Вториот бран од пандемијата со себе донесе огромно незадоволство и социјални безредија во европските држави

Карантините се вратија, но овој пат има голема разлика. Додека земјите низ Европа носат построги мерки за забавување на темпото на вториот бран на епидемијата на коронавирус, Европејците имаат чувство дека се вратила пролетта. Но освен промената на годишното време, променето е и нешто друго, а тоа е сѐ поголемата реакција на карантинските мерки.
– Овој пат имаме работа со двајца непријатели, самиот коронавирус и заморот од коронавирусот – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Како што заразата се интензивира во цела Европа, а болниците одново се полнат, владите усвојуваат повеќе мерки, вклучувајќи и нови блокирања во Белгија, Франција, Германија и во Британија и строги ограничувања во Шпанија, Италија, Грција, Португалија и во Австрија. Но овој пат тие не се толку добро прифатени, бидејќи луѓето се борат со економските тешкотии и многумина сметаат дека сегашната ситуација може да се избегне, што е знак за неефикасност на владата.
Италија е најочигледен пример. Земјата беше меѓу најтешко погодените пролетоска и уживаше во летната пауза, кога продолжија повеќето активности.

Но скокот на инфекциите ја принуди Владата да донесе нови строги мерки, вклучувајќи и затворање на баровите и рестораните во 18 часот. Деновиве имаше протести во Неапол, по најавата за регионална блокада, која подоцна беше повлечена од регионалниот гувернер. Во Рим, група поврзана со Форца нова, неофашистичка партија, се судри со полицијата додека протестираше против ноќниот полициски час и „санитарната диктатура“. Демонстранти беа уапсени и во Милано на протест против новите ограничувања, меѓу кои и затворањето на баровите и рестораните.
Премиерот Ѓузепе Конте рече дека разбира дека новите ограничувања „предизвикуваат бес и фрустрации“, но предупреди на ризикот од „инфилтрирање“ на протестите од „антагонистички групи што се обидуваат да разгорат судири“.
Додека мнозинството Италијанци ги поддржуваат новите усвоени мерки, па дури и построгите, една четвртина од Италијанците сметаат дека тие се претерани, според една анкета.
– Протестите се хранат од растечкото чувство на нелегитимност кај оние што го носат товарот на економските штети од пандемијата – смета Клифорд Стот, професор по социјална психологија на универзитетот „Кил“ и член на телото што ја советува британската влада за пандемијата.

Според Сот, економските болести „нееднакво го погодуваат општеството и ова создава контекст на зголемено обесправување на оние што најмногу страдаат, вклучувајќи ги тука сиромашните и младите.
– Сфаќањето дека ова ќе се влоши само создава контекст во кој конфликтите стануваат поверојатни – вели тој.
Италија не е сама во соочувањето со социјални немири. Во Шпанија, протестите против ограничувањата поради коронавирусот се претворија во насилства во неколку града. Десетици луѓе беа уапсени и околу 30 полицајци беа повредени во судири во Мадрид, Барселона и во други градови.
Во Брисел, полицијата растури неодобрен протест против мерките. Земјата, која сега има најголем број инфекции по жител во Европа, објави втор бран рестрикции.
Во Берлин, полицијата пријави подметнат пожар во институтот „Роберт Кох“ на 25 октомври, сомневајќи се во политички мотиви зашто институцијата ја советуваше Владата за пандемијата. Истиот ден неколку илјади демонстранти маршираа против ограничувањата во германската престолнина. Тоа беше хетерогена толпа, која вклучува ултрадесничари, скептици кон вакцините и луѓе што веруваат во теории на заговор дека 5Г-технологијата го шири вирусот.

Напнатоста го одразува растечкото чувство на незадоволство од начинот на кој лидерите во Европа се справуваат со пандемијата, бидејќи ефектот на единство што го зголеми нивниот рејтинг за време на првиот бран на пандемијата, сега го нема и поддршката се намалува. Најзначајно намалување на рејтингот е регистрирано кај британскиот премиер Борис Џонсон, кој уживаше популарност од 67 отсто во април, додека сега 55 од Британците не го одобруваат неговото справување со кризата, според анкета на „Политико“.
Италијанецот Конте уживаше рекордна популарност од 70 отсто за справувањето со пандемијата во март, но во септември беше поддржан од помалку од половина од анкетираните граѓани. Дури и во Германија, каде што канцеларката Ангела Меркел продолжува да ужива високи нивоа на поддршка, 51 отсто од Германците во октомври ги поддржуваа мерките усвоени од Владата, но тоа, сепак, значеше пад за осум отсто само за еден месец.
Крајната десница, која доживеа колапс на анкетите за време на првиот бран на пандемијата, сега се обидува да го искористи растечкото незадоволство. Во Италија, крајно десничарските политички лидери се противат против второ заклучување, што, според нив, би било „поразително за Италија и за економијата“.

Фабио Цицилијано, член на научното тело што ја советува италијанската влада за пандемијата, нагласува дека политизацијата на мерките за јавно здравје го намалува нивното прифаќање кај пошироката популација.
– Овие информации може некогаш да бидат полезни, но некогаш може и да предизвикаат социјални протести – нагласува тој.