Новиот извештај на „Економист интелиџенс јунит“ (ЕИУ), истражувачката и аналитичка дивизија на угледната британска организација, покажува дека без оглед на местото на живеење, сепак долг ќе биде патот до постигнување национален колективен имунитет против ковид-19 преку имунизацијата. Извештајот покажува дека во многу области ќе бидат потребни повеќе години додека мнозинството од населението ја добие вакцината.
Иако големите економии во Латинска Америка се очекува да постигнат широка покриеност со вакцини до средината на идната година, во Азија сликата е помрачна. На повеќето економии во развој ќе им биде потребно до крајот на 2022 година или повеќе за да го постигнат подвигот. Исклучоци се Кина, Монголија, Јужна Кореја, Камбоџа, Сингапур и Малезија. Дури и во една од најнапредните економии во регионот, вакцинацијата се одвива побавно отколку во другите земји. Јапонија се очекува да постигне 60 отсто покриеност на населението со вакцини до крајот на идната година. Сепак, од сите континенти, се очекува Африка да оствари најмал напредок во имунизацијата.
Вакцинацијата во повеќето европски нации, како и САД, Канада, Израел и други земји од Персискиот Залив се одвива со брзо темпо, според ЕИУ. Аналитичарите очекуваат глобалните трошоци од непостигнувањето на вакцинацискиот праг од 60 отсто на населението до средината на идната година да достигне до 2,3 илјади милијарди долари меѓу 2022 и 2025 година.