За да засадиме доволно дрвја за да впијат доволно јаглерод, ќе треба од корен да го промениме начинот на кој го користиме земјиштето

Промени за подобра животна средина

Иако климатското геоинженерство звучи страшно, сепак научниците порачуваат дека тоа ќе се случи без разлика дали ние сакаме или не, вели Мојра Донеган за „Гардијан“

Реалностите за климатските промени секојдневно ги полнат првите страници во медиумите. Се уриваат температурни рекорди, беснеат пожари и нема знаци дека работите се враќаат во „нормала“, туку се очекува само да се влошат. Минатата година, кога планетата се бореше со појавата на пандемијата на коронавирусот, човештвото ги положи надежите во технологијата во форма на иРНК-вакцина што нè извлече од кризата. Вакцината беше технолошка интервенција што ја примија милијарди луѓе. Дали и ние треба да почнеме да бараме и технолошки решенија за климатската криза? Ова е прашањето што го поставува Холи Џин Бак во нејзината книга „По геоинженерството: климатска трагедија, акција и обнова“ од 2019 година. Темпото на климатските промени и недоволната реакција на човештвото, веќе практично го направија изборот, а тоа е дека ќе мора да се вклучи некој вид „геоинженерство“. Геоинженерството се однесува на секаков вид начини на кои луѓето можат да интервенираат за да направат промени во климата. Двата главни типа геоинженерство се јаглеродното инженерство, кое има цел да го вшмука јаглеродот од атмосферата и соларниот инженеринг, чија цел е да ја одбие сончевата енергија подалеку од Земјата.

Како да се отстранат големите количества јаглерод?

Бак смета дека сега сме во климатска криза, чие ублажување не се случува доволно брзо. Адаптацијата бара многу повеќе поддршка отколку што се добива и е јасно дека треба да се отстранат околу стотици милијарди гигатони јаглеродни емисии од атмосферата. Таа додава дека поради целокупната досегашна емисија, затоа сега имаме толку многу наследен јаглерод. Предизвикот не е само да се намалат емисиите, туку „да се отстрани јаглеродот што е горе во атмосферата што претставува огромна операција за чистењето што треба да се преземеме во овој век. Идејата за намерно менување на климата може да биде застрашувачка и одбивна, вклучувајќи и за многу еколози. Но Бак тврди дека климатското инженерство ќе се случи сакале ние или не. Наједноставниот облик на геоинженерството е отстранување на јаглеродот со садење дрвја. Промената на земјоделските практики може да се искористи за складирање повеќе јаглерод во калта. Други стратегии вклучуваат складирање јаглерод во мочуриштата, збогатување на океаните со железо или различни пристапи што вклучуваат атмосферски влијанија врз карпите.
Но решенијата поврзани со почвата, иако важат корисен почетен чекор, веројатно нема да бидат доволни, вели Бак. За да засадиме доволно дрвја за да впијат доволно јаглерод што ќе помогнат во ладењето на нашата планета, ќе треба од корен да го промениме начинот на кој го користиме земјиштето, така што економија и нашите животи ќе станат непрепознатливи. Бак предупредува дека голем дел од ваквите пристапи се и самите ранливи на климатските промени.

„Заробување“ на јаглеродот под земја

Копнените решенија не се единствената опција. Отстранувањето на јаглеродот исто така може да се постигне со индустриски технологии. Бак укажува на стратегија за ублажување на јаглеродот наречена геолошко заробување на јаглеродот, која веќе широко се користи за намалување на емисиите од индустриите што се најголеми загадувачи. Ваквиот процес опфаќа инјектирање јаглерод под земја, на пример во пештера, и се чува таму под карпите многу долго време, но треба постојано да се следи за да остане таму каде што е. Сепак, постојат ризици од инјектирање големи количества јаглерод во карпи. Бак го критикува нерегулираниот процес на хидраулично фрактурирање, познат и како „фракинг“, што предизвика земјотреси во некои делови на САД. Но научниците научија од тоа искуство и постојат технологии за безбедно да се задржи јаглеродот под земја. Оваа техника се покажа ефикасна во намалувањето на јаглеродните емисии на индустриско ниво и веќе се користи со децении, што значи дека е докажана нејзината безбедност.

Соларното геоинженерство проблем или решение?

Соларното геоинженерство е една идеја за решение во борбата со климатските промени, иако досега теоретско. Тоа вклучува „блокирање на дел од влезната сончева светлина и одбивање назад во вселената, при што се постигнува ефект на ладење“.

Повеќето техники за соларно инженерство вклучуваат употреба на специјални авиони за испуштање гас во стратосферата. Честичките на гасот ќе ја рефлектираат сончевата светлина, менувајќи ги и квантитетот и квалитетот на сончевата светлина што стигнува до земјата. Овој вид геоинженерство, секако, барем некое време би придонел во ладењето на планетата. Но тоа нема да го реши главниот проблем на преголемото присуство јаглерод во атмосферата. Соларниот геоинженеринг може да создаде други проблеми, според Бак. Бак е оптимистка дека човештвото ќе успее да се избори со климатските промени без да мора да прибегне кон соларното геоинженерство. Таа има амбициозна визија, според која, ќе бидат потребни меѓународна соработка и огромни подобрувања на инфраструктурата. Тоа исто така би значело дека САД и другите капиталистички земји ќе треба да се преориентираат кон поцентрално планирана економија, посветена помалку на максимизирање на растот отколку на минимизирање на јаглеродот.