Податоците на Европската комисија откриваат дека во моментот се водат 1.559 активни постапки против 27-те членки на ЕУ, а Германија со 76 постапки е меѓу петте најголеми прекршители на регулативите на ЕУ

Европската комисија неодамна иницира три нови постапки за прекршоци против Германија поради неспроведување на законите на ЕУ, со што вкупниот број на активни постапки против земјата достигна 76. Но иако ова може да изгледа многу, Берлин во моментот не е најлошиот прекршител во ЕУ.

Европската комисија во јули 2019 година поведе постапка против Германија за прекумерни нивоа на нитрати, заканувајќи се со потенцијални казни од 850.000 евра на ден поради неисполнување на регулативите за ѓубрива на ЕУ. Со поведувањето на постапката се зголеми притисокот врз германските министерства за животна средина и за земјоделство да се усогласат со законодавството на ЕУ. Тоа само ги нагласува маките на Германија да ги почитува строгите правила за заштита на животната средина на ЕУ.

Но Комисијата на ЕУ неодамна иницира три нови фази од постапката против Германија. Две од нив се во прва фаза, за време на која Берлин треба да одговори на формалното известување од комисијата во рок од два месеца.

Првиот случај се однесува на доцнењето при воспоставувањето на потребната техничка инфраструктура во врска со електронското пренесување на информации за движење на стоки, што влијае врз „капацитетите за спречување измами на другите земји-членки на ЕУ“, според писмото од Европската комисија. Во вториот случај, комисијата ја повикува Германија да ги подобри своите регулативи за заштита на површинските води, што е слично на случајот со вишокот нитрати во подземните води.
Постапките во врска со германските мерки за заштита на природата на 12 февруари преминаа во наредна фаза. Комисијата на ЕУ смета дека е „општа и постојана практика“ во сите германски сојузни држави да не се определуваат јасни цели за зачувување во т.н. области од „Натура 2000“. Извршното тело на ЕУ сега му испрати на Берлин т.н. „образложено мислење“, давајќи им на германските власти два месеца да одговорат, пред да биде целиот случај изнесен пред Европскиот суд на правдата, највисокиот суд на ЕУ.

– Познато е дека Германија со години невешто постапува во однос на „Натура 2000“. Владата и сојузните држави се обидуваат да ја избегнат оваа тема затоа што не сакаат да имаат проблеми со земјоделците и со сопствениците на шуми – вели Мартин Хауслинг, европратеник од редовите на зелените.
Тој смета дека германската влада не разбира зошто постои „Натура 2000“ и нагласува дека со евентуална пресуда „ќе ја научи својата лекција“.
Дали Германија ќе мора да плати уште повисоки казни? Тоа не мора да се случи, зашто постапките за прекршување против земјите-членки на ЕУ не се ништо ново и обично се решаваат пред да стигнат во последната фаза. Комисијата секој месец проверува дали земјите-членки правилно ги применуваат директивите на ЕУ и ги предупредува сите што, според неа, не го прават тоа. Затоа, секоја земја-членка има голем број отворени постапки, од кои повеќето се затвораат пред да се наметнат санкции.

Сепак, неодамнешните тврдења на некои медиуми дека Германија е земја со најмногу прекршочни постапки, всушност, се неточни. Базата на податоци на Европската комисија открива дека во тек се 1.559 активни постапки против 27 земји-членки на ЕУ и дека против Германија се водат 76 активни постапки. Повеќето од нив се однесуваат на даноци и царини, по што следуваат мерките за заштита на животната средина и прекршувањето на правилата на ЕУ поврзани со внатрешниот пазар и индустријата. Со 76 активни постапки, Германија е петтиот најлош прекршител во ЕУ, зад Шпанија (93 постапки), Грција (89), Италија (82) и Полска (78). Самиот број на активните постапки не открива многу за сериозноста на прекршоците.
Сепак, ако не ги почитува регулативите за заштита на водата и регулативите од „Натура 2000“, Германија наскоро може да се најде пред Европскиот суд на правдата во Луксембург.