу вакцините, поттикнато од партиска политика или дезинформации што кружат по социјалните медиуми, телевизијата и радиоемисиите, стана опасно распространето. Ако вакцинацијата се дополни со јавни здравствени мерки што е познато дека го забавуваат ширењето на болеста, како што се носењето маски, физичкото дистанцирање, леснодостапните и точни тестирања, следењето на контактите и воведувањето карантини, ќе има многу помалку инфекции и полесни случаи, а пандемијата би згаснала.

Климатските промени го покажуваат своето лице

Ефектите од другата актуелна криза, поточно климатските промени, пристигнаа порано отколку што очекуваа многумина. Со години, тенденцијата беше да се одложи секој усогласен одговор на заканата, и покрај јасните и сè почести докази дека планетата се затоплува. Како што често се случува, итното ги потисна најважните предизвици. Но токму ова лето покажа колку климатските промени се важни и бараат итна акција.
Ефектите од климатските промени се видливи насекаде. Во САД, пожарите во западниот дел излегоа од контрола додека растеа температурите, а смогот се рашири во голем дел од земјата. Северна и Централна Европа, како и Кина, се соочија со масовни поплави, додека на Југот беснеат пожари во Италија, на Балканот и Турција. Во Африка, Латинска Америка и Блискиот Исток постојат знаци на продолжено траење на сушата. Не беа загубени релативно многу животи, но таа бројка може да расте. Економските ефекти исто така ќе се зголемат. Бројот на луѓе што се внатрешно раселени или принудени да мигрираат нагло се зголемува, бидејќи големите територии стануваат непријатни за човечкиот живот. Надолго и нашироко се дебатира како да се забават или запрат климатските промени, но генерално на крајот сè се сведува само на дебата. Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП26) во Глазгов во ноември ќе продолжи да го нагласува пристапот според кој одделните земји нудат доброволни обврски за намалување на нивните емисии.

Акцент на флексибилноста

Очигледно е дека многу земји се фокусирани повеќе на економскиот раст по секоја цена и не се во можност или не сакаат да усвојат енергетски патеки што значајно ќе го намалат нивниот придонес кон климатските промени. Останува да се види дали постои волја да се воведат тарифи со кои ќе се зголемат цените на стоките произведени во фабриките што користат јаглен или ќе се воведат санкции против владите што одбиваат да го запрат уништувањето на дождовните шуми што апсорбираат јаглерод диоксид. Исто така, треба да се утврди дали побогатите земји се подготвени да ги стават на располагање средствата и технологиите што им се потребни на посиромашните земји за да се префрлат на позелени комбинации на енергетски ресурси.
Во исто време, фокусирањето на забавување на стапката на климатските промени, колку и да е потребно, е недоволно. Веќе се случи добар дел од климатските промени. а во иднина ќе се случуваат и повеќе, без оглед на тоа што ќе се одлучи во Глазгов. Ќе бидат потребни и напори да се приспособат на постојните или неизбежните ефекти на климатските промени, да се направи градовите и руралните области подобро да издржат сеопфатна топлина и широки пожари, почести бури и поплави, како и потешка суша. Флексибилноста ќе биде важна како и превенцијата.
И на крајот, мора да се забрзаат развојот и регулирањето на новите технологии што ветуваат дека ќе го отстранат јаглерод диоксидот од атмосферата или ќе ја рефлектираат сончевата светлина подалеку од Земјата. Ваквите потенцијални одговори на климатските промени се недокажани и контроверзни. Но ако колективниот неуспех од справувањето со ковид-19 е показател, подобро е да бидеме подготвени да ги разгледаме порано отколку подоцна. Нема бегање од глобализацијата. Единственото прашање е дали и како да избереме да управуваме со неа.