Според новиот германски закон, технолошките оператори мора да потврдат дека 5Г-мрежите нема да ги користат за „саботажа и шпионажа“

Безбедносниот план за 5Г на германската влада тивко му овозможува на „Хуавеи“ да ги користи домашните телекомуникациски мрежи, што може да резултира со големи импликации по одбраната и безбедноста на Европа, смета Берил Томас од Европскиот совет за надворешни прашања (ЕЦФР)

Како ќе се одразат новите германски закони за сајбер-безбедност врз „Хуавеи“, Европа и НАТО?

По двегодишно одложување, на крајот на 2020 година германското министерство за внатрешни работи конечно го претстави долгоочекуваниот предлог за тоа каква улога ќе имаат високоризичните компании како „Хуавеи“ во воведувањето на германската 5Г-мрежа. Одговорниот министер во Владата, Хорст Зеехофер, го поздрави новиот предлог-закон за информатичка безбедност и го нарече „напредок во сајбер-безбедноста на Германија“. Но останува неодговорено прашањето за безбедноста на операторите, затоа што се чини дека Берлин нема желба да им го забрани пристапот на сите поединечни конкуренти до германските 5Г-мрежи.
Законодавството доби сериозни критики за нивниот бирократски пристап на проблемот со „Хуавеи“. Наместо да заземе поцврст политички став по однос на прашањето, Берлин создаде сложен дводелен механизам на оценување на телекомуникациските оператори што сакаат да добијат пристап до германските 5Г-мрежи. Покрај техничката процена, нацрт-законот наложува операторот да издаде декларација дека неговите елементи нема да се користат за „саботажа или шпионажа“. Кога ќе биде регистрирана, компанијата влегува во еден вид тест-период од 30 дена во кој релевантните министерства во Берлин мора да одлучат дали ќе ѝ дозволат да ја користи германската 5Г-мрежа.

Заштита од шпионажа

Овој механизам можеби навидум изгледа дека нема да го блокира пристапот до германските мрежи доколку министерството се сомнева во идниот оператор. Но законот само овозможува да му се забрани пристапот на операторот ако сите вклучени власти се едногласни во таа одлука. Ако политичарите не можат да донесат едногласна одлука, во тој случај операторот ќе може да ја користи 5Г-мрежата и по истекот на пробниот период од 30 дена. За „Хуавеи“ ова би било голема победа, со оглед на тоа што дебатата за 5Г веќе трае две години во Германија и малку е веројатно дека идните меѓувладини спорови за безбедноста на операторите би се решиле за еден месец.
Додека Берлин продолжува да тапка во место за безбедноста на операторите, домашните телекомуникациски компании веќе ја вклучија опремата на „Хуавеи“ во нивните 5Г-мрежи. За нив ова претставува еден вид коцка, затоа што можеби ќе бидат принудени да ги заменат мрежните компоненти доколку Берлин на крајот реши целосно да ја забрани кинеската технологија, за што постојат големи шанси во рамките на сегашниот нацрт-закон. Но можеби вреди да се ризикува, бидејќи германските телекомуникациски компании се во долгогодишно партнерство со „Хуавеи“ и во нивните постојни мрежи е вградена децениска опрема, па така секоја нејзина замена би чинела многу време и пари.

Иако законот за информациска безбедност се очекува да биде изгласан во парламентот во текот на оваа година, клучната клаузула за 5Г е закопана во обемниот текст што опфаќа широк спектар на промени, а на парламентот ќе му биде потребно повеќе време за да го анализира. Ова значи дека првиот тест за клаузулата за забрана на недоверливи оператори се очекува да биде дури откако ќе завршат парламентарните избори во Германија закажани наесен. Во меѓувреме, операторите може да ги користат компонентите на „Хуавеи“ без никаков проблем во нивните 5Г-мрежи што може да им даде на индустриските лидери поголема моќ во однос на некои идни политички напори за да ѝ се забрани пристапот на кинеската компанија до германските телекомуникациски мрежи.

„Хуавеи“ проблем за Берлин

Германската „одлука“, која беше донесена на крајот од претседателствувањето со Европскиот совет, кое се фокусираше на една посилна и пообединета Европа, всушност ја стави неа во судир со други европски земји, како Велика Британија и Шведска, кои го блокираа „Хуавеи“ од своите домашни мрежи додека Франција има политика за целосна забрана на кинеската компанија за влез на тој пазар. Германија исто така ги игнорираше желбите на САД, кои почнаа да го креваат алармот за „Хуавеи“ како закана по националната безбедност уште во 2018 година. Фатена во огнот меѓу САД и Кина, Ангела Меркел вешто балансираше со барањата на Вашингтон и економскиот фактор на Пекинг. Нејзиниот мандат веќе полека истекува, но скорашната потврда на Армин Лашет како нов лидер на Демохристијанската партија и неговото можно доаѓање на канцеларската позиција укажува дека ставот на партијата во однос на Кина нема да се промени.

Лашет беше посакуваниот кандидат на Меркел и се смета за „нејзин достоен наследник“ поради сличните политички приоритети.
Сепак, како лидер во рамките на Европа, поддржувач на демократските вредности и еднаквите услови во трговијата, цврстиот германски став за да не го забрани „Хуавеи“ ја става државата во незавидна позиција кога станува збор за меѓународните напори за соработка во однос на 5Г-технологијата. Постојните идеи, како британскиот клуб на 10 демократии во борбата против кинеската експанзија на 5Г-технологија или предложената Технолошка алијанса на 10 демократии, делат иста цел во намалувањето на кинеската доминација во 5Г-технологијата и технолошката инфраструктура. Дури и самите 5Г технолошки алатки на Европа, кои Германија ги поддржува, бараат „координиран пристап“ кон безбедноста на 5Г-мрежите како на домашен терен, така и на ниво на Унијата. Но Германија не може лесно да се залага за меѓународна соработка за новите технологии ако го занемари својот однос со „Хуавеи“. Неодлучноста на Берлин во однос на кинеската компанија само ќе ги охрабри помалите држави со послаби економии да се повикаат на германскиот пример во избирањето на финансиски попристапните кинески технологии за нивните домашни 5Г-мрежи.

Импликации врз НАТО?

Одлуката на Берлин ќе се одрази и врз НАТО. Со тоа што Германија сака да го поддржи и охрабри американскиот придонес во организацијата, цврстата неодлучност што ја има кон „Хуавеи“ претставува чекор назад во обновувањето на односите со Вашингтон. Во однос на 5Г-технологијата, водечките членки на НАТО, како САД и Германија, треба да се залагаат за да има постојана координација преку стандардите во целиот блок и да има минимални побарувања за безбедност на мрежите. Ваквата координација од самиот почеток е неопходна затоа што 5Г ќе ѝ донесе нови можности на Алијансата за споделување податоци и разузнавачки материјал, а ќе овозможи користење на новите технологии базирани на вештачката интелигенција и машинското учење. Но со напредната мрежна поврзаност доаѓа и зголемена ранливост, а НАТО може да го реализира целосниот потенцијал на 5Г само ако постои координација меѓу сите членки.
Со овој нацрт-закон, Берлин ефикасно ја зацврсти својата позиција во однос на 5Г-технологијата. Останува да се види како ќе изгледа тоа законски во своја конечна форма, но јасно е фаворизирањето на Берлин за кинеската технологија пред желбите на Брисел. Доколку германската влада не успее да преземе конкретни чекори за да го блокира „Хуавеи“ во своите мрежи, новиот закон ќе ја стави Германија на спротивни страни со своите клучни сојузници во однос на прашањето што има сериозни последици по безбедноста, одбраната и економијата.